Најголемите светски медиуми пишуваа за неа: За Женски магазин, Мејк ап артистката Мери ја открива тајната на успехот
Веќе 23 години работи на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Таа е жена, сопруга и мајка, а и една од најдобрите мејк ап артистики во државата за која се пишува и во најпознатите светски медиуми.
Денес ви ја претставуваме Мери Бајрамовска. Таа е голема инспирација за многумина, дама која со шминка се занимава 10 години, а за Женски магазин ја раскажа нејзината приказна, но и ни откри кои ќе бидат трендовите во шминкањето во претстојната пролет и лето.
За неа, читате во редовите подолу.
*Раскажи за ни твоите почетоци. Која е Мери Бајрамовска за оние кои не те познаваат?
-Мери Бајрамовска е жена, сопруга и мајка на две прекрасни деца, магистер во областа на туризмот, вработена на Аеродром Св. Апостол Павле - Охрид , која има визија и стратегија да твори, создава и да ги мотивира другите луѓе, лидер во својата фела, пожртвувана, чесна, која знае да креира вредности, посветена во својата професија и која не штеди ни време ни енергија за да стигне до целта. Makeup by Meri е синоним за автентичен, авангарден makeup artist кој диктира урбан и препознатлив моден правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови, пренасочувајќи ги светските модни текови на шминката кон македонскиот пазар, дисциплинирана и одговорна во својата работа.
*Колку време се занимаваш со шминкање, со колку познати личности си имала соработка досега?
-Со шминкање се занимавам 10 години.
Се сеќавам, уште како дете бев вљубена во разновидноста на боите, во цртањето, во сè она што ја претставува уметноста. Моите дланки ја имаат таа умешност да бидат креативни да цртаат на платно, едноставно, сите сме родени со некоја дарба.
Но, шминкањето - тоа е мојата прва љубов, моја пасија, тоа е за мене вистинска уметност. Велат, уметноста е наследна и токму така е. Јас ја наследив од мојата мајка, а мојата 12-годишна ќеркичка уште од сега може да ми парира.
Шминката е мое хоби, мое сè и единствено тогаш се чувствувам своја. Бидејќи уметноста нема почеток, ниту крај.
„Во моето студио биле од Наташа Беквалац, Теа Таировиќ, Александра Матрих, Јелена Бачиќ Алипчич, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Антониа Гиговска, Лина Пејоска, Андријана Петрушовска, Барабара Поповиќ, Наташа Малинкова, Мариа од „Eye Cue“, Сара Гигова, Елена Велеска, Сузана Гавазова, Соња Трчуловска, Мелани Трчуловска, Влатко Лозаноски, Ристе Ристески, Ѓоко Танески и многу други.
*Правиш навистина магија со шминката. Како светот дозна за тебе, односно како излегоа твоите интернет туторијали во странските магазини?
-Кога ќе ве препознае најголемата заедница на светот, со повеќе од 3 милијарди активни корисници месечно, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат кон исполнување на својата животна мисија. @makeupmeri е единственa официјално мејкап артист Verified страница на Instagram од Македонија.“
Се` повеќе интернетот станува неизбежен дел од нашето секојдневие и нашите животи. Понекогаш сите информации околу нас се црпат само од интернетот и социјалните мрежи. Многу важно е тоа што, преку новите интернет медиуми се нудат најбрзи, најточни и најсигурни информации, од каде клиентите можат сами да ги донесуваат заклучоците кои се од клучно значење за шминкањето. Социјалните мрежи создадоа т.н. глобален интернет јазик со кој комуницираат и можат да се разберат луѓето од целиот свет. Јас ја следам оваа технологија бидејќи сметам дека она што ги прави социјалните мрежни сајтови уникатни е тоа што им овозможуваат на корисниците да ги артикулираат и да направат сами видлива разлика за работата од „шминкер“ до шминкер.
*Кој светски медиум прв ти понуди соработка?
-Ја имав таа привилегија за мене да пишуваат светски реномирани медиумски куќи како што се: Daily Mail, Cosmopolitan, Bild.de, Glamour Paris, а моите видеа беа прикажани и на неколку телевизии, меѓу кои и турската Tv8. Моите мејкап трансформации денес се сензација на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, а дел од нив станаа вирални.
https://www.ellecanada.com/beauty/makeup-and-nails/leg-contouring-is-a-thing-now
https://www.usmagazine.com/stylish/news/beauty-blogger-tries-to-make-leg-contouring-happen-w201842/
https://poiseandpurpose.com/leg-contouring-is-a-thing-and-i-dont-know-how-to-feel-about-it/
*Мери ги поставува највлијателните трендови во
шминкањето последниве години. Кажи ни што ќе биде во тренд во поглед на
шминката претстојната пролет и лето?
-Визиите на мејкап артистите за сезоната пролет/лето се одликуваат со разноликост, така што во нив ќе се пронајдат и оние кои го преферираат природниот свеж изглед, но и оние кои преку шминката сакаат да остават силен впечаток. Пролетта ги враќа на сцената боите. Ајлајнерот е еден од оние трендови кои никогаш не исчезнуваат, но во секоја сезона се со инкорпорирани алтернативи.Тенот е еден од клучните трендови на секое лето, многу сочна и сјајна кожа, како само излегување од сончање. За да го постигнете ова, само треба да користите добар хидратантен крем со фактор за заштита од сонце. Нека биде природна боја на кожата исончана може да има истакнатост и да се додава илуминатор во клучните области на лицето. Време е максимално да ги покажете усните. Оваа година се враќаат силни, долготрајни бои, но со помазна, посатенска завршница од пред неколку сезони. Кармините се повеќе кремасти, хидратантни, па дури и со ефект на сјај, да, без да се заборави добар преглед со кој совршено ќе се исцрта устата.
