За Италјанците ако храната не е добра тогаш и свадбата не е добра, а кај нас ако не ти се погоди музиката ништо од свадбата: Љубовната приказна на Магдалена од Струмица и Џанмикеле од Наполи, Италија
„Од судбината не се бега“, така велат повозрасните, но и сите они кои
го искусиле ова. Можеби и токму овој цитат ја опишува љубовта помеѓу
струмичанката Магдалена и Италјанецот Џанмикеле. Тие годинава прославија 10 годишнина од брак, а нивната приказна започнала
многу интересно и сосема неочекувано.
Се запознале во 2009 година, таа тогаш била студент и ги спремала последните испити до дипломска, а тој млад и успешен човек кој со само 23 години дошол во нашата земја, која за него дотогаш била целосно непозната, за да отвори своја фирма.
Магдалена Ѓоргиева од Струмица е мајка на 8-годишниот Массимо. По професија е дизајнер на внатрешно уредување и работи на две работни позиции. А како што ни откри секогаш наоѓа време да зготви и ужива да го прави тоа: „Колку и да сум уморна во кујна се релаксирам и таму ми е најубаво и среќа никој не ми се меша просторот е само мој. Најубаво ми е кога готвам за најблиските“. А кога се случил првиот бакнеж, како изгледало запросувањето, свадбата ... прочитајте во редовите подолу.
* Каде се запознавте со сопругот? Кој прв го направи првиот чекор? Кога се случи првиот бакнеж?
„Вечерта кога се запознавме јас бев излезена со мојата најдобра другарка. Се сеќавам тогаш и двете имавме испитна сесија и бевме преморени, но и се јавив да ѝ предложам да излеземе. Среќа не ме одби. Сакав малку да се одмориме да се релаксираме и за наредниот ден да сме со нови сили. Токму тој ден (пресудниот ден) се запознаеме во еден скопски клуб. Морам да признаам дека преубаво танцува и токму со тоа ми го привлече вниманието, го гледав цела вечер(се смее), а првиот чекор го направи тој, ми пријде и така се запознавме.
После тоа имавме неколку заеднички средби, откако добро го запознав се случи и првиот бакнеж. Ме привлече со тоа што беше многу забавен, цело време се смееше, убаво танцуваше. И сега знаеме да се посетиме на тие убави моменти заедно со Массимо, нашиот 8-годишен син, затоа што тој има многу прашања: „Па мамо, како тато дошол дури од Италија да те најде тебе?“, па прашува: „Каде се сретнавте, каде се запознавте ...“.
* Вашиот сопруг е Италијанец, па како комунициравте на почетокот на кој јазик?
„На почетокот комуникацијата ни беше на англиски, но со текот на времето Џанмикеле почна да го разбира и да го зборува нашиот јазик, многу сакаше и имаше желба да го научи, иако има по некоја граматичка грешки сепак многу добро се снаоѓа. Многу му е легнат македонскиот јазик што веќе и дома го зборуваме помеѓу себе, но со Массимо зборува само Италијански.
Сопругот е од Наполи тоа е во јужна Италија. Град кој има преку 3 милиони жители, а во текот на годината има безброј туристи. Токму во тој дел од преубавата Италија се наоѓаат најубавите туристички дестинации како што се Соренто, Амалфи, Поситано, најубавиот остров Капри е во близина. За мене лично Наполи е еден топол град кој има посебна енергија и топлина и е место на најубавата наполитанска пица. Среќа ја има и кај нас па така да не ни недостасува толку многу“.
*Како ве запроси? Ќе ни откриете ли дел од вашиот интимен и среќен момент?
„Кога ја почнавме нашата врска првата година живеевме одделно, но после тоа почнавме да живееме заедно. Бевме 4 години во врска пред да ме побара за жена, искрено никогаш не зборувавме за брак, а потајно сакав тоа да се случи спонтано, убаво, без очекувања. Кога се случи бев збунета, па мораше 2 пати да ме праша.
Тоа беше една многу ладна и магловита зима. Тој беше заминат за божиќните празници кај својата фамилија во Италија и требаше да се врати точно на 31 Декември и заедно да ја прославиме Новата Година со нашите другари кај нас во станот. Беше многу неизвесно дали воопшто ќе слета, бидејќи поради временските услови сите летови беа откажани меѓу кои и неговиот, но Џанмикеле добил информација дека од Истанбул авионите слетуваат кај нас на аеродром, па така некаде пред полноќ слета и точно на полноќ ме побара. Од што бев целата збунета додека зборуваше ништо не слушнав, па мораше уште еднаш да ми повтори. Бевме сите пресреќни (прстенот имаше долг пат)“.
* Каде правевте свадба кои обичаи ги запазивте македонските или италјанските?
„Правевме две свадби, и двете ми беа посебни и убави. Првата ја правевме во Италија и таму ни беше главното венчавање пред матичар, а оваа година си прославивме јубилејна 10 годишница. На свадбата во Италија бев буквално гостинка. Мојата свекрва ја организираше целата веселба. Нашата задача беше само да допатуваме од Македонија. На свадбата во Италија дојдоа моите родители, брат ми и снаа ми. Ми беше преубаво немав никаков притисок, незнаев ништо што ќе се случува, незнаев таму какви се свадбите, едноставно бев невеста без никакви грижи од типот дали ќе биде се‘ како што било замислено, а знаеме како може тоа стресно да делува со целата таа организација.
