Сопругата е мој најголем советник: За детството, бракот, родителството и празниците со градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски

Добивај вести на Viber

Орце Ѓорѓиевски- како градоначалник на општина Кисела Вода, посветен сопруг и татко- професионалните и приватни обврски ги балансира со помош на сопругата Мартина со која 13 години е во среќен и хармоничен брак

Токму за семејството, но и за најубавите празнични моменти кои нѝ претстојат, градоначалникот специјално раскажува во интервјуто за Женски Магазин.

* За почеток може ли да ни кажете нешто за Вашето детство,  од какво семејство потекнувате, какво дете бевте, што прво Ви паѓа на памет?

- Потекнувам од традиционално семејство каде многу се почитуваат семејните традиции и вредности. Почитта кон родителот, кон постариот, чесноста, религиозноста се нештата на кои ме учеа уште од најмали нозе и кои и јас ги пренесов на мојот син. Секогаш кога гледам наназад имам чувство на топлина бидејќи растев опкружен со љубов и сигурност.

* Дали бевте бунтовен тинејџер и како го избравте образовниот пат?

- Бев бунтовен тинејџер, но во нормални, умерени граници. Во секој случај знаев дека образованието е вистинскиот пат каде што можам да ги надградувам моите потенцијали и спремно да чекорам по професионалниот пат кој ме доведе тука каде што сум сега. Изборот да студирам политички науки на државниот универзитет го направив затоа што сметав дека мојата вклученост во политиката може да придонесе за доброто на мојот народ и на општеството во кое живееме.

* 13 години сте во брак со Мартина. Колку таа Ве следи на вашиот професионален пат?

- Мојата сопруга, Мартина, е неизоставен дел од мојот личен и професионален пат. Во последните 13 години, таа ми и е и сопруга и мој најголем советник и поддржувач. Нејзините идеи, но и конструктивни критики за кои знам дека се најдобронамерни се мој коректив во работата на коj секогаш можам да се потпрам. Бескрајно сум благодарен и за грижата за домот и за разбирањето, за флексибилноста во распределбата на обврските кои се поголеми откако сум градоначалник. Се трудиме заедно со нашиот Ведран да поминуваме што повеќе квалитетно време и да градиме убави заеднички спомени. Тие се мојот неисцрпен извор на поддршка, љубов и инспирација.

* Што Ви се промени во животот кога добивте син? На што се трудите да го научите?

- Да се биде родител е најскапоценото нешто што може да му се случи на еден човек. Ведран е наш голем благослов и највредниот дел од нашите животи. Едновремено ни донесе и одговорности, но и радост и смисол на секојдневието. Го воспитуваме со многу љубов, учејќи го на вредностите на кои и самите сме учени како почит, алтруизам, емпатија и амбициозност, укажувајќи му дека секогаш ја има нашата родителска поддршка. Ќе бидам најсреќен ако тој израсне во добар човек кој ги искористил своите таленти и потенцијали.

* Колкав предизвик е тоа што имате прваче дома? Дали наидува на некои стереотипи од друштвото, или пак е привилигиран дека е татко на градоначалникот?

- Ведран е ведро и весело дете кое многу си ги сака другарчињата. Го учиме да биде трудољубив и самостоен. Сметам дека највредната лекција на која можеме да го научиме е дека во дека во животот мора да се избори за нештата и дека кога патот е трнлив успехот е уште повреден. Само така ќе ја научи вредноста на нештата. Тој сега се описменува, ги поставува темелите на образовниот процес над кои ќе треба да го надградува своето целокупно знаење во животот. Да се бара да биде привилегиран би било лоша услуга и би му донело голема штета.

* Колку е тешко да се биде посветен сопруг и татко и градоначалник на Кисела Вода?

- Ја имам честа во исто време да ги имам и најодговорните и најубавите животни улоги, кои кога одат во пакет бараат одличен менаџмент на времето. Со добра организација, посветеност, љубов, но и силна поддршка од семејството, успевам успешно да одговорам на предизвиците.

* Како се одвива еден Ваш работен ден? Дали сте достапен за граѓаните и по работното време?

- Градоначалничката професија не подразбира работно време и една канцеларија. Мојот работен ден се одвива и во општината, но и насекаде каде што се граѓаните. Секоја средба со нив, за мене е нова работна задача, ангажман на кој сум се обврзал во моментот кога сум ја побарал нивната доверба. Без разлика дали е утро или вечер, дали сме се сретнале во кабинетот или некаде на улица, во маркет, на пазар, ја користам приликата да се информирам за постоењето на некаков проблем или потреба на која треба да се излезе во пресрет. Граѓаните често имаат и креативни идеи и предлози кои со задоволство ги слушам и понекогаш тие знаат да бидат и иницијатори на проекти. Конкретно, периодов сме во подготовка на буџетот за 2024 година и во тоа целосно се вклучени нашите жители. Тие своите предлози ги оставаа на штандот за идеи кој беше поставен во Домот на културата на денот кога го презентирав отчетот, на анкетните ливчиња на шалтерите во архивата, како и на електронската адреса за истата намена. Освен ова, често пати во вечерните часови, се возам низ општината за да го следам напредокот на различните тековни проекти. Го анализирам статусот на инфраструктурните и развојните активности и проверувам дали има потреба од некаква дополнителна реакција. Сево ова ми помага да бидам да создадам посветена и ефикасна врска со граѓаните, во служба на растежот на општина Кисела Вода.

