Во длабините на свештеното предание, монаштвото не е само избор и начин на живот, туку, пред сѐ, живo Евангелие: Жива и здрава сестра Текла
На големиот христијански празник „Рожденство на пресвета Богородица“ во еден од најубавите манастири кај нас „Света Богородица - Пречиста“, во манастирската црква „Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста“ се замонаши девојка.
Ако ги погледнете фотографиите ќе види во нејзините очи неверојатна радост, за нејзиното замонашување.
Жива и здрава сестра Текла!
„„Монаштво“, ќе каже во една прилика нашиот монашки родител во Христа, Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, „е срцето на духовниот живот на Црквата, врутокот од кој извираат светителите и учителите на богопознанието. Во длабините на свештеното предание, монаштвото не е само избор и начин на живот, туку, пред сѐ, применета теологија, живo Евангелие, подвиг за ослободување на човекот од стегите на овој свет, со цел да се постигне вистинската и вечна слобода во Христа.
Човечката природа, низ монашкото жителство, се преобразува преку учество во животот на Воскреснатиот Христос. Тој подвиг не е само аскетско отфрлање на светот, туку пред сè и над сè – љубовна жртва, во која монахот го вложува сето свое битие во стремежот кон совршенството, кон Бога. Овој подвиг е икона на есхатолошкото Царство, во кое човекот станува она што е предназнаечен да биде – образ и подобие Божјо.
Оттука, монаштвото е пат на обожение, каде што човекот, преку богослуженијата, непрестајната молитва и соединувањето со Божествената благодат, го восовршува своето битие. Монашкиот живот е повик на отфрлање на себичноста, егоизмот и личните желби, заради прифаќање на Христовата волја, преку смирение, послушание трпение и љубов.
Во монаштвото се открива вечната вистина дека човекот е создаден за заедница со Бога. Секој монах во својата ќелија е еден мал свет, но и арена во која се одвива битката за вечниот живот. Монасите не се само испосници и молитвеници, туку и живи сведоци на Царството кое веќе започна, ’на царството Божјо, дојдено во сила‘ (Марко 9,1), но кое допрва ќе се објави во својата полнота. Монасите преку својата посветеност го покажуваат патот за секој Христијанин – патот кон лична преобразба и воскресение.
Со еден збор, монашкиот живот е вистинска и врховна теологија во дело, она што Отците на Црквата го нарекуваат „литургија на срцето“, каде што секој миг од животот е принесен како жртва на љубовта и стремежот кон Бога, преку непрестајниот спомен на Господовото име и присуство“ (Извадок од монашки синаксис, септември 2024 г.).
Фото: Инстаграм - bigorskimanastir