За секого има место под сонцето на среќата: Утринско кафе со Рената Пенчова

Утрата ми се посебен дел од денот и ми даваат позитивна енергија, која сакам да ја ширам насекаде околу мене. Денот ми почнува во раните часови со утрински ритуал кој полека ме движи по дневната, ритмичка хармонија, која почнува со некои спортски активности или јога. Ретко го почнувам денот со кафе, но затоа преферирам цеден лимон со топла вода или чај. Во таа тишина уживам сама, расонувајќи се и подготвувајќи се за новиот ден со некоја книга во рака. Имам неделна и дневна листа на обврски и активности и секогаш се трудам да сум реална со времето кое го поседувам, морам да признаам организираноста ми е добра страна. После направениот план, на крај го проверувам мејлот, пораките и новостите на социјалните мрежи.  

Ме мотивира љубовта, животот, мојата фамилија, дури денот често знам да го започнам со некоја инспиративна порака. Феминистичките идеали, младите активисти, луѓето кои не се откажуваат и се борат до крај и веруваат во убавината на нивните соништа се моја инспирација. Малите ситници ми го прават денот прекрасен, тоа може да биде убав сончев ден, прошетка, кафе со пријателите, убава книга, нечија насмевка и прегратка.  Цврсто сум убедена дека за секого има место под сонцето на среќата, се’ може да се постигне со работна дисциплина, упорност и позитивна мисла. Особено ги ценам емоционално стабилните и реализирани луѓе кои ги мотивираат останатите околу себе.

Деновите ми се различни и се’ зависи од обврските кои ме очекуваат. Постојано сакам да сум во движење и во контакти со луѓето, тоа ме прави задоволна и среќна. Дефинитивно функциниорам најдобро со потсетник и со листа на обврски кои треба да бидат завршени. Претпладневните часови сум многу продуктивна и максимално се вложувам. Овде се вклучени волонтирања за различни младински активности, привремени работни ангажмани, учество на различни курсеви и обуки за своја лична надоградба  и сл. 

Практикувам деновите да бидат различни сами по себе. Сакам да патувам, да се дружам, да запознавам нови места и луѓе. По завршувањето на обврските околу факултет сакам да имам време за себе и за најблиските. Вечерните часови ми се резервирани за акумулација и рефлексија на денот во мирна атмосфера, а во ноќните часови најчесто имам инспирација и ги користам за пишување. Најубаво е чувството на задоволство од успешен и продуктивен ден.

Како студент по книжевност, поетеса, секогаш сум опкружена со книги и уживам во тоа, поголема љубов ми е книгата од филмот. Најчесто читам во вечерните часови, но исто така ги користам и моментите додека патувам или се возам во автобус. Често ја прередувам својата домашна библиотека, понекогаш се случува да имам неколку непрочитани, а јас сум веќе во потрага по нови наслови. Сѐ зависи од расположението понекогаш повеќе преферирам да изгледам некој добар филм во добро друштво. 

*Рената Пенчова - студент по книжевност, поетеса, поранешен ТВ водител на детската образовно-контактна емисија „Ѕвон“