Кога бев мала, Велигден беше ден кој секогаш го поминувавме во Битола кај баба ми и дедо ми. Тројцата оттука дотерани, со спремен багажник полн дребулии кои ги носевме како подароци, со една нота на свечена смиреност и спокој стасувавме пред куќата во која мирисаше на МОЕ. “Свирни тато, да знаат”- секогаш свикував и татко ми ќе дозволеше јас да ја имам таа радост, да ги известам Нене и Дедица дека сме тука. Понатаму, повеќе како чувство и магловити слики ми се мирисот на баба ми (која ја викав Нене), питомиот поглед на дедо ми (Дедица), моето шуркање низ куќата додека мајка ми и Нене вареа кафе и ги распакуваа куферите, како се шмугнував долу во визбата каде мирисот на газија, влага и дрва ми се има врежано во умов како мирис кој ми е утеха кога сакам да избегам на безбедно. Баба ми секогаш правеше премногу јајца, тогаш се раздаваше по комшии и некако беше престиж да се постигне совршената боја, која мораше да биде и рамномерна. Украсувањата почнаа отпосле, порано јајцата се вапцуваа исклучиво црвени и како што викаше баба ми, беа клот (демек без украсување). Ги паметам одењата в црква, дури низ умов имам сеќавања од литургии и мирис на темјан од кој ми беше тешко и во главата и во стомакот. Нене беше многу побожна, иста е и мајка ми сега (не можам никогаш да ја заборавам онаа епизода кога со мајка ми шетааниз Охрид на некој верски празник и кога видела жена што плетела, отишла да и’ каже па жената го фрлила плеталото сета избезумена, а баба ми среќна и’ рекла на мајка ми “уште еден поен кај Господ”). За разлика од нив, мене тоа со црквата никогаш не ми било нешто што ме теши или ми дава мир. Од друга страна, баба Даница (мајка на татко ми) на Велигден ни раздаваше портокали и мандарини. Се’ на се’, јас бев мешавина не само на Прилеп и Битола (нели постои она верување дека не се трпат едните и другите), туку и на верници и атеисти.
Кога бев во пубертет знаев и да се искарам со мајка ми за верувањата, иако со мајка верник и татко атеист, не паметам да имало кавги околу нечии убедувања. Напротив, татко ми бил тој кој ќе кажел да се оди во црква, знаејќи колку тоа и’ значи на мајка ми. Не влегувал никогаш, ја чекал надвор или во автомобил, ама секогаш настојувал и настојува да го испочитува нејзиното верување. Јас бев поинаква приказна кога бев многу помлада. Не би рекла од денешен аспект дека сум била бунтовна, туку бев тврдоглава во своите убедувања. Бунтовноста (читајте: инаетот) со која се гордеев беше само отсуство на мојата способност да ја гледам пошироката слика. Мајка ми верува во нешто што јас не сум го разбирала. Ако ме прашате денес дали го разбирам, ќе ви кажам дека разбирам, но дека моите гледишта и сфаќања се сосем понакви. Од друга страна, ако ги споредам подлабоко суштинските елементи на верувањата на мајка ми и моите, гледам дека многу малку се разликуваат. Овие сознанија и мене ме изненадуваат, затоа што се менуваат периодично, веројатно заради стареењето....и моето и нејзиното. Разликата во нашите верувања е во тоа дека таа го врзува своето убедување со Бог, додека кај мене е Универзум. А за неа, Бог Е Универзум и нема ништо над тоа. Не верувам дека некогаш околу семантиката ќе се разбереме со мајка, но мислам дека суштината на верувањето ни е иста.
Ако ја тргнеме настрана одбивноста кон црквата и поповите на атеистите, вербата е она што ни е заедничко на сите, без оглед дали сме религиозни и/или на која вера припаѓаме. Да се верува значи да се има цел и надеж, без оглед дали е тоа во наука, Бог, љубов, Универзум, спокој. Да се има верба значи да се има мотив зошто да се чекори напред и да се има волја за да имаме подобро утре. Ќерка ми кога се роди беше само уште еден доказ за мене дека постојат чуда на земјава. Со татко и’ решивме уште тогаш дека за се’ што е надвор од доменот на нејзината безбедност и здравје, ќе ја оставиме сама да одлучува. Религијата беше една од тие работи за која решивме дека нема да вмешуваме прсти, иако знам дека на поголемиот дел од семејството ќе му значеше да биде крстена. Така, Аргентина има уште 2,5 години (до полнолетство) да чита, да истражува, да се информира за да одлучи дали сака да биде крстена или не. Јасно ми е дека секој кој е закоравен верник ќе се згрози од одлуката детето да ми седи некрстено, исто како што закоравените атеисти ќе се згрозат од тоа дека оставам простор сама да си реши (со “ризик” дека ќе сака да се крсти), но јас сум сосем ок со сечие мислење. Моето одраснување над ЗА или ПРОТИВ религијата е токму кога научив да прифаќам се’, доколку е тоа во согласност со одредени човечки вредности.