* Како се прославуваат Новогодишните празници во Вашиот дом? Како Ви е украсен домот? Дали имате некои ритуали со синот при украсување на елката? Дали синот му пишува писмо со желби на Дедо Мраз?

- Убаво е кога животот е осветлен во празничен сјај, а Нова година и Божиќните празници ни го овозможуваат токму тоа. Со радост гледам на топлиот и пријатен домашен амбиент во присуство на семејството. Елката ја накитивме заедно со Ведран кој силно се радува на украсувањето, на бирањето подарок кој би му го донел Дедо Мраз, на бројните пакетчиња што му ги носат бабите и дедовците... Како родител, уживам да ја гледам неговата радост, креативност, фантазија и чиста детска душа.

Сметам дека вистинската среќа лежи во делењето на радоста и љубовта во овие специјални денови. Токму затоа се погрижив и оваа година децата од општина Кисела Вода да имаат пакетче под новогодишната елка без разлика на материјалната сотојба на нивните семејства. Обезбедивме неколку илјади пакетчиња и на тридневен настан во кој ќе има многу декорација, забава и сјај, а ќе финализира во паркот Расадник на 29-ти декември, ќе им бидат поделени од нивниот најсакан Дедо Мраз. Секое дете има право на најубави спомени и да верува во новогодишната магија. Нивните насмевки и среќата која секоја година ја гледам на ваквите настани за мене се подарок кој нема цена.

* Како поминуваат Божиќните празници во вашиот дом? Дали паричката „се мести“ да се падне кај најмалиот во семејството?

- Во нашето семејство религијата има значајно место и Божиќните празници ги одбележуваме во духот на христијанските црковни обичаи. Присуствуваме на литургија и ги правиме сите оние традиционални адети, како што е и кршењето на лепчето со паричка. Немаме обичај да ја местиме паричката на најмладиот, бидејќи го учиме на суштината и вредностите на овој празник, дарежливоста и делењето на среќата. Сакам да истакнам дека и оваа година, како и претходната, Бадник ќе им остане на жителите на општина Кисела Вода во посебно значење бидејќи организираме Бадникова поворка преку која во духот на љубовта, топлината и заедништвото, ќе ги споделиме радостите на празникот во чест на Христово раѓање.

* По што најмногу ќе ја паметите изминатата 2023-та година, а пак што очекувате од наредната 20214-та?

- 2023-та за мене, како градоначалник беше една успешна година во која успеавме да изреализираме дури 90 проценти од зацртаното во четиригодишната програма. Инвестиравме во секоја сфера што резултираше со импресивни 45 км асфалтирани улици, атмосферска мрежа во должина од 5470 метри, фекална канализациона мрежа 6690 метри и 3610 метри водоводна мрежа. Изградивме 1300 нови паркинг места, два нови пазари, ставивме во функција две нови градинки, сновните училишта ги опремивме со сензорни соби, со смарт уреди, со компјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, наскоро и униформи за сите основци. Посебно внимание обрнавме на изградбата на спортската инфраструктура, со посебен акцент врз обновата на запуштените спортски терени и локации кои некогаш беа култни места. Се работи за 11 спортско-рекреативни центри и паркови. Кисела Вода од 2023-та е првата дигитализирана општина на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат, а наспроти минатото во кое оваа локална самоупрва беше симбол за криминал и корупција, сега е и првата општина која после 1965 година распиша меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник, поддржан од сите македонски авторитети од областа на урбанизмот и архитектурата, како и од своите жители. Жири комисијата која имаше меѓународен карактер одлучи дека Расадник кој претходното раководство сакаше да го загуши со 99 згради, избра две решенија согласно кои ќе се уредува ДУП-от, согласно принципите за хумано живеење. Едновремено, големи беа инвестициите во културата, релизиравме бројни проекти за лицата со попреченост, дадовме помош за социјално загрозените семејства. Сево ова го реализиравме со наследен буџетски долг од три милиони евра, што само укажува дека 2024 ќе биде уште поуспешна година. Во неа влегуваме во ликвидна кондиција, со разработен план кој ќе овозможи рамномерен развој на сите населби.

* Ваша Новогодишна порака?

- На сите сакам да им посакам среќна и успешна Нова година, исполнета со здравје, радост, и душевен мир. Се надевам дека сите заедно ќе продолжиме да чекориме во посакуваната насока која не носи кон напредок, кон уште подобро утре. Нашата општина ќе продолжи да расте и да се развива и сум сигурен дека во 2024-та ќе имаме моменти кои ќе вреди да бидат запаметени.

Среќна Нова Година!


*Даница Караташова Илиоска