Во Кина се возев со автономно такси возило, без возач: Анита Буховски за патувањето на Далечниот исток

Добивај вести на Viber

Најпознатата држава во Азија, а од неодамна и земјата со најбогата и најразвиена економија во светот е Кина. Оваа далечна земја има многу богата историја, позната по гостопримливоста на Кинезите, редот и дисциплината, а пред се‘ по чувањето на природата и нејзините богатства неодамна ја посети новинарката Анета Буховски, која е дел од тимот на „Фактор“. 

Таа таму отпатувала за да учествува на студиската програма "China Development Studies and Media Exchange", организирана од CIPCCP (China International Press Communication Center Program), како дел од група новинари од Централна и Источна Европа – вклучувајќи претставници од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Албанија, Полска, Унгарија и Бугарија. Што најмногу ја фасцинирало, кои места ги посетила, какви јадења пробала од традиционалната кинеска кујна, кои спомени ги „собрала“ открива за Женски магазин.

*Зошто патувавте за Кина. Која причина ве однесе на далечниот исток?

- Патувањето во Кина не беше нешто што го имав однапред испланирано или посакувано од долго време. Всушност, поканата дојде сосема неочекувано, но кога ја добив од Кинеската амбасада во Скопје за учество во студиската програма "China Development Studies and Media Exchange," организирана од CIPCCP (China International Press Communication Center Program), веднаш почувствував огромна возбуда и благодарност. Иако на почетокот не очекував ваква можност, таа покана отвори едно ново поглавје за мене, предизвикувајќи ми да размислувам подлабоко за мојата љубопитност и желба за постојано професионално и личносно надградување. 

Со самото добивање на поканата, мојата љубопитност уште повеќе се зголеми – чувствував дека ова е можност не само да ја истражам една од најмоќните земји во светот, туку и да ги научам тајните на нивниот медиумски систем, културен пејзаж, и нивниот начин на размислување. Кина отсекогаш ме фасцинирала, особено поради нејзината длабока историја и динамичниот развој. Желбата да ја запознаам нејзината култура одблизу и да ги проширам моите знаења за медиумите, кои играат клучна улога во модерниот свет, беше голема. 

Оваа програма беше совршена платформа за тоа – ми овозможи да комуницирам со медиумски професионалци од цел свет и од самата Кина, да ги согледам нивните уникатни пристапи кон известувањето и медиумската организација, и истовремено да го откријам богатството на кинеската култура, историја и традиции. Со секој нов ден во Кина, сфаќав колку е важно постојаното учење и надградување, и ова патување го претвори моето неочекувано искуство во едно од најзначајните и највозбудливите во мојот живот. 

*Дали патот до таму е тежок т.е предолг и кои се документи се потребни за престој таму?

- Подготовките за моето патување во Кина бараа одредени чекори, кои, иако беа формалност, беа дел од возбудата и неизвесноста за големото патување што ме очекуваше. Прво требаше да направам неколку контролни здравствени прегледи за да докажам дека сум здрава, што беше услов за аплицирање за визата. По завршувањето на прегледите, сета потребна документација ја доставив до Кинеската амбасада во Скопје, каде што добив и обрасците за апликација. За оваа конкретна студиска програма ми беше потребна новинарска виза, која е означена како J12. Оваа виза важи шест месеци, а мојот престој таму беше скоро четири месеци.

Летот до Кина беше уште еден дел од искуството. Патував преку Истанбул, бидејќи тоа е најбрзата и најчеста рута, и трае околу 12 часа до Пекинг. Сепак, поради временската разлика, се чувствуваше како да сум патувала речиси 24 часа. Турција е два часа пред нашето време, а Кина шест часа, па кога слетав во Пекинг, имав чувство дека времето „летнало“ пред моите очи. 

И покрај долгото патување, чувството на неизвесност, возбудата, и очекувањето беа постојано присутни. Организаторите на студиската програма ми ги обезбедија сите потребни контакти пред моето заминување и ме пречекаа на аеродромот во Пекинг, што го направи целиот процес многу поедноставен и безгрижен. Секој момент беше исполнет со возбуда – тоа чувство дека започнуваш нова авантура во еден сосема нов свет беше незаборавно.

*Колку време престојувавте таму? Кои места според вашето искуство треба да се посетат барем еднаш во животот?

