,

За моето другарче во болница: Ученици од Македонија преку цртежи испратија желби за подобро здравје за децата кои се борат со рак

-Во изминатите 15 дена нашиот мејл и поштенската адреса се преполни со љубов, шаренило и желби за подобро здравје, кои беа пренесени на хартија, а пристигнуваат по повод најзначајниот ден за нас и за децата во кои се борат со малигни болести - 15-ти февруари. Темата беше добро позната за сите ,,За моето другарче во болница", а за наградените, издавачката куќа Арс Ламина обезбеди пригодни награди - соопштија од САНО.

По повод меѓународниот ден посветен на децата кои се борат со канцер - 15 Февруари, Здружението САНО објави ликовен и литературен конкурс за сите ученици ширум Македонија. Ликовниот конкурс на тема “За моето другарче во болница” за основци, а за средношколците, литературен конкурс, есеј на тема “Јас сум пријател на децата во болница”. 

Првичниот план беше најдобрите три цртежи и есеи да бидат наградени. Но, од САНО велат дека цртежите биле толку прекрасни, што наместо 3 награди, со помош на издавачката куќа Арс Ламина, сепак решиле да наградат 10 цртежи.

Во продолжение погледнете ги прекрасните цртежи со кои ученици од различни градови низ Македонија, испратија желби за подобро здравје за сите деца кои се борат со рак.

Селекцијата на победниците ја извршиле проф. д-р Ана Фрицханд, претседателката на САНО - Јелена Димовска и волонтерката Фима Трајковска етнолог.

Награди од Арс Ламина имаше и за средношколците, кои на дело покажаа колку се вешти со зборови. Емпатијата, љубовта и надежта преовладуваа во стотиците есеи - велат од САНО и додаваат дека тинејџерите покажале како треба да се биде прав другар на децата во болница. Селекцијата на победници во оваа категорија ја извршиле од уредништвото на издавачката куќа Арс Ламина.