Во случај на катастрофа најдобро помагаат соседите

Добивај вести на Viber

Против поплавите, пожарите, земјотресите и другите природни несреќи ниту една земја не може и не треба да се справува сама. За поголема отпорност на градовите и населените места е потребно градење на мрежа, меѓусебна поврзаност на општините, на организациите за справување со кризи и службите за цивилна заштитта. Ова се заклучоците од дводневната Регионална конференција што се одржа во Скопје, во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамки на регионалниот проект South East Europe Urban Resilience Building Action Network ( www.seeurban.eu) финансиран од Европската унија.

„Вообичаена изрека е дека „катастрофите не познаваат граници“ и тоа е вистина, но многу често остануваме само на тие изреки, без да се изоди наредниот чекор за да ги направиме нашите заедници поотпорни на катастрофи. Токму затоа, регионалниот SEE URBAN проект оди во насока на формализирање на соработката на локалните заедници за смалување на ризиците од катастрофи и се темели на една друга изрека, „во случај на катастрофа најдобро помагаат соседите“, рече Крунослав Катиќ, регионален технички советник во Програмата за развој на Ибединетите нации (УНДП).


„Во Македонија треба да се работи на менување на постоечката законска рамка, на подигање на свеста кај граѓаните, да се зајакнат инспекциите за постоечката сеча на шумите, управувањето со отпадот и одржувањето на речните корита и канали. И локалните и централните власти во своите буџети треба да издвојат средства за превенција и за градење капацитети, а не само средства откако нешто ќе се случи“, изјави Анита Коџоман, раководител на Програмата за животна средина и намалување на ризици од несреќи и катастрофи во УНДП Скопје.

За две години се оформени 11 локални платформи за намалување на ризиците од катастрофи во Југоисточна Европа со 283 општини и градови од целиот регион.

„Споделувањето на искуства е од извонредна важност. Би сакале на оваа идеја да се придружат и други земји. Хрватскиот модел може да се примени во овој регион, а потоа да го прошириме и на други земји, кои сега беа набљудувачи, Ерменија, Грузија, Азербејџан и Молдавија“, рече Армен Григоријан, советник за климатски промени, отпорност кон несреќи и катастрофи и енергетски политики во Регионалниот центар на УНДП во Истанбул.

На Регионалната конференција покрај Македонија, учествуваат претставници на општини и служби за цивилна заштита од Албанија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Молдавија, Ерменија и Грузија.