- Во Кина престојував скоро четири месеци, што на почетокот ми изгледаше како долг период, и мислев дека ќе имам доволно време да видам сè што земјата има да понуди. Но, уште по првите неколку недели, сфатив дека дури и четири месеци не се доволни да се открие богатството на оваа огромна земја. Кина е неверојатно комплексна, не само поради нејзината големина туку и поради разновидноста на култури, пејзажи и начини на живот.

За време на студиската програма, имаше околу стотина учесници од целиот свет. Бевме поделени во различни групи, а јас бев во групата со новинари од Централна и Источна Европа – вклучувајќи претставници од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Албанија, Полска, Унгарија и Бугарија. Луѓето од поранешните ЈУ-републики стана моето ново семејство. Кога си илјадници километри далеку од домот и семејството, природно создаваш нови блиски врски со луѓето околу тебе. Ние буквално станавме како едно семејство. Тоа чувство на поврзаност беше неверојатно, и уште денес сме во контакт и негуваме силни пријателства. 

Секако, остварив цврсти пријателства и со многу други учесници од други делови на светот. Колеги од Блискиот Исток, Јужна Америка, Африка и Ерменија останаа во моите мисли и срце, па неретко се слушаме, си пишуваме, едноставно поврзаноста како да стана уште посилна откако програмата заврши. Секој од нас имаше уникатно искуство бидејќи посетувавме различни провинции на Кина, и нашите рути ретко се поклопуваа. Така на пример, додека новинарите од Јужна Америка беа во Сичуан, ние бевме во Шандонг – две сосема различни провинции со свои уникатни култури и пејзажи.

Иако не можевме да видиме сè, секој ден ни беше исполнет со нови искуства и откритија. Дури и самиот Пекинг, со својата популација од над 25 милиони жители, е град што не може да се истражи целосно за толку краток период. Сепак, можам да издвојам неколку моменти кои засекогаш ќе ги паметам...

Кина е земја која не само што ја искусив преку текстови и статии, туку со сопствените очи видов колку длабока и динамична е нејзината трансформација. Пред моето патување, ние новинарите на „Фактор“, во соработка со Кинеската амбасада во Скопје, редовно објавувавме текстови од најмоќните кинески медиуми. Најчесто, овие статии се за неверојатниот економски развој на Кина, но не може целосно да се пренесе впечатокот преку текстови и фотографии. Кога ја видов Кина одблиску, сето тоа доби сосема нова димензија.

Еден од примерите е пристаништето во Нингбо. Пред да отпатувам за Кина, имав објавено неколку текстови за ова пристаниште, но кога го посетив лично, целосно ме воодушеви. Го видов огромниот простор исполнет со илјадници контејнери, товарени на масивни карго бродови кои секојдневно заминуваат до илјадници дестинации низ светот. Ова не е само економска активност, туку реална и жива поврзаност која Кина ја остварува со светот.

Слична беше сликата и со 55-километарскиот мост кој ги поврзува Макао, Хонг Конг и Жухаи. Тоа е вистинско архитектонско чудо кое ги симболизира инженерските и технолошки достигнувања на Кина.

Тјанџин е еден од оние градови во Кина што носат уникатна историја и културна разновидност. Ова е местото каде што Марко Поло прв пат стапнал кога дошол на Далечниот Исток, што го прави град со големо историско значење. Она што најмногу ми остави впечаток беше европската архитектура што го одликува овој град. Делови од Тјанџин потсетуваат на Британија со своите класични градби, додека други делови имаат италијански шарм. Токму оваа мешавина на култури и стилови го прави Тјанџин едно од најфасцинантните места што ги посетив во Кина. 

Понатаму, Шангај како светски финансиски центар е фасцинантен, особено со неговата икона The Tower of Shanghai, висока 632 метри, која е меѓу највисоките кули во светот и има капацитет да прими 16.000 луѓе. Шангај е вистински глобален бизнис центар и еден од најдинамичните градови во светот. Градот е дом на некои од најголемите банки и финансиски институции, како и Шангајската берза, која е меѓу најголемите во светот. Познат по својата импресивна хоризонтала, Шангај го симболизира модерниот кинески успех и напредок. Многу интернационален, градот привлекува голем број странци кои доаѓаат тука за бизнис и работа, што му дава космополитски дух и уникатен микс на култури. Но, она што би го издвоила од Шангај е еден од напознатите локали Yugo Grill. Во срцето на Шангај, со колегите од Црна Гора, Словенија и Хрватска го доживеавме еден од најнезаборавните моменти за време на нашето патување. Во тој мал балкански ресторан, меѓу аромите на скарата и звуците на југословенската музика, успеавме за момент да се вратиме во времето и да ја почувствуваме топлината на Балканот, и тоа илјадници километри далеку од дома. 

