За мене светот се врти околу децата и тие се мотивација за сѐ: Утринско кафе со Васко Пиличев

Кафе не пијам и сум голем противник на ритуали од таков тип, но како и сите други имам некои навики кои ги правам после будење. Најчесто заедно со сопругата Марија пиеме чаша млака вода со лимон и мед. 

Ме мотивират децата (и моите деца, но и моите ученици). За мене светот се врти околу децата и тие се мотивација за се‘. Кога ќе видам среќно дете нема подобар мотив да продолжи денот во позитивна насока, кога ќе видам некое дете кога е задоволно од тоа што нешто добро направило нема подобар начин да се заокружи месецот, кога ќе видам дете за кое знам дека вложило многу труд за да постигне некој успех, нема подобра мотивација да се продолжи понатаму со уште поголем елан да се работи и другарува со децата. А бидејќи работам со огромен број на деца можете да замислите колку имам мотив за се‘ во животот. 

Јас сум човек кој секој детаљ од денот се труди да биде испланиран и реализиран, не сакам импровизации во секоја смисла на зборот кога се работи за организација на времето. Ме нервира кога некој касни, тоа е нешто што никогаш не сум го разбрал и практикувал, напротив секогаш се трудам да сум точен и да го испочитувам тоа што сум го договорил со некој или сум го испланирал да го реализирам.  

Денот ми завршува најслатко, со моите деца и сопругата. Се разбира кога се враќам од работа сум прилично уморен но се наоѓа уште од енергијата за да се заокружи еден нормален и убав ден од животот кој, никогаш нели нема да се повтори. Затоа многу е важно да се трудиме да размислуваме само позитивно и со такви мисли да сонуваме. 

Филмови гледам многу, скоро на сите платформи сум претплатен и уживам да гледам добар филм со сопругата кога тоа е можно се разбира поради обврските околу децата со домашни, со игри тоа не е секогаш возможно но знам често да уживам и во тоа.


* м-р Васко Пиличев - професор по гитара*