За кого си убава?

Добивај вести на Viber

Пред некој ден се местиме со ќерка да гледаме филм на Нетфликс. Не знам од кај ги наоѓа тоа хорорите од кои после само кука дека се’ во станот крцка и шушка, а башка тоа дека и јас се трауматизирам. Инаку, дури си има и на лист напишано потсетник дека не треба да се гледаат хорори навечер (демек денски е побенигно), ама пуста желба и убедување. Наместивме лаптоп, носам грицки и седнувам до неа. Таа си врти на инстаграм по тоа reels (да ме отепате ако знам да го преведам соодветно) и ми покажува некои мачиња и кутриња оти сме во фаза пазарење дали да вдомиме милениче и кој за што ќе е задолжен во грижата. Како што стојат работите преговорите ќе се одолговлечат, оти ми се чини дека нејзиниот удел ќе е само во ирање со миленичето и евентуално сликање за инста. Нејсе, вртејќи низ инстаграмот со брзина од која почнува да ми се мати во главава, внимание ми одзема една неверојатна трансформација на девојка која успева со многу вежби и правилна исхрана драстично да намали телесна тежина. И кога велам драстично, баш така и беше. Јас со килограмите сум малку како со грамови, милилитри и сантиметри (да, знам) и немам осет, ама девојката имаше сигурно над 150 килограми, за во последната секвенца од видеото да биде како манекенка. Во тие 15-тина секунди беа збрани неколку години вистинска борба со себе и навиките кои и’ донеле и низа здравствени проблеми.

Отсекогаш сум се воодушевувала на луѓе со силна волја, кои успеваат да истераат нешто што ќе наумат а е во врска со нивното здравје, пред се’. Особено тоа ми е потенцирано последниве години кога ме шамара менопауза, па ми се чини дека на задников ми се лепи и она што го јадат другите. Имам мака да ги симнам тие 5 килограми плус и таман ќе успеам, сфаќам дека тие мене никако да ми раскинат па ми се враќаат. И сега некој ќе рече оти 5кг не се ништо, ама јас си ги осеќам таман толку за да не ми е убаво, оти цел живот сум имала 58. Знаејќи што мака е слабеењето, особено ако треба да е здраво и без гладување, без пиење апој за “магично да ги снема килограмите” и проследено со мнооооогу потење и болки во мускули, капа симнувам на секоја жена која успеала да си го среди телото. И она што ме воодушевува е доследноста која јас ја немам и посветеноста за која можам само да си кажам “Ано, седи...кец”. Коментираме со ќерка (и двете импресионирани) за тоа колку е тешко човек да одолее на искушенијата кои си ги носи опуштеноста и прекумерноста во се’ (не само во исхраната) и колку е важно да се зацртаат цели кои ќе ни го подобрат квалитетот на живот.

И додека го враќаме видеото неколку пати и си муабетиме, наеднаш приметувам нешто што ме остави подзината, а тоа беше насловот кој  гласеше “што мислите, се кае ли дечко ми сега?”. Упс! Чекај малку, оваа мака некој ја поминал само заради естетскиот момент и тоа за дечко??? Да, признавам естетски момент кога се работи за сопствената перцепција за телото и изгледот. Токму затоа и не осудувам естетски корекции кои билдаат самодоверба и кои усреќуваат, без оглед што лично не сум поборник на истите.  Мојата решеност да се носам со годините кои идат можеби и ќе се смени за некоја година, не знам. Можеби и стравот од легнување под нож ќе ми мине кога ќе подостарам. Она што знам е дека секоја жена има потполно право да направи се’ што сака ако тоа ја прави среќна и во мир со себе. Но, ова важи само и исклучиво ако е тоа заради нејзиното око и вкус, а не за тоа дали ќе ја сака некој во своето природно издание.

Зошто сме опседнати да бидеме оквалификувани како убави и пожелни од спротивниот пол? За кого сакаме да сме убави? Зарем не е доволно да чувствуваме лично задоволство кога ќе се погледнеме во огледало?

Знам дека мотивот е важен за секоја одлука и дека без мотив, не ја бива работата. Јасно ми е дека мора да има ветар во грбот за да се истрае и да не се потклекне. Да се има челична истрајност за да се успее и да се истера до крај она што ќе го наумиме е најтешкото. Не се тука само навиките кои сме ги развиле низ животот, туку и искушенијата кои уште повеќе ќе ги приметуваме тогаш кога знаеме дека нешто НЕ е добро за нас. Токму затоа, мотивот мора да е силен и добро зацртан. Ич не сум по благото, ама кога ми беше изричито забрането од Ивица (тренерот) дека не смеам да помислам да каснам нешто што има шеќер, беше неверојатно колку почнаа да ми се јадат торти, колачи, чоколади. Умот е една прекрасна и проклета работа. Речи му НЕ и одма се фокусира само на тоа. Кај нас дома се случувало да се фрлат чоколади бидејќи им минал рокот, ама тогаш кога не смеев патев по нив. И не дека навистина ми се јадеше благо, само не можев да прифатам и да се помирам дека ми е забрането. За мене, мотив беше болката во зглобовите, тромоста, константниот умор и незадоволството кога ќе се видев во огледалото. Можам да разберам дека за некој друг мотивот е дечко, маж, партнер, ама не можам да се помирам со тоа. И пред да ми залепите етикета дека сум мажомрзач, да ви објаснам зошто не се помирувам со ова.

