Во негувањето на традиционалните семејни вредности се крие и магијата што ја носат празниците: Интервју Елена Панова, Директор за маркетинг и дигитална трансформација во А1 Македонија

Добивај вести на Viber

„Оваа година бевме фокусирани на воведување на голем број иновативни решенија и производи со кои уште повеќе ја зацврстивме позицијата на компанија која е секогаш присутна во вистинско време да ги понуди вистинските производи на резидентните и бизнис корисниците, со цел да останеме доверлив партнер на кој можат да се потпрат за сѐ што им е потребно од аспект на телекомуникации. Лансиравме и многу производи во соработка со партнери, кои се компатибилни со нашето портфолио

И следната година ќе останеме фокусирани на иновации, нови интересни решенија кои се релевантни за корисниците и со што ќе станеме уште поприсутни во нивниот живот со различни производи прилагодени на потребите и барањата на корисниците“ , вели во Новогодишното интервју за Женски магазин Елена Панова, Директор за маркетинг и дигитална трансформација во А1 Македонија.

Панова Новата година ќе ја помине во друштво во една од соседните земји, додека за Божиќ традиционално со семејството ќе биде во домашен амбиент.

„За мене Нова година и Божиќ се најубавите празници и имаат посебна магија – време посветено на семејството и најблиските и убава можност да се потсетиш на сѐ што се случило во старата година, но и да си направиш план и да донесеш битни одлуки за наредната година“, вели таа.

Повеќе читате во редовите подолу:

*Каква година имате зад вас во однос на услугите и производите кои им ги понудивте на корисниците, на вашите клиенти?

- 2023 година беше година исполнета со многу предизвици, но и година кога лансиравме голем број иновативни решенија и производи со кои уште повеќе ја зацврстивме позицијата на компанија која е секогаш присутна во вистинско време да ги понуди вистинските производи на корисниците, со цел да останеме доверлив партнер на кој можат да се потпрат за сѐ што им е потребно од аспект на телекомуникации. Покрај тоа, оваа година лансиравме многу производи во соработка со партнери, кои се компатибилни со нашето портфолио – уште кон крајот на 2022 година лансиравме производ за домашно осигурување во соработка со Триглав, потоа лансиравме осигурување на екран во соработка со Кроација Осигурување, Roadside assistance (услуга помош на пат) во соработка со ORYX, апликација за читање и слушање книги на македонски јазик, Boksy.

За бизнис корисниците најголем фокус беше посветеноста на сајбербезбедност – на почеток на годината ја организиравме најголемата конференција на тема сајбербезбедност во соработка со А1 Digital, компанија во рамки на А1 Телеком Австрија Групацијата фокусирана на ИКТ решенија првенствено за бизнис корисници. Лансиравме повеќе решенија, како на пример Offensity Security Monitoring, што претставува автоматизирано решение за откривање потенцијални слабости и слабости во инфраструктурата и му дава можност на корисникот да ја види целосната слика за ранливоста на целата ИТ-околина што напаѓачот (хакер) би можел да ја искористи за планирање и за спроведување хакерски напад. Со лансирање на Offensity Starter пакетот во 2023, оваа услуга стана, од финансиски аспект, многу подостапна за компаниите од македонскиот пазар, кои на лесен и ефикасен начин можат да идентификуваат ранливости во инфраструктурата, за потоа да превземат акции за нивно отстранување.

A1 Cyber Backup е интелигентно решение кое нуди креирање резервни копии (backup) на податоците, уреди и апликации, брзo враќање (recovery) на податоците во кое било време и заштита од ransomware напади базирана на вештачка интелигенција (AI) кое веќе се користи од деловните клиенти на А1 МКД, но со дополнувањето на оваа услуга со напредни лиценци, практично се надгради заштитата со напредни пакети кои обезбедуваат дополнителни функционалности, напредна заштита од напади, и напредно управување со безбедносните функции.


*Какви инвестиции направивте и со каква ценовна стратегија влегувате во следниот период?

- А1 Македонија контиунирано инвестира во подобрување на капацитетите на мрежата со цел подобрување на искуството за корисниците. Оваа година најважен проект беше проширување на 5Г мрежата и со гордост можеме да кажеме дека веќе на територија на целата држава имаме 5Г покриеност со што се овозможуваат подобри брзини на интернет за сите мобилни корисници.

Покрај тоа, продолжија инвестициите во оптичка мрежа, со проширување во нови подрачја со што имавме можност голем дел од корисниците да ги мигрираме на поквалитетна технологија со супербрз оптички интернет, а овие инвестиции секако ќе продолжат и во наредниот период со цел да сме секогаш во чекор со развојот на технологиите. Исто така, годинава по шести пат го организиравме најголемиот е-спорт настан во нашата земја, кој имаше одличен одзив од страна на корисниците и гејминг заедницата. 

