За она утре кое можеби никогаш нема да осамне: А ти мисли се, оставај ги работите за подобри времиња

„Коби Брајант се качил во хеликоптер со ќеркичката и толку, за само еден миг, крај и за двајцата. Веќе ги нема. Тој 41, таа 13 години.“

На денешен ден во 2020 година, во страшна несреќа загина еден од најдобрите НБА играчи на сите времиња.

На 26.01.2020, шокантна вест за трагичната смрт на Коби Брајант, ја обиколи планетата со брзина на светлината. Неговата наследничка Џијана, која имаше 13 години, исто така го загуби животот во страшната несреќа, а овој настан засекогаш ги смени животите на членовите на нивното семејство, чии срца останаа со вечна празнина.

„А ти мисли се. Двоуми се. Лишувај се од задоволства. Оставај ги за подобри времиња. И одложувај. Штеди, не троши. Реши, па предомислувај се. Тргни, па застани. Појди, па врати се. Инаети се, не попуштај. Трпи болка, не простувај. Чекај да те молат, не се јавувај. Молчи и не кажувај никому ништо. Посебно не убавото. Не мора денес. Ти вечно ќе живееш. Има време. Најубавите зборови кои можеш некому да ги кажеш, најдобрите дела кои можеш за некого да ги направиш, чувај ги за утре. За она утре кое можеби никогаш нема да осамне...

Живот неизживеан. Дела неостварени. Зборови одмолчени. По тоа ли сакаш да те паметат? Твоите блиски нема да знаат што си сакал за нив да направиш или да им кажеш. А ти ќе немаш време ни да се покаеш. Ќе имаш само еден миг... прекраток за било што друго освен за последна воздишка... како оној на Коби и ќеркичката.“

*Фејсбук статус на Калина Коси '2020