ВЛАТКО ГО ИСПРАТИ ОЛИВЕР СО „МАГДАЛЕНА“: Магичен концерт на гитарскиот мајстор во Охрид
Свирејќи дел од познатата „Молитва за Магдалену“, Влатко Стефановски му оддаде почит на Оливер Драгојевиќ, на концертот во Античкиот театар во Охрид. Не сакам да бидам патетичен и затоа ќе отсвирам дел од оваа нумера која инаку ја свирам. Збогум Оливер Дргагојевиќ“, рече Влатко. Ова беше само еден од магичните моменти на вечерта со гитарскиот виртуоз.
Од „Абер дојде Донке“ за почеток до „Чукни во дрво“ за крај, музичкото патување со Влатко и со неговите гости понуди безброј аплаузи, овации и изненадувања. Сепак, тоа што на старт го вети, дека ќе не забавува и ќе не развесели, од него сите го очекувавме и го добивме. Тешко е да се рече дали беше поинтересен неговиот „натпревар“ со гостинката од Србија, Биља Крстиќ во тоа кој подобро ќе го отпее-отсвири „Калајџиско оро“ или Влатко во трио со Теодосиј Спасов од Бугарија и Танос Ставридис од Грција, или пак нежната „Елено ќерко“ која беспрекорно ја испеа Верче а ја отсвирија со Оливер од групата „Љубојна“ . Глас кој стоплува и заледува истовремено е секако оперската дива Весна Ѓиновска- Илкова, во „Македонско девојче“, „Учи ме мајко, карај ме“ и „Con Te Partiro“.
Влатко со гостите и со организаторот на пробата пред концертот
„Носталгијата е во мода, затоа што секогаш мислиме дека она што поминало е поубаво од она што не чека утре“, рече Влатко пред да ја најави „Мирно лето охридско“, која му ја посветил на Охрид, неговата вечна инспирација. Големината на Стефановски не е само гитарската мајсторија, туку и неговата едноставност и непосредност. Од познати регионални и светски сцени до неговото маало, Тафталиџе, тој за нас останува оној што ја напиша култната „Скопје“, и ја остави за бис и за овој концерт. Кога сме кај „Леб и сол“, не се заборава колку публиката верно го следеше во изведбата на „Чувам ноќ од будних“.
На полноќ, како да е Нова година, Влатко покажа на часовникот и го честиташе Илинден. И да не се случеше на големиот празник, овој концерт секако беше празник самиот по себе.
Концертот на Влатко Стефановски во организација на „Баги комуникации“, го поддржа Македонски Телеком, кој воедно е главен покровител на „Охридско лето”.
Милица Џаровска