ЗА ЕДНА ГОДИНА МИ ЗАГИНАА НАЈБЛИСКИТЕ: Интервју со Васил Гарванлиев
Го знаеме како Васил - „Марионка“, по детскиот евергрин кој го пред повеќе од 20 години го испеа на фестивалот „Златно славејче“. Васил Гарванлиев (34), деновиве е актуелен со песната и спот за „Ѓердан“, за кој како што вели е вистинска причина да се врати дома. Струмичкиот пејач , освен успешна интернационална музичка кариера, има тешка животна приказна. Кога имал 17 години, него и неговото семејство ги депортирале од САД. Живеел во Милано, па во Торонто, па повторно во САД. Во меѓувреме, за само една година, во сообраќајна несреќа загинале и татко му и баба му, во период кога секој член од семејството живеел на различна страна од светот. Најинтимните моменти од тешкиот период, Васил ги сподели за Женски магазин.
* Како продолжи твојот музички пат по хитот „Марионка“ и по настапите на детските фестивали?
- Кратко кажано, треба 2-3 книги да напишеме. Најинтересно од се е што никогаш не се преставив во вистинското светло. Но, ништо не е случајно, сега сѐ е лекција за подобро утре. Во 2002 година со родителите змаинавме за САД, полни со надежи и очекувања.
Бев на најголемите светски сцени, соработував со најпознатите луѓе во музиката, бев како сунѓер што сѐ впива. Опера ми беше главната патека , 13 години како солист на главни улоги. Изиграв над 40 главни улоги. Бев придружен вокал на многу интересни концерти меѓу кои и на „Њу кидс он д болк“ и Енрике, пеев на албум посветен на 20 најуспешни луѓе во светот од секоја струка, снимав многу реклами.
* Како се случи да ве депортираат од Америка, како го поднесе тој период?
- Како голем шок и голема траума. По Македонија, заминавме за Америка. Во јуни во 2003 година, мене, мајка ми, татко ми брат ми не депортираа и имавме само четири дена да заминеме. Имав 10 години забрана од САД, ја загубив стипендијата во Њујорк, најдрагата од Буш за уметност- поради тоа што не бев Американец. Тогаш требаше да играм главна улога во мјузикл. Ми дозволија да останеме две недели да завршам средно училиште и да ја играм улогата. Тоа беше почетокот или првиот залак на лекцииите од дедо Боже.
Со Саша Драгиќ од Белград, авторот на песната „Ѓердан“
* Набрзо потоа, загина и твојот татко. Што се случи?
- Следните години, загубив голем дел од фамилијата. Прво, семејството ми се распадна. Сите заминавме на различни страни. Јас во Милано, татко ми во Торонто, мајка ми се врати во Македонија, а брат ми во Бугарија. Се немав видено со моите родители и со брат ми повеќе од една година. Татко ми потоа дојде во Милано, сакаше да продолжи да работи од Италија, тој имаше своја фирма, возеше камион. Се видовме само еден час, и потоа јас се преслив во Торонто, решен да ја градам музичката кариера од таму. Една година потоа, татко ми загина во сообраќајка, возејќи камион. Беше страшно, никој од нас немаше италијанска виза, мојата беше истечена, не можевме да го идентификуваме телото на татко ми. Тоа се случи на почетокот на август, а посмртните останки ги донесоа во Македонија дури на крајот на август. Следната 2005 година, почина и баба ми во Струмица, и таа настрада во сообраќајна несреќа. Брзо по неа, почина и дедо ми. За една година, загубив многу драги линости.
Во Торонто, останав 10 години, бев и во Чикаго 8 години, една година во Лондон, и сега по 20 години, конечно сум дома.
* Зошто и покрај овие успеси реши да се вратиш во Македонија?
- Од голема желба овде да запеам.
- Како настана приказната за песната „Ѓердан“, како реагираше кога ја слушна и како интимно ја доживуваш?
- Многу случајно, а пак ќе речам-ништо не е случајно. Саша Драгиќ, авторот на песната се знае многу одамна со најдобрата другарка на мајка ми. Таа ми е втора мајка и среќен сум што ја имам, се вика Ана. Многу години, таа сакаше да не спои со продуцентот и композиторот Драгиќ од Белград. Кога за прв пат се сретнавме, тоа беше многу кратко, но се најдовме на многу заеднички теми. Прва, дека сме две шкорпии од разни генерации. Мy кажав дека имам огромна желба да се вратам. Тој ми рече дека има песна што ја чува многу долго време, речиси десет години и сака да остане како негов подарк во Македонија. Саша тивко ми ја запеа. Кога слушнав: „Прошетав градој, планини, села за да те сретнам“ - знаев дека е моја. Точка.
Во видеото за „Ѓердан“ глуми и Сања Ристиќ, позната по детскиот хит „Ех тој Тоше“
* Какви спомени ти будат детските фестивали на кои си настапувал, и што мислиш какви се денешните во однос на некогашните?
- Настапував на четири фестивали и снимив албум со десет детски песни. Тоа време ми помина како сон. Многу брзо заминавме што е многу убаво, затоа што сѐ бидна пред да сфатам дека сум детска звезда.
* Кои ти се следните музички планови?
- Имам многу. Исто како што знаев како да се направи „Ѓердан“, ја гледам веќе и втората песна што сакам до крај на годината да се направи, а имам и страшна идеја, концепт за прв албум што би сакал да го снимам со камерен или со симфониски оркестар.
Лани имав чест да се вратам, да го го отворам фестивалот„Струмица опен“ со концерт наречен „Италијанска вечер со Васил“. Бев на последната вечер, на иста сцена со Дино Мерлин, со брат ми Тино. Се смееме до ден-денес кога ќе се сетиме на муабетот од таму. Му реков: „Знаеш ли што ќе се случи ако застанам на таа сцена јас со мои песни? Време е да се вратам дома, да грми“.
Милица Џаровска