За наградата „Пегаз“ за 2022 година ќе се натпреваруваат 38 ракописи

Добивај вести на Viber

На четвртиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, што го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 38 ракописи. Конкурсот беше отворен на 28 април и траеше до 1 септември 2022 година.

Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 декември 2022 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и трето-рангираните романи.

На минатогодишното издание на „Пегаз“ пристигнаа 44 ракописи, а за победнички беше избран романот „Хотел меѓу две војни“ од писателот Александар Русјаков, кому му беше врачена наградата на посебна промотивна свеченост.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата е востановена и се доделува од 2019 година.


*ПР објава