Втор ден од осумнаесеттиот Моден викенд Скопје

Добивај вести на Viber

Вториот ден од Моден викенд Скопје започна со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainablestorymk , вчеравечер во „Скопје Мериот Хотел“. На капсулните колекции изработени од текстилен отпад работеа Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој.


 Гостинките кои долго време работат на одржлива мода, на младите дизајнери им предаваа за техниките за бавно производство, одржливи ткаенини, сертифициран органски памук, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство. На модниот перформанс манекенките ги носеа чевлите од „Schuster“. Целиот проект го реализираше Моден викенд Скопје со несебичната поддршка од Македонско Модно Здружение, Министерството за економија на РМ, Министерството за култура на РМ , Британскиот совет како и партнерите „Текстилното трговско здружение- Текстилен кластер –Македонија“ во соработка со фабриките „Okitex“, „La dama“, „Bella“, „AFG“ и „Istkomerc Sanda“, „Monika“ и „Fjer“. Активно учество и поддршка дадоа и граѓанската мрежа „АјдеМакедонија!“, „Екотип” како и Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“ и „Сивус едукативен и развоен центар“. 

Со нетипичен моден перфроманс дизајнерката Ирина Тошева ја презентираше колекцијата за есензима 2018/2019 . „Гепардот својата енергија ја согорува од срцето. Повремено зрачи како страсна супернова. Го чека вистинскиот момент и никогаш не се откажува. Колку сила и енергија им даваш на другите? Веруваш ли во својата истрајност да го заштитиш она што е твое, тогаш кога е најважно?“ праша Тошева низ новите креации.

За прв пат на Моден викенд Скопје ги видовме моделите на дизајнерката Теодора Митровска од колекцијата “We Are Not Machines” со која беше дел од неодамнешното отворање на модната недела во Рига. Колекцијата е инспирирана од текстилни работници и е критика на брзата мода и условите во кои истата се произведува. Преку креациите се преиспитува тенката линија помиѓу човек и машина по која, за жал, многу од овие работници се движат. За оваа цел во колекцијата се среќаваат парчиња од неконвенционални материјали како ПВЦ, индустриска гума и цврста пластика кои го трансформираат телото во надчовечко. 


Пред македонската публика за прв пат беа презентирани и модните парчиња на Кренаре Ругова кои се „изработени користејќи бавна мода за да претстават нови форми на размислување однапред“. Вечерта заврши со колекцијата „Full of Grace“ на дизајнерката Силвија Михајловска поддржана од „Amstel“. Станува збор за дневни и вечерни креации инспирирани од Грејс Џоунс која е позната актерка, модел и пејачка. Михајловска оваа 2018 година заокружува два нејзини зачајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје “Алшар“.