Во однос на ценовната стратегија, секогаш работиме на стратегија на конкуретни цени со цел да донесеме повеќе вредност за парите кои корисниците се подготвени да ги платат за одреден производ. 

*Што можеме да очекуваме во 2024 од А1 Македонија, кој е вашиот план?

-Во текот на последниот квартал од оваа година ние интензивно се подготвуваме за годината што претстои – веќе ни се подготвени сите планови и дефинирани се сите проекти кои ќе се реализираат во 2024 година. И следната година ќе останеме фокусирани на иновации, нови интересни решенија кои се релевантни за корисниците, со што ќе станеме уште поприсутни во нивниот живот со различни производи прилагодени на потребите и барањата на корисниците. Еден од поголемите проекти е и Data, Experience and Engagement што претставува иновативен начин за таргетирање на корисниците базиран на повеќе различни модели за машинско учење со кои се оптимизира понудата за корисникот и се овозможува секој корисник да добие персонализирана понуда што одговара на неговите потреби и очекувања.  

*Пред нас се најубавите празници. Што за вас претставуваат Нова година и Божиќ, како ќе ги поминете?

- Со оглед на тоа дека секоја година имаме новогодишна кампања која ја спремаме многу порано, за нас Нова година доаѓа побрзо (се смее). За мене Нова година и Божиќ се најубавите празници и имаат посебна магија – време посветено на семејството и најблиските и убава можност да се потсетиш на сѐ што се случило во старата година, но и да си направиш план и да донесеш битни одлуки за наредната година. Новата година планирам да ја поминам во друштво во една од соседните земји, додека за Божиќ традиционално со семејството во домашен амбиент. 

* Како вообичаено Вашето семејството ги празнува Бадник и Раѓањето Христово? Ги почитувате ли обичаите и традицијата? 

- Да, апсолутно, мислам дека токму во негувањето на тие традиционални семејни вредности се крие и магијата што ја носи празникот Бадник. Со оглед на тоа дека веќе подолг период живееме одвоено со родителите, овие празници ни се една од ретките можности да поминеме заедно подолго време и навистина сите уживаме во тоа. Веќе неколку години по ред го поминуваме Бадник во семејна викендица на планина што има посебен жар, со камин каде гориме бадниково гранче за среќа и бериќет во семејството. Традиционално се подготвуваат бадниковите специјалитети, се сервира бадниковата трпеза, се дели лепче со паричка – по обичаите што ги почитуваме, откако ќе седнеме на трпеза, никој не смее да стане додека не заврши вечерата, па секогаш е голем предизвик да не се заборави нешто да се постави (се смее). Традиционално со затворени очи влечеме орев од вреќичка и според верувањата доколку оревот е здрав и полн, значи дека годината ќе биде убава и плодна и мислам дека најголем страв за време на вечерата е каков орев ќе ти се падне (се смее).


* Дали сте од оние дами кои со особена радост и љубов ги украсуваат своите домови? Колку овој сегмент од таа празнична еуфорија Ви причинува задоволство?

-Празничната еуфорија најубаво се доживува кога околу нас е украсено, ни носи посебна топлина и енергија. Последните неколку години се случува да патувам во некоја земја каде има традиционални Божиќни базари, кои инспирираат веднаш кога ќе се вратам да се посветам на украсување. Секогаш внимавам да е украсено убаво, но притоа да не се претерува со многу бои или многу украси, да е одмерено, и да носи позитивна празнична атмосфера во домот, едноставно да ми е убаво и пријатно во текот на празничниот период.

*По што ќе ја паметите 2023, а што си посакувате за 2024?

- 2023 година ќе ја паметам по многу убави проекти, убава атмосфера на работа со многу активности за тим-билдинг, по основањето на првата Асоцијација за корисничко искуство и искуство на вработени (заедно со уште четири успешни дами од различни индустрии), но и по многу патувања на приватен план кои ја одбележаа годината. Најголем впечаток ми оставија пролетното патување во Њујорк, што ми беше прва можност за прекуокеанско патување, првото заедничко патување со сестра ми во Париз, но и летниот одмор во Маурициус. Уживам во патувања, особено кога има можност да се запознае различна култура, да се научи нешто за животот во други земји, да се доживее духот на тој народ. За 2024 ќе си посакам себе и на моите блиски најнапред здравје и среќа, убава тимска работа и тимска атмосфера, успешни проекти и работни достигнувања, но и многу интересни патувања за нова енергија и нови животни искуства.  


Ирена Ставрова