Вреди секоја жртва во процесот на ИВФ, има светлина на крајот од тунелот: Ана Шутинoска од „Антена 5“ очекува ќерка

Добивај вести на Viber

Еден од заштитните гласови на „Антена 5“ радио, шарматната охриѓанка Ана Шутиноска веќе две ипол години заедно со сопругот Гордан Лазаревски кој е по професија стоматолог ги живее најубавите мигови. Синот Бобан е центар на нивниот свет, а наскоро семејната среќа ќе им зголеми и ќеркичка која брзо ќе дојде на овој свет. Ана за Женски магазин ја опишува нејзината лична бајка во која живее со синот и со соптугот, но и борбата во процесот со вештачкото оплодување за која вели дека вреди апсолутно секоја жртва. „Нема ништо поубаво од прегратката на вашето дете за кое баш сте се измачиле“, порачува познатата радио-новинарка.

*Изненади со убава вест дека наскоро Бобан ќе добие сестра. Како го замислуваш наредниот период, со две деца кои ќе бидат мала разлика во возраста?

-Отсекогаш сакав децата да ми бидат мала разлика во години и заедно да растат. Од друга страна, бидејќи секако и оваа бременост ми е резултат на вонтелесно оплодување, беше  полесно да се испланира соодветно на желбите. Сигурна сум дека ќе биде хаос, кога ќе пристигне новиот член. Две и пол годишен тодлер и новороденче во исто време не е баш комбинација од соништата, ама ако ништо друго, барем ќе биде весело. (се смее)

*Свесен ли е Бобан за промената што доаѓа на некој свој, детски начин, што му раскажувате?

-Постојано му зборуваме дека ќе дојде бебе, дека тој ќе биде голем батко, само не сум сигурна дека баш не разбира. Мислам дека се ќе му стане појасно откако реално ќе се соочи со новиот член на семејството. 

*Во кој месец од бременоста си, дали Бобан ќе добие братче или сестричка? 

-Сега сум во деветиот месец од бременоста, што значи многу наскоро ќе се запознаеме со нашата ќерка.

*Како ја поднесуваш оваа бременост за разлика од претходната, можеш ли да речеш за себеси дека си променета?

-Оваа бременост секако дека е поразлична од претходната. На почетокот имав мачнини, кои ги немав во првата бременост, но за среќа исчезнаа после 4-тиот месец. Кога имате уште едно мало дете на кое и те како сте му потребни, некако немате баш време да размислувате за бременоста, како што беше случај претходно. Се разбира дека ги правам сите редовни контроли, но целото внимание ми го окупира Бобан и имам чувство дека оваа бременост ми летна.

*Те знам како доста динамична личност, и секогаш посветена на професијата. Како се организирате со сопругот околу обврските, мало дете, работа, во време кога треба да се одмараш повеќе? 

-Бобан оди во градинка, еве скоро 1 година, така што тој систем совршено функционира. Додека се врати, јас имам доволно време да се посветам и на мојата утринска емисија на „Антена5 Радио“, а и да ги завршам тековните обврски по дома. Попладнето е резервирано за нас тројца. Тоа е најубавиот дел од денот.

Немаме строго поделени обврски, се договараме тековно. Сепак заради мојата поодмината бременост, не сум баш во можност целосно да го следам интензивниот темперамент на Бобо, па Гордан ги превзема сите активности поврзани со долгите прошетки на Водно, во парк или зоолошка. Имаат одлична релација татко-син, совршено се надополнуваат, а јас можам и да одморам на раат.

*Во претходното интервју, набрзо откако го роди Бобан спомена дека вредеше секоја солза, секој нов обид тој да дојде на овој свет, како од оваа дистанца гледаш на тоа време?

-Како една голема победа на борбата на една жена да стане мајка. Поблагородна улога нема.Сèуште тврдам дека вреди апсолутно секоја жртва во процесот на ИВФ и ако некоја жена баш во моментов додека го чита ова интервју, се соочува со една таква борба, сакам само да ѝ кажам дека има светлина на крајот од тунелот. Нема ништо поубаво од прегратката на вашето дете за кое баш сте се измачиле.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива