ЗА ЌЕРКА МИ

Добивај вести на Viber

Денес, кога сѐ ти е дозволено, кога сѐ ти е достапно, кога со леснотија може да те изгубам во виртуелен лажен свет, сакам да го запаметиш следново. 

Додека јас сум постојано на работа, барајќи милион и еден начин да ти обезбедам подобра иднина, и попатно не ти посветувам доволно време во моментите кои ги имаме заедно, немој да ме мразиш. Немој да се подадеш на лесните провокации, површните вредности и нереализирани другарки кои те тераат вредноста на животот да ја гледаш кроз најновиот ајфон. Додека заборавам дека за тебе живеам, застани сама од своја, биди си сопствен идол, постави си ја највискоата цел во животот од која и Боговите ќе се исплашат. Немој да се сликаш полугола пред плочките во купатило, никој нема да те валидира повеќе. Оди во училиште, проголтај ја цела светска литература, дознај кој е Рембрант, заљуби се во Ван Гог, идеализирај ја Фрида, научи да слушаш џез на само, додека ја бараш следната свестка дестинација која ќе одиш да ја видиш сама, затоа што не се плашиш од животот. Немој да сонуваш да станеш нечија жена, нечија играчка, нечиј објект облечен од глава до пети со најновите брендови и трендови. Стани наутро, земи длабоко воздух, облечи се за себе, и оди освои го светот. Пронајди се, дознај што сакаш да бидеш, дознај што сакаш да правиш, научи да ја вреднуваш цената на заработката и трудот, биди искрена кон себе, своите мани, своите доблести, реализирај се како човек. 

Не се плаши да сакаш, подари му го срцето на некој што можеби и ќе те повреди, но ќе го паметиш секој момемнт поминат со него, вкусот, мирисот на вашата љубов. Не се повлекувај пред она што го сакаш, побарај си го, од себе, од партнерот, од колегата, од шефот, побарај се што заслужуваш. Пробај да ме почитуваш, и мене и татко ти, не бевме идеални родители, но се обидовме да ти го обезбедиме најдоброто. Не се лути на нашите одлуки, не ни замерувај на сите пропуштени твои важни моменти, толку ни било пиле. Пробај да бидеш подобра од нас, учи на нашите грешки, научи нѐ нас како да бидеме подобри. Не акумулирај гнев, побарај, промени, не се учи на злоба, научи се да сакаш, да го сакаш животот, да ги сакаш своите одлуки, да се почитуваш, да се носиш со себе. Не живеј под маски, под лажни профили, не праќај слики на странци од твоето голо тело, не се продавај за една пијачка, научи да се цениш, не се претворај во објект, биди личност, имај идентитет. Не се плаши да се спротиставиш, не се плаши од Љубов, оди, истражувај, сакај, живеј, смеј се, учи, греши, паѓај, и никогаш не очекувај дека некој друг ќе те стане. Тоа ќе мораш сама. 

Имам 33 години и не собрав храброст до сега да создадам мое семејство. Да родам и да се реализирам за чекор повеќе. Од сите одлуки што се очекуваше од мене да ги донесам во животот, за таа се повлеков, не избрзав. Решив да создадам семејство на основа од почит, љубов и разбирање. Да, со компромис, Да страв ми е и да нема да биде лесно. Да, ќе грешам, однапред сум свесна дека страшно ќе грешам. Ама знам дека ќе имам партнер покрај себе кој ќе знае да ги поправа тие грешки заедно со мене. Знам дека детето ќе ми расте во љубов, и дека колку и да немам време, ќе дадам се од себе да му создадам магичен свет на позитивни искуства и влијанија. 

Дека се тргнавме од вистината и лутаме во празно. Сѐ повеќе сите околу мене ги боли овој живот, сѐ повеќе мои сакани се губат во свои одлуки и од страв решаваат да не живеат. Сѐ повеќе мали девојчиња идеализираат старлети и бираат да немаат никаква амбиција освен богато да се омажат. Сѐ повеќе мажи ги безвреднуваат жените, ги категоризираат во исти, Мажите за жените и Жените за мажите. 

Епа не сме. Сите сме индивидуи со свое јас, со силен идентитет, ако сме погубени во општествениов бескрај, ако е тешко, ако сме по Македонски, ако паѓаме, ако боли.. Секој од нас има вредност, можеби оштетена, но тука е, и до нас е да ја донесеме правата одлука за текот на нашиот живот. 

Престанете да се плашите од овој наш живот. Престанете да животарите, соберете храброст за радикална промена и никогаш немој да заборавите дека позади вас постои семејство кое дало се од себе, колку можело, за вие да станете комплетна личност. Не акумулирајте гнев и лутина, не збеснувајте од немоќ која сами ја создавате и ве остава на истото место од пред една година. 

Во бара нема промени. Треба течение, треба свежина. 

Јас сум Ивана Кнез, ова е за моето дете, за да не заборавам дека треба да сум мајка пред сѐ. И да не заборавам да го научам дека животов вреди повеќе од една брендирана чанта. 

Се читаме следната недела.