А во Скопје свадбата ја организирав потполо сама. Не сакав помош од никој едноставно сакав најбиските да бидат без стрес и да се чуствуваат пријатно и искрено супер се снајдов. Се‘ испадна како што си замислував до најситен детаљ. Кај нас го оставивме венчавањето во црква. Бидејќи сопругот е католик ме праша дали сакам јас да преминам во католик или обратно Џанмикеле во православен. Искрено ни беше сеедно и двајцата веруваме во Бога, а тоа ни е најбитно. Па на крај јас одлучив да преминам во католик, потајно сакав да имам таква свадба каде татко ми ќе биде тој што ќе ме однесе до олтарот и тоа ми беше еден од најемотивните моменти. Но исто тоа го направив тоа и поради мојата покојна баба со која бев премногу поврзана, уште како мала ме носеше во католичка црква, но не ми беше јасно зошто. Како мала таа била католик, но кога се венчала со дедо ми преминала во православна вера, па ете така сакав тоа го направам и во нејзина чест.
Немавме свадба по македонски обичаи од типот земање невеста со зурли и тапани но затоа во ресторанот кога почнаа ората е тогаш гостите од Италија ја видоа нашата традиција, на свадбата пееше бендот на Тоше и навистина беше веселба за паметење. Доколку ги споредам двете свадби можам да речам дека во Италија многу се посветува внимание на ресторанот, на неговата локација и на храната, а не толку многу на музиката. Италјанците велат ако храната не е добра тогаш и свадбата не е добра (се смее), кај нас пак е обратно ако не ти се погоди музиката ништо од свадбата (се смее)“.
*Која кујна преовладува во вашиот дом: македонската или италјанската? И која храна ја преферира повеќе вашето синче македонската традиционална кујна или италјанските пасти и пици?
„Мммм ова и баш ми е тешко прашање. Правам баланс помеѓу двете кујни. Знаеме никој неможе да одолее на италијанската кујна, а можам да се пофалам дека ја имам многу добро усовршено, особено правењето паста. Син ми неретко знае да најде замерка некогаш кога ќе одиме во ресторант и да рече: „Ти мама подобро ја правиш пастата“,па исто и сопругот, така да слободно може некој ресторант да ме повика со задоволство би споделила некој од моите рецепти(се смее).
Како што реков правам баланс, Џанмикеле ја обожава и нашата кујна. Ги сака нашити сирења, полнети пиперки, муска, сарма така да нашата трпеза секојдневно е различна, а Массимо кога има ден за паста е најсреќен.
* Колку пати годишно ја посетувате Италија?
„Во посета на фамилијата одиме два пати во годината во лето и за време на божиќните празници, но некогаш и поради работни обврски и почесто одиме. Осбено во зима ми е преубаво, затоа што зимите таму не се толку ладни, температурата знае да се искачи и до 15 степени и секогаш е сонце, а тогаш се преубави прошетките покрај кејот на морето. Божиќните празници се волшебни, се собира целата фамилија и се јаде, пие цела вечер, таму знаеме да ја прославиме и Нова година, па после тоа за нашиот Божиќ се враќаме назад да прославиме со мојата фамилија.
Овие ми се најубавите моменти во целата година, исто интересно ми е тоа што за време на дочекот на Новата година во Италија цела фамилија е заедно, сите заедно ја чекаат Новата година и старо и младо, а по полноќ младите излегуваат да прослават со друштво, некако многу внимани се посветува на тоа семејството да биде заедно.
* Заедно со сопругот живеете и работите во Скопје, зошто се одлучивте да останете овде, а не заминавте да живеете во Италија? Што беше пресудно за тоа?
„Како што реков и на почетокот тој на свои 23 години дошол во Македонија да основа фирма за It инженерство, па ете и после 15 години е тука. Истата фирма е со претставништво во Болоња и во Наполи. Му се восхитувам до ден денес за неговата одлука како на свои 23 години дошол да формира компанија во држава која и не ја посетил и не знаел многу за неа пред тоа. Знаеме често да се навраќаме низ разговор на тие негови почетоци овде.
А инаку не би рекла дека нешто било пресудно за да останеме тука некако оставаме работите сами да се движат без никаков притисок. Сопругот е добро прифатен од нашата средина, никогаш и не сме разговарале да заминеме да живееме во Италија, добро функционираме овде. Знаеме кај нас како се движат работите во поглед на здравството, образованието и јавните институции, но јас би рекла никаде не е идеално ако некаде го имаш тоа па ја немаш слободата, ја немаш дружбата со најблиските, со пријателите. Кај нас се‘ уште владее еден добар баланс помеѓу работата и семејството, верувајте на запад и не е баш така, кај нас само да се подигне економијата на повисоко ниво да има за сите, но тоа е друга и долга тема. Со еден збор би рекла дека пресудно за мене беше тој баланс што го имаме овде и таа слобода, семејството ми е најбитно и најбитно од се‘ ми е тоа квалитетно време поминато сите заедно и најважно од се‘ додека се децата мали да им се посветиме максимално за да израснат во добри идни генерации“.
Наталија Миланова