Секогаш кога мотивот за нашата промена ја бараме во друга личност, колку и да успееме да го реализираме сепак останува чувство на пораз. Што ако после најдеме некој кој ќе не’ сака во некое трето или четврто издание? Сега сум со црвена коса. Ако најдам некој кој ќе ме сака со црна, ќе се офарбам црна? А ако после се појави совршениот што ќе сака блондинки, што треба да правам? Ќе слабеам за да се допаднам на сегашниот партнер, а идниот ако сака пополнички ќе треба да накачам килограми?

Која е вистинската јас и што сака?

Впрочем, нека не е партнер во прашање. Едни ќе ве бендисуваат како бринети, други како спортски тип, трети сосем поинаку. Да се живее по теркот на туѓата перцепција за вас, е измачувачки и создава конфузија. Фрустрацијата да се задоволат желбите и замислите за тоа како треба да изгледате е нешто што не поминува. Ќе ја потиснете, ама кога тогаш ќе мора да се соочите. Бидете си убави за себе, ако некој не ве сака такви какви што сте а вам ви е убаво, ич да не берите гајле. Ако не е тој, ќе биде некој друг. Ако дозволите да ви диктираат какви треба да сте за да бидете вреднувани и љубени, турете пепел и на човекот и на односот. Од тоа не бива ништо. Ослабете ако вам ви е потребно, сеедно дали ќе е од естетски или здравствени причини. Кренете ги градите ако вам ви пречи формата, а не оти некој прави невкусни шеги или ви се потсмева. Турете ботокс ако ви пречат линиите на лицето, ама не затоа што стравувате дека ќе бидете оставени.

И да повториме за да не се заборави. Нема поубава жена од онаа која се сака себе и која знае како да покаже однадвор она што го има внатре во себе. Следниот пат кога ќе сакате да смените нешто, прашајте се само за кого. Ако одговорот е ЗАРАДИ СЕБЕ, go girl.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не плачи душо по младоста

Ниту солза за неа пуштај

Оти таа не е во годините што ги носиш

Ниту во лицето мазно

Или рацете без старечки пеги

Не барај ја во албуми со слики

За на душа јадови да си клаваш

Џарејќи се во лице кое веќе не е твое

Ниту во спомени чепкај

По ќошиња разни во себе не ѕиркај

Во писма со изветреан мирис на рози

Не вдишувај порази

Не плачи

Немој да тажиш душо по младоста

Оти таа не поминува

Чунки болест не е

Ниту птица која прелетува

Или река која преку корито претекува

Не е ден за да изврви

Ниту ноќ за земја да олади

Не реди тажачки за младоста

И не трчај по неа за да ја стасаш

И силно в рака да ја зграпчиш

Та со неа назад да се вратиш

Оти она што животот го навјасал

Ниту горнион да го врати можи

Сопри

Умот сопри го

Излези од врвулицата во која

Ниту една мисла веќе можеш да си чуеш

Ниту пак, дишењето да си го сетиш

Исчекори од овој метеж на собрана тага

Во кој немаш познат лик

Кој утеха ќе ти даде

И чие око за тебе солза ќе пушти

Проклетство жено

Со само еден замав на раката застани го светот

И најди ја младоста во себе

Онаа по која коси корниш

И во туѓ поглед бараш

Дали уште на себе ја носиш

Најди ја во она што однатре ти свети

И глата горе крени ја

Та имала 25 или 75, таа си, истата си

Оти младоста лик нема

Таа

Таа страст кон животот е

И сочен загриз на утрото кое иди

Таа е свилен звук на воздишка меѓу двајца

И нежна мудрост која не вреска

Таа си ти и во себе ја имаш

И колку појќе љубов со животот водиш

Толку подолго ќе ти трае

И во моќта нејзина секој ден ќе се раѓаш

Проклетство жено!

Разбуди ја во себе младоста

Онаа која во бројка од години си ја задушила

И плеќите испрај ги, очите отвори ги

Чекори без да жалиш по што и да е

И без да лелекаш по она што минало

Оти младоста век нема

Ниту рок на траење си носи

Ниту за смрт или закоп знае

Дур знаеш да живееш

Дур при живот умрена не си