Не мислам дека оној кој пости и редовно оди в црква е поголем верник од оној кој не пости и не оди в црква, но чии дела се големи. Не мислам дека оние кои веруваат во Бог имаат поголема духовна сила од оние кои веруваат во наука, исто како што не верувам дека луѓето кои веруваат во науката се понапредни од оние кои веруваат во Бог. Впрочем, науката за жал многу често и се користи деструктивно наместо како начин и средство за да се подобри/олесни животот на планетава.
Да се верува суштински во нешто се разликува од фанатичко верување кое е повеќе опсесија отколку мир во себе. Вербата во она што го мислите, правите и зборувате треба да донесе спокој во срцето, а не желба за да се докажувате кој е во право или чија верба тежи повеќе на кантарот наречен живот. Паметам дека во една прилика ми беше кажано (од свештено лице) дека сум била поголем верник од многумина кои оделе кај него. Не, не знам се’ уште да се прекрстам, ниту ми доаѓало да го правам тоа. Не постам, перам кога ќе ми се собере за перење, чистам и тогаш кога мајка ми превртува со очи оти сум фатила да ја раскревам куќата, а бил “тежок празник” и не се оптеретувам со рај или пекол. Не верувам дека молитвите ќе ја спасат душата ако рацете (делата) се валкани. Не верувам дека парите дадени за црква или икони ќе спасат нечија душа, ако се нечесно заработени.
Верувам во тоа дека живееме во лошо време, во кое има повеќе болка отколку радост.
Верувам во тоа дека оваа немаштија и криза осакати многумина и материјално и психички.
Верувам во тоа дека стравот знае да направи од човекот ѕвер.
Верувам во тоа дека во секој еден што постои на светов има барем ронка добрина.
Верувам дека единствено љубовта, онаа универзална кон се’ што постои на планетава, ќе го спаси светот.
Верувам дека колку повеќе настојуваме да ги разбереме туѓите мисли, толку повеќе ќе сториме за човештвото.
Верувам дека имаме начин и сила да го спречиме самоуништувањето кон кое сме склони како гости на земјава.
Верувам...верувам дека еден ден ќе сфатиме оти имаме одговорност кон оние кои ги оставаме зад нас...каков живот и свет ќе наследат од нас. Верувам и мора да верувам, затоа што само тоа ме одржува, вербата дека има подобро утре. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат оти водата измива се’
Освен образ извалкан
И душа во која грев спие
Ете така велат
Оти ниту вода осветена
Та и од три попа пеена
Не може поганштината
Од чоека да ја истај
Ако образот од лаги нечист му е
Или на душа од лошотилак
Думи црни му се напластиле
И џабе сите извори на светов
Џабе свеќа запалена и молитви редени
Пред олтар колена до крв издраскани
Ако чоек од зло подалеку не гледа
И ако злото во него дом си нашло
Има убај и со светлина полни луѓе
Кои чиста мисла имаат
И чија арнина од очите блика
Чија рака е со дланка накај небото
За да дадат без да бараат
И од давањето среќата ја црпат
Ама ете ниту в црква одат
Ниту молитви знаат
Та има и од оние другите
Кои името господово
В уста на секое го пикаат
И кои покорни се само онаму
На чии градби крстој има
Ама пусто огледало им црнеј
Од ликот што темен ко земја им е
И очите ко дупки полни ѓубришта
Устата пелин а јазикот меч остар
Кои со двете раце од водата осветена
Алчно на лице плискаат
Оти така начуле дека треба
Кои не веруваат во вистината
И кои светлината во ноќ ја престоруваат
Та мислат оти сиот грев со водата
Од образот и душата ќе го исперат
Во ова време кое се’ појќе на невреме личи
Има луѓе вакви и онакви
Оние кои веруваат во убост
И оние на кои убоста и да им ја нацрташ
Нема никогаш да ја видат
Тие првите од Бога допрени се
Оти да си арен е дар
И ними не им треба грев да им се прости
Оти гревој немаат
А до нив се оние на кои и домашните
Грбот им го завртеле
Оти ништо арно од нив не виделе
Та бараат прошка која ќе ја плукнат
Оти водата
Па дури и онаа која Бог со милост ја сторил света
Не може да ја измие клетвата
Која со себе од раѓање ја носат
Во кал цел живот да се прпелкаат
Од кал да живеат
Во кал да се сторат...амин