Посетата на Веифанг, каде што се одржува Традиционалниот фестивал на Летање змејови, беше уште едно уникатно доживување. Илјадници луѓе од целиот свет доаѓаат тука за да се натпреваруваат, и небото беше исполнето со шарени змејови, што создаде неверојатна атмосфера.

Исто така, искуството во Шенжен беше вистинска технолошка авантура. Го посетивме седиштето на Huawei, каде што останавме без здив гледајќи го Кампусот за истражување и развој, наречен Ox Horn. Овој кампус се простира на 3,5 квадратни милји и се состои од 12 „градови“ со имиња како Париз, Верона и Бриж, со згради дизајнирани по примерот на замоци и палати. Кампусот е дизајниран за да прими 25.000 вработени и беше поврзан со приватни трамваи и возови, што создаваше чувство како да си во минијатурна Европа. 

Фасцинантно беше искуството да се видат одблиску кинеските автомобилски гиганти како што се BYD, Geely, и посебно компанијата BAIC, каде што имав чест да учествувам во промоцијата на нивните нови возила. Заедно со раководството на BAIC, одржав говор – еден од оние моменти кои засекогаш ќе ги паметам. Посетивме нивните фабрики и бевме сведоци на процесот на производство на овие возила, што уште повеќе ја нагласи моќта и капацитетот на кинеската автомобилска индустрија. 

Едно од најнезаборавните искуства беше тоа што имавме можност да се возиме во автономни такси, без возач. Возачкото седиште беше целосно празно, а воланот сам се вртеше додека автомобилот се движеше низ улиците на Пекинг – чувство кое е истовремено и возбудливо и чудно. Технологијата која некогаш ја гледавме како дел од иднината, сега беше реалност во Кина. 


Сепак, за мене како новинарка, огромна придобивка е блиската соработка со колегите од најголемите кинески медиуми – CCTV, CCTV+, China Daily, CGTN, CMG, SMG, и новинската агенција Xinhua. Имавме можност да видиме како функционираат овие медиуми одвнатре, и тоа преку практикантска работа, каде што се уверивме во нивниот технолошки напредок и иновации во медиумската индустрија. Тоа беше незаменливо искуство што засекогаш ќе остане дел од моето професионално надградување.

Овие моменти, заедно со многу други, го прават мојот престој во Кина навистина посебен и уникатен.

Кина е земја која остава без здив, особено кога ќе се посетат нејзините најголеми културни и историски споменици. Секако, не можам да кажам дека сум била во Кина ако не се искачив на величествениот Кинески Ѕид, едно од најимпресивните чуда на светот. Магијата на оваа древна градба ме пренесе назад низ вековите, додека гледав како пејзажот се простира бескрајно пред мене. Тоа чувство на историја, култура и огромност беше навистина неверојатно. 

Забранетиот град, со своите бескрајни палати и дворови, остави силен впечаток на мене. Неговата историја е испреплетена со судбините на кинеските императори и нивните семејства, и секој чекор низ ова место носеше чувство на грандиозност и мистерија. Како да го осетив духот на минатото, длабоко втиснат во секое ќоше од оваа импозантна градба.

Храмовите во Кина, како Висечкиот храм, Храмот на Конфучие, Drum Temple, и Temple of Heaven, го носат духот на древната кинеска философија и религија. Особено магично беше чувството при зајдисонце во Sunset Palace, каде што традицијата и мирот се испреплетуваат во едно незаборавно доживување. 

Посетата на Музејот на Комунистичката партија открива многу за современата историја на Кина, додека пак Музејот на фудбалот нуди едно неочекувано откритие – дека токму во Кина е роден фудбалот, а тоа го потврдува и ФИФА. Овие места го обогатуваат искуството и оставаат траен впечаток за комплексноста и богатството на кинеската култура.