*Многумина знаат да кажат дека со шминката на Мери не ни е потребна теретана. Како дојде до идејата за шминка на телото или контурирање со пудри и коректори?
-Секако дека е потребна теретана, идејата и самата смисла на контурирањето е да добиеме совршен облик на лицето и телото, истакнати јаболчници, поголеми очи, помал нос, поголеми гради итн. За контурирање, секогаш користиме темна и светла нијанса на пудра. Со коректорот во посветла нијанса од вашето лице или тело ги истакнувате сите делови што треба да се истакнат, додека со оној во потемна нијанса, ќе ги сокриете, односно визуелно ќе ги прикриете недостатоците. Контурирањето со коректорот се прави откако на лицето ќе нанесете основна пудра во боја на кожата.
Овој тренд е доста популарен во светот и кај нас зема доста замав
*Колку контурирањето може да го промени
изгледот на некоја личност, колку може да прелаже?
-Тајната на ваквиот изглед е правилното контурирање на лицето. Нашето лице е комбинација од посветли и потемни делови. Со нанесувањето на светли нијанси му даваме светлост и сјај на нашето лице, додека со потемните нијанси создаваме лажни сенки што му даваат подлабок изглед.
*На кој начин би го промениле или подобриле
домашниот пазар за шминка?
-Не е доволна само моќта на дланките туку и квалитетот на поизводите со кои се шминкате. Во мојот салон за убавина ќе бидете дел од најреномираните брендови кои се движат со репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет на ниво на престиж на ултра премиум луксуз: M.A.C.- Urban Decay - Estée Lauder - Bobbie Brown - Make Up For Ever - Sephora - Lancôme. Anastasia Beverly Hills , Kiko Milano,Тhe Balm Cosmetics ,Tarte Cosmetics,Too Faced и многу други брендови кои се синоним во целиот свет каде шминката претставува уметност, со талентирани уметници со стил, чија елегантност ги красат страниците на сите водечки списанија и со кој се достигнува врвот во козметичката уметност. Токму затоа одбрав да работам со високо квалитетни фирми бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.
Домашниот пазар може да се подобри само со следење и воведување на сите светски новитети. Модата не стои во место и затоа секогаш треба да се следат модните трендови и навреме да се известува за новите модни текови во шминкањето. Кога почнав да шминкам имав голема желба и љубов, но тоа е само првиот предуслов, понатаму тие два предуслови треба цело време да се потхрануваат со многу работа, следење на светски трендови, инвестирање, креативност и уште повеќе желба и љубов.
*Мери е вработена на аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид како специјалист за обука, сопруга и мајка на две деца – како успеваш да балансираш меѓу приватниот живот, работата и шминкерството?
-Успешна жена треба да знае да менаџира, како професионално, така и приватно. Да биде лидер на работното место, но и да биде добра сопруга, мајка, другар и пријател. Немањето време не може да биде оправдување за некои важни работи во животот. Вие имате 24 часа за трошење секој ден и самите избирате на што ќе ги потрошите. Доколку немате доволно време за да го повторите материјалот за испит, да отидете на пијачка со пријателите или да прочитате книга, тоа не е затоа што немате време, туку затоа што така сте одлучиле. Наместо овие активности сте избрале да правите нешто друго. Така и јас покрај работата која што ја работам на Аеродром веќе 23 години, одлучив остатокот од времето да го поминувам креативно со шминкање кое ми дава многу повеќе сила понатака да се справам со домашните обврски и да се посветам со љубов максимално на моите деца. Ништо не би било доволно и целосно, доколку ја немав вистинската поддршка од мојот сопруг и мојата фамилија, бидејќи само така се постигнува вистинскиот успех во она што го сакаме и го работиме со задоволство.
*Кое е твое мото во животот , што те води напред?
-Моето животно мото е никогаш да не се откажувам од своите цели и соништа . Кога нешто силно посакуваш целата вселена ствара заговор за да го добиеш тоа. (Пауло Коељо)
И кога имате проблеми и се чуствувате како цел свет да го носите на грб, сетете се дека: “Секогаш пред изгрејсонце е најтемно!“
Она што ме води напред е мојата фамилија, бидејќи само така се постигнува вистински успех во она што го сакаме.
*Неодамна доби награда, колку ти значат овие признанија?
-Токму така на четвртиот „U&Z Influencer Awards“, што се одржа на 12 декември во „Ederra Rooftop“, во организација на специјализираниот магазин за жени „Убавина и здравје“ ја имав таа чест да добијам награда за „Makeup influencer Award“ за 2022 година.
Ова награда ми преставува голема чест и поттик за понатамошен успех исто така оваа награда ја посветив на мојата соѓраќанка Маја Миа која прерано замина од овој свет, а ми беше голема поддршка во моите почетоци. Се надевам дека е на подобро место.
*Како изгледа еден твој обичен ден, како се релаксираш?
-Како секоја мајка и сопруга првенствено гледам да ги завршам сите домашни обврски, потоа следуваат активности и задолженија кои ги имам на професионален план како на Аерордом така и во моето студио, и се разбира на крајот од денот мора да се најде време и за во теретана, за да си ја намалам работата со контурирањето на лето (се смее).
Ирена Ставрова