Во САД не е важно од каде доаѓате, кој е ваш татко, и дали сте образовани, ако сте вредни и амбициозни, без сомнение ќе успеете: Струмичанката Мими за животот во Америка

Добивај вести на Viber

Струмичанката Мими скоро две децении живее и работи во Соединетите Американски Држави, вели дека никогаш не планирала да живее далеку од дома, но токму САД за неа бил вистинска можност за успех и среќа. Како студент стапнала на америчко тло, на работното место го запознала и сопругот Ричард, со кого има две момчиња.

Оваа горда мајка, сопруга, претприемач и сопственичка на бизнис вели дека Америка е земја на можности, особено за оној кој сака да работи. Како што сподели го сака животот, работата на себе, само-подобрувањето, дека е учител но и ученик, а ја исполнува кога учи од другите за да биде најдобрата верзија од себе. За животот во САД, работата и семејството прочитајте повеќе во првото интервју на Мими Бонд за Македонија, која го даде специјално за Женски магазин.

*Кога прв пат стапнавте на Американско тло, колку години живеете таму?

-Јас сум во САД од 2005 година. Дојдов овде да работам и да патувам и слетав во Колорадо работејќи за Park Hyatt Beaver Creek Resort and Spa. Тука сум 19 години.

*Дали како мала ви било желба да живеете во Америка или спонтано се случи се‘?

- Искрено, не. Никогаш не мислев дека ќе живеам толку далеку од дома. Отидов да студирам во Бугарија, а тоа ми ги отвори очите дека постои голем свет, свет  кој би сакала да го истражам. Кога аплицирав за мојата работа овде во САД, мојата прва понуда беше за Park Hyatt Beaver Creek и веднаш реков ДА на можноста. Тоа лето беше едно од најубавите лета. Дефинитивно одлучувачки момент во мојот живот. Бевме најмалку 25 студенти од цела Европа кои работеа заедно, живеевме во иста зграда. Научив толку многу за хотелскиот бизнис и угостителството, како и за американската култура. 

* Каде се запознавте со сопругот, каде правевте венчавка, дали имавте некои македонски обичаи...?

- Сопругот го запознав во Hyatt. Работевме двајцата таму. Ние секогаш се шегуваме дека Hyatt беше стројник, затоа што најмалку 20 бракови се склучија од работниците кои работеа сезоната додека бевме и ние таму на работа. Со Ричард се венчавме во Лас Вегас (знам типично амерички), а свадбената веселба ја направивме во Македонија. Тоа беше традиционална свадба. Мала, но убава. Со нас прославија сите што ги сакавме и ги обожававме. 

* Што работите?

- Јас сум Realtor- агент за недвижности. Им помагам на луѓето да купуваат и продаваат недвижен имот. Работам за Keller Williams, една од најголемите компании во светот за продажба на недвижен имот. Моментално се присутни во Словенија, Грција, Албанија и Србија. Работам на тоа да го донесамKeller Williams и во Македонија. Оваа компанија ми го промени животот и јас сум на мисија да ги променам животите на луѓето во Македонија преку Keller Williams. 

* Во која држава живеете во Америка, дали таму има и други Македонци и дали се дружите?

- Во моментов живееме во главниот град на Тексас, Аустин. Моите родители живеат овде, како и сестра ми со нејзиното семејство. Овде дефинитивно има балканско население. Денес модерното општество и обврските не дозволуваат многу често дружење, но се трудиме да се собереме за време на поголемите празници како Божиќ и Велигден. 

* Како е  да се живее во Америка, дали навистина таа е земјата на соништата? И која е нејзината најнегативна страна од ваше лично искуство?

- САД е 100% земја на можности. Кога почнав да работам за Hyatt и го видов потенцијалот и кога видов како вработените се наградуваат за нивната напорна работа, бев привлеченa. Брзо се искачив на корпоративната скала. По 10 години работа за Hyatt, решив да ја сменам кариерата и да одам по entrepreneurial path и да започнам со инвестирање и продажба во недвижности. Секогаш велам дека овде во САД парите растат на дрвја, се‘ што ви треба е малку труд и напорна работа и буквално може да станете што и да сакате да бидете во животот. Не е важно од каде доаѓате, кој е вашиот татко, дали потекнувате од богато семејство, па дури и дали имате образование, ако сте вреден работник и сте амбициозни во остварувањето на вашите цели, без сомнение ќе успеете. 

Единственото нешто што недостасува овде е аспектот на заедницата (community). Нема спонтаност. Сите се толку зафатени со работа и завиткани во нивниот напорен распоред што ако сакате да се дружите и да се видите со вашите пријатели, навистина треба однапред да испланирате. Одмага многу и тоа што се‘ е далеку и постојано мора да се вози насекаде. Исто така, ако имате деца тие имаат свои обврски кои треба да ги вклопите во вашиот распоред, како училишни настани и спортови. Живееме во брзо време.

* Кои држави во САД сте ги посетиле и се интересни за посета?

- Премногу да се набројат. Како семејство сакаме да патуваме. Сме биле во речиси секоја држава во САД. Америка е прекрасена, толку многу национални паркови и убавина. Го сакаме Источниот и западниот дел, Калифорнија го одзема здивот, Коларадо, Вашингтон, Орегон, а го обожаваме и Њу Ореланс. Надвор од САД сме патувале низ Европа и секако Мексико. Кога патуваме, сакаме да одиме на дестинации кои досега не сме ги посетиле. Да учиме за начинот на кој живеат локалните жители од другите места. 

* Доаѓате ли често за Македонија. Кое место задолжително го посетувате кога сте тука?

- Во Македонија дојдовме пред 2 години, односно во 2022 година. Се надевам дека ќе ја посетуваме почесто во иднина, особено кога ќе го донесеме Келер Вилијамс во Македонија. А кога сме таму задолжително ги посетуваме Струмица и Скопје. А ако имаме повеќе време и Охрид.

* Сопругот и децата дали знаат македонски? Дали им се допаѓа нашата традиционална храна, кое јадење наше најчето им го готвите?

- Мојот сопруг разбира и зборува само малку. Децата разбираат повеќе и зборуваат македонски. Ја сакаат традиционалната македонска храна: ајвар, сирење, мусака, бурек,  пржен леб и шопска салата... овие македонски традиционални рецепти се многу често на нашата трпеза.  

*Што би ги советувале сите оние чија животна желба е да живеат во САД? 

- Би рекла, ДА, Америка е земја на можностите. Можете да дојдете овде и само да го направите минимумот и ќе имате пристоен живот. Успехот не доаѓа до вас само затоа што сте стапнале на америчко тло. Одлучноста и напорната работа ќе ве одведе до врвот. Никој нема да ви даде ништо бесплатно, навистина треба да вложите напори и да работите многу за да успеете.  Но, на крајот секогаш ќе копнеете по својата татковина. Нема место како дома.


Наталија Миланова