*За гостопримливоста на Кинезите се зборува многу, но кое беше вашето лично искуство. Кои разлики во менталитет ви беа вчудоневидувачки... што е она кое ве фасцинираше во нивото однесување?

- Моето искуство со Кинезите беше навистина позитивно и пријатно. Тие се премногу срдечни и секогаш подготвени да помогнат, дури и кога јазичната бариера беше присутна. Иако многу ретко ќе сретнеш некој на улица кој зборува англиски, тоа не ги спречуваше луѓето да се обидат да ти помогнат на секој можен начин – со гестови, насмевки, па дури и преку телефонски апликации за превод. Нивната љубезност беше очигледна во секојдневните интеракции, и тоа ме фасцинираше. 

Една од работите која е многу забележителна е нивната колективна свест и почит кон заедницата. Во Кина, сè се одвива како дел од една поголема целина – од редовите на метро-станиците до начинот на кој функционираат во тимска работа. Секој поединец е свесен за својата улога во општеството и заедницата, и тоа се забележува на секој чекор. Редот и дисциплина се длабоко вкоренети во нивниот менталитет.

Иако културните разлики се очигледни, нивната топлина и гостопримливост направија да се чувствувам прифатено, како да сум дел од нивната средина. Тоа беше едно од највредните искуства од моето време таму – дека љубезноста и желбата да се помогне се универзални, без оглед на јазичните и културните бариери.

*А за храната кој е вашиот коментар, дали пробавте нивна локална храна?

- Кинеската кујна е неверојатно богата и разновидна, и имав прилика да видам многу необични специјалитети, како бубачки и шкорпии, но признавам, не се осмелив да ги пробам. Сепак, не сакам тоа да звучи како неблагодарност, бидејќи кинеската храна е многу повеќе од тие егзотични јадења. Често прашував што е одредена храна, и понекогаш ќе пробав нешто ново, но најмногу се држев до јадења за кои знаев што се. 

Бидејќи сум вегетаријанец, најчесто уживав во свеж зеленчук, риба и салати, подготвени на кинески начин. Тие успеваат да направат навистина уникатни вкусови со комбинација на зачини и сосови, иако морам да признам дека храната е доста зачинета, а многу јадења се лути. Но, сето тоа беше дел од авантуристичкото гастрономско искуство кое го донесе ова патување. 

*Таму бевте како новинар, кои разлики ги приметивте во организациска смила од кај нас и кај нив?

- Веднаш забележав дека кинеските медиуми се неверојатно добро опремени, особено телевизиите. Технолошката инфраструктура е на многу високо ниво, со најсовремени студија и опрема што овозможуваат брзо и квалитетно известување. Имав можност да посетам неколку од најголемите медиумски куќи како CCTV, China Daily, и CGTN, и да видам како функционираат нивните редакции.

Покрај телевизиите, Кина има огромен број печатени весници и интернет медиуми, и сè се одвива со голема прецизност и организација. Она што беше особено впечатливо е брзината и обемот со кој се обработуваат информациите – медиумите во Кина работат со многу ресурси, големи тимови и се фокусирани на постојано производство на содржини. 

Можам да кажам дека кинескиот медиумски пејзаж е многу обемен и софистициран, со силен акцент на технологијата и брзото прилагодување на новите трендови во медиумската индустрија. Ова беше голема разлика во споредба со нашите медиуми, кои работат со многу помали тимови и ресурси.

*Кинезите дали се дружељубив народ, дали сакаат забава или повеќе се работници?

- Иако Кинезите се познати по својата работливост, прецизност и дисциплина, можам да потврдам дека исто така знаат да се забавуваат! Имавме прилика да посетиме некои од најелитните клубови во Пекинг, каде што забавата е на ниво како во најдобрите клубови во светот. Кинезите сакаат одлична музика, имаат стил и се вистински љубители на добра забава. Беше вистинско уживање да ги гледаш како се опуштаат после напорниот работен ден – со насмевки, танцување, пијалок и дружба.

Но, тоа што ги прави уникатни е нивната способност да ја балансираат работата и забавата. И покрај тоа што знаат да се забавуваат, тие се неверојатно вредни и секогаш точни. Можеби на прв поглед изгледаат како нација која е целосно фокусирана на работа, но кога ќе дојде време за опуштање, знаат да ја искористат секоја секунда за да уживаат и да создадат пријатни моменти. 


Наталија Миланова

ГАЛЕРИЈА: