За Велигден најмногу ме радува насмевката на децата и внуците кога се кршиме со јајца: Празнично со Милена Антовска Станковска
Убави денови ни
доаѓаат, најубавите во годината. Деновите кога се празнува Христовото
воскресение. Победата на животот над смртта. Велигден е празник на семејството,
кога се собираат сите членови пред трпезата и се кршаат со велигденски јајца, а
најсреќни на овој чин, но и тажни ако им се скрши јајцето се најмалите. А водителката
на утринската програма на Канал 5 телевизија, Милена Антовска Станковска за
Женски магазин открива дека не им попушта на децата кога тие дома се кршаат со
јајца.
„Нема попуштање во нашата фамилија (се смее), не ми попуштале ни мене ниту на брат ми кога сме биле мали, така што ни сега јас и сопругот не им попуштаме на нашите деца“.
Водителката вели дека ја почитува традицијата, а обичаите и негувањето на истите ги наследила од својата мајка, додека вапцувањето на јајцата практикува да го прави во сабота со нејзината поголема ќеркичка Лана Марија, а за вапцувањето на првите три црвени јајца, велигденската трпеза, семејството и празникот прочитајте во редовите подолу:
* Пред нас се најубавите денови - Велигденските празници, што за вас значи овој празник?
- После Божиќ, Велигден за мене претставува најубав празник во христијанството. Тоа е победа на животот над смртта. Овој христијански празник за мене има посебно значење затоа што уште од мала сме имале традиција во семејството да бидеме заедно тие денови, почитувајќи ги сите обичаи. Таа традиција наследена од моите родители се обидувам да ја пренесам и на моите деца.
* Како млада домаќинка и мајка на две мали дечиња, дали ја практикувате традицијата да станете наутро пред изгрејсонце на Велики четврток и да вапцате јајца? Барем првите три, или тоа го правите во сабота заедно со Лана Марија?
- Да, на Велики Четврток пред изгрејсонце вапцувам три јајца, а во сабота останатите заедно со Лана Марија, таа ужива во декорации, боење и украсување.
* Кои традиции ги наследивте од вашата мајка, баба па и свекрва?
- Па сите традиции за сите празници ги имам наследено од мајка ми, а таа од својата мајка, односно од мојата баба која беше побожна и ја почитуваше традицијата. Не само за Велигден, туку за сите поголеми христијански празници.
* Кога прв пат вапцавте јајца? Се сеќавате ли колку години имавте и како го украсивте велигденското јајце?
- Прв пат вапцав јајце кога се омажив (се смее), а кога сум украсила прв пат искрено не се сеќавам, сигурно сум била малечка па заедно со мајка ми тоа сме го правеле.
* Имате ли некое специјалитет кој секоја година го подготувате на Велигден – како традиција?
- Па некоја посебна традиција околу тоа немам, најмногу сум фокусирана на јајцата и нивните декорации кои се ставени во декорирана чинија или кошничка.
* Што најчесто има на вашата Велигденска трпеза?
- Мимоза салата на прво место ( се смее).Има месо, свежи салати, јајца, леб. Вино...
* Која е вашата омилена Велигденска традиција: Вапцање јајца, кршење со јајца, одење на литургија во пресрет на Велигден, Велигденската трпеза...?
- Вапцањето јајца навистина ми е убав момент, кршењето со јајца посебно со децата и внуците ме исполнува затоа што знам дека тогаш тие најмногу се радуваат.
* Вашите девојчиња се сѐ уште мали, знаат ли бабите и дедовците да попуштат при кршењето со велигденски јајца?
- Нема попуштање во нашата фамилија (се смее), не ми попуштале ни мене ниту на брат ми кога сме биле мали, така што ни ни сега јас и сопругот не им попуштаме на нашите деца (се смее).
* Најчесто Велигден е спој на 4 неработни дена, имате обичај тие денови да ги искористите за шетање некаде или празникот секогаш го поминувате во кругот на семејството и најблиските?
- За Велигден сакам да сум дома, мислам дека и така треба да биде и е најубаво, но немам против и да се замине некаде и да се испочитува традицијата. Кога некој има мали деца сака да ги искористи слободните денови за да замине некаде и да се прошета така што мислам дека не е грев и така да се поминат овие денови.
* Велигден е празник над празниците, победата на животот над смртта. Дали како личност правите пресек на работите кои сте ги направиле минатата година и дали после големи празници знаете да завртите нов лист или пак да помогнете некому?
- Вртам нов лист кога сметам дека има потреба од тоа без разлика дали е празник или не. Помагам секогаш кога можам и кога некој ќе побара помош од мене. Се обидувам да ги воочам грешките сама и да не ги повторувам.
Наталија Миланова