Во карантинот, за 20 дена приготвивме 4.000 ланч пакети за семејства од висок ризик: Утринско кафе со Атила Хасан

Обожавам денот кога ми започнува со позитивни мисли,огромна позитивна енергија за достигнување на невожможното и мотив за чекорење по скалилата на успехот. Сакам првото кафе, турско без шеќер да го испијам сам со проверка на електронската пошта и социјалните мрежи,но затоа во мојот омилен оброк - турски појадок со неколку турски чаеви го уживам со мојата сопруга. 

Ме мотивираат успешните луѓе, луѓе со срца полни љубов, без љубомора и злоба. Едноставно најголем мотив ми е секоја убава приказна! 


Навидум секој ден ми е со исти обврски, но со толку многу различни планови и проекции. Вообичаено работниот ден ми започнува со посета на она кое живот ми значи, моите ресторани. Средба со вработените, набавка на потребните намирници. Најчесто по 13 часот секој ден (освен недела, тој ден ми е резервиран за фамилијата), ми е полн со состаноци. Тековно, сам го креирам секој маркетинг пост на социјалните мрежи, креирање на акции со комбинација од највкусната храна. Денот и моите обврски никако не ми поминуваат без да вкусам нешто од ресторанот.


Првите неколку дена од карантинот ги искористив да се наспијам (секогаш ми фали сон). Откако увидов дека неколку месеци нема да имам никакви работни обврски почнав да го креирам бизнис планот за 2020 и 2021 година за развој на угостителскиот бизнис. Позитивно од карантинот е тоа што имав повеќе време за моето сѐ, многу насмевки и многу разговори. Најубавиот дел беше организираната хуманитарна акција во која успеавме за околу 20 дена да приготвиме околу 4.000 ланч пакети со намирници за семејства од висок социјален ризик. Очекувано, карантинот ни остави траги во нормалното функционирање


Денот редовно ми завршува со вечера со сопругата, разговор за поминатиот ден. А, ноќта ја завршувам со планови за утрешниот ден.

Сакам книги и романтични филмови, но најмногу од сѐ сакам да седнам и обработам неколку фотографии


(*Атила Хасан -Менаџер на угостителски објекти)