За македонцките работи

Добивај вести на Viber

Не одам често на концерти. Да не речам, скоро никогаш. Ме фаќа напад на паника од масовноста на луѓето и од тој набој на емоции со кои не знам како да се справам. И признавам дека имам пропуштено многу можности (со умисла) да бидам сведок на ретки гостувања. Во мигот кога дознав дека после 2 години Дуке доаѓа, си реков “Ано, пробери се, ќе биде со седење, само немој да се расплачеш”. И кога искомунициравме со Дуке (со гордост кажувам дека ова ни беше втора соработка) и кога ми кажа дека сака една песна да биде прочитана на концертот, отидов до билетарница и купив билети навреме.

Уште од мала, кога ме носеа, а подоцна и кога одев сама на претстави ми беше останато од баба ми дека на такви настани се оди прописно облечен. Дека со тоа се оддава почит кон оние чие дело/изведба се гледа. И така, на 11 мај цела фамилија (среќа малку сме, само четворица), кој од кој подотеран отидовме на концерт. Почетокот закажан за во 19.30 часот. Ние стокмени, намирисани, таму нацртани уште во 19.10. прво помислив да не сум го згрешила влезот, ама луѓето сосем коректно ни ги прегледаа билетите и не’ пуштија. Та ваму сме онаму сме, ајде по скалите горе и влегуваме во салата.

Салата празна, освен овде-онде седнати луѓе, кои се’ на се’ (сосе нас четворицата) беа околу петнаесеттина. Си ги најдовме местата, седнавме и чекавме. Веќе стана 19.25 минути кога започна масовно влегување. Во таа масовност, нормално дека настана гужва од типот “кај сме....кој ред...извинете да поминам”. Салата се полнеше и полнеше. Луѓето насмеани, како да не беше важно што веќе стана очигледно дека нема да се почне навреме, се поздравуваа едни со други, застануваа да си помуабетат.

И не можев, а да не помислам дека немаме основна култура за однесување во театар или на концерт. Ако ме прашате (а среќа што никој не ме прашал) секој треба да е на своето место барем 5 минути пред почетокот. И само во исклучителни случаи некој да дојде пред самиот почеток. И не признавам ниту јавни личности, ниту политичари...ама баш ништо!

И повторно, среќа што никој не ме прашал, оти врати би затворила во моментот кога треба по распоред да започне настанот.

Научени сме да се однесуваме снобовски! Демек, сум платила карта и ќе дојдам кога сакам. Не, со картата што ја плаќам, ја плаќам цената на мојот сопствен хедонизам и уживање. Не го плаќам трпението на оние кои треба да излезат на сцена и да ми приредат задоволство.

Почитта кон уметникот ја покажувам со тоа што ќе се дотерам (и да сме на чисто, зборувам за пристојна облека, а не за скапо облекување) и ќе го почитувам неговото време.

Почитта кон уметникот ќе ја покажам со молк додека ја гледам претставата/концертот, а не со прераскажување на тоа каков ми бил денот!

Почитта кон уметникот се покажува со исклучување на мобилните телефони (освен за да се долови дел од атмосферата), а не со муабет на вибер или скролање на фејсбук.

Дуке направи магија. Магија која ме остави без здив и со која ми се потврди дека треба да се гордееме со луѓето кои ги имаме и кои создаваат. Скромен, тивок, свој...ова го кажувам само како човек кој е обичен гледач на нешто што ме однесе во сосем друг свет. Нема да ви кажувам за чувството кое го имав додека девојката со ангелски глас го рецитираше Петре М. Андреевски. Уште помалку ќе зборувам за чувството што го имав кога ја рецитираше мојата песна. Бев сконцентрирана на звуците, на енергијата на Дуке и луѓето кои го придружуваа.

И не ме фати паника, бев мирна и истовремено потресена од сета убавина која толку неусилено си фати свој ритам.

Во ова наше време-невреме, жедта за уметност не се намали. Исто како што не ни се намалил и фраерукот во однос на она што погоре го напишав. Сите ние знаеме да се потупкаме по рамо кога ќе се сретнеме, да си направиме дури и лице. Никој никого не може да натера да појде на настан. На промоција на книга, половина од присутните се надвор за да запалат цигара. Во театар или кино се зборува и трепкаат мобилни. На концерти се доцни.

До кога вака?!

Па секој од нас може многу лесно да се стави во чевлите на другите. Ете, имате настан кој ви е важен. И сте испланирале се’. До детали. И сето тоа се пролонгира затоа што гостите кои сте ги поканиле, а доаѓаат по свој избор, доцнат!

И знам дека некој ќе рече оти сум премногу строга. А можеби и сум, не велам не!

Ми текнува на една прераскажана случка од пред многу години. Премиера на познат филм во кино. Врвулица од луѓе, мириси на парфеми, бунди и фризури...сјајот на нашето сиромашно општество. Премиерата започнала со задоцнување од околу половина час, за после некое време во кино салата да останат само оние кои се љубители на филмската уметност. Останатите гости се вратиле во фоајето за да се домуабетат.

Ако одите некаде само за да видите некого и за да бидете видени, имајте предвид дека ускратувате билети на оние кои не стасале навреме да купат и кои знаат да уживаат во нечие дело. Верувам дека ако Дуке направеше уште 3 концерти, салата ќе беше преполна како и за првите 2.

И за крај...

Бидете публика пред која секој уметник ќе сака повторно да настапи. Дајте љубов на оние што се на сцената, дајте им фидбек на она што ви го даваат. Впрочем, по завршувањето на концертот на Дуке, додека си одев сите лица кои ми паднаа во очи беа со некој нов жар и омекнатост.

Ти благодарам Дуке...за твојот Сон, Верба и Љубов кои се сега и мои/наши.

 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

(Песната која се читаше на концертот)

Има ли мерка за љубов?

знае ли некој како љубовта се мери

еве, децата велат

“те сакам до небото и назад”

оти небото во детскиот ум е бескраен

и некогаш се прашувам

дали душата е поголема од небото

та ми се чини оти мора да е

оти во неа и небо збира

сосе облаци и ѕвезди

и сиот дожд

сосе грмотевици и молњи

а сепак поубаво ми звучи она

“до небото и назад”

оти тоа барем знам колку чисто е

и оти тоа, детското небо

е поголемо од душата на возрасните

и затоа никому не верувам

ама баш никому дека ме сака со кажана мерка

небаре љубовта штоф е

па од неа одело ќе скроиме

или свечен фустан за забава

небаре љубовта течност е

та од неа ќе ги наполниме чашите

за живели со непознати да правиме

небаре љубовта храна на трпеза е

та како на скап коктел

ќе боцкаме и пребираме

детската љубов

таа кај тебе сакам да ја видам

да ги рашириш рацете

па да се премислиш

и угоре да ги крениш

и со чист глас да кажеш

“те сакам Ано до небото и назад”

и да се смееме небаре шега е

а и обајцата да знаеме

колку вистина има во детското поимање на љубовта

колку вистинска љубов во неколку збора е збрано

оти ко ќе не’ нема

душата на истото тоа небо заминува

токму на она, детското небо

она небо до кое љубовта ми оди

и повеќе не се враќа