За животот вреди да се живее

Добивај вести на Viber

Ретко имам време за викенди и одмори. Ама кога го наоѓам се трудам да тоа биде поминато во затворен круг на селектирани луѓе околу мене кои ме полнат со позитивна енергија. Со кој си, таков си. И не е важно каде си, туку со кого си. Половина свет го имам прошетано, од тоа половина не се важи заради друштвото. А знам да одам до Марков Манастир на ден, со вистинските луѓе и да си поминам незаборавно. Нема поточна вистина од таа. Со кого делиш оброк, со кого пиеш кафе, кого сакаш, со кого се будиш и со кого заспиваш. Не се штедиме, не учат на погрешни принципи, на финансиски приоритети уште од мали нозе. А за жал, веќе се повеќе акцент се дава на:  „Маме немој да трудиш во школо, омажи се богато да те види Господ“, или „Со љубов сметки не се плаќаат“. Биди себичен и дрн, дрн, дрн. Уживај во детството, толку ќе живееш, после средно ништо не чини и остали заблуди кои не изместија од лежиште и не натераа да сакаме само пари. И од мали нозе не прават зависни и алчни за погрешни потреби. Како па да не!

Ај вака, најдобар период во животот сѐ уште сум немала. Секоја следна година е сѐ помагична и носи сѐ подобри и појаки спомени. Тешко е до болка, секој ден проблемите се сѐ поголеми и само заради тоа денот ми вреди дупло, па кога решавам да сакам некого, до поместување е. Малку ми е од вкусови, малку ми е од мириси, места видени, искуства доживеани и секој ден сум побогата сѐ повеќе, со живот. Работам и го исполнувам денот со квалитетни одлуки, квалитетни луѓе со содржина во карактерот, што не трујат и не ти го одземаат времето. Дека дечки, назад нема. Најскапото нешто што секој од нас го има е времето. А го сметаме за безвредно. Не доцнете, станете рано наутро, испијте кафе раат, со соодветно друштво, насмејте се и ете ви го денот почнат со позитива. Во оној момент кога ќе почнете да го ограничувате времето, да не доцните, да не толерирате доцнење, да не чекате, туку да превземате, да ги ограничите шансите на толерантно ниво на компромис, да си давате време сами на себе, да имате разбирање за себе и личните потреби, да не ве боли уво за туѓите животи, туку себично да го живеете својот, е во тој момент дечки започнува безусловната среќа. И само тогаш ќе имате капацитет да сакате повеќе од тоа што мислите дека можете сега, безусловно и безрезерно. Често ќе ви го кажувам ова, единствена причина за безусловна среќа е безусловна љубов. Тоа не мора да е дечко или девојка, сеопшта е таа љубов. А почнува од самите вас и односот кон себе.

Сакам да ве мотивирам, секој пат кога сте долу, од ваша интимна и за вас најтешка причина,  да станете. Да се сетите што е тоа што ве прави среќен и да ја соберете сета космичка сила да тргнете по него. Не се плашете од промена, не се плашете од нагли одлуки, најчесто коцкањето во животните одлуки ги носи најнезаборавните мигови. Бидејќи кога ќе дојде денот да го напуштиме овој свет, нема да не теши ни Моетот ни Мерцедесот, ни штиклите. Тоа ќе биде семејството кое сме го создале, луѓето што сме ги сакале, оние кои не повредиле и оние кои не сочувале. И вреди за тоа да се умре. 

Да продолжам со калориите и вежбите. Глава горе девојки, нема неубава девојка, се е субјективна перцепција, некому нема воопшто да му се допаднете, некој ќе се затреска до уши во вас. Она што секого ќе го привлече е вашата насмевка. А се она што вие не го сакате кај себе, се менува. Доколку имате вишок или недостаток на килограми, топло препорачувам калориски диети. Мене ми помогнаа многу, перцепцијата за количина и вредност на храната ја решив со тоа. Е сега, за да му помогнете на сопственото тело, во оној момент кога ќе се решите на промена, започнете со активност. Најдете свој начин на вежбање, своја перцепција на сопственото тело, замислете како сакате да изгледате и започнете со реализација. Најдете соодветна музика да ве следи во целиот проект, музиката е најважна. Мене ми е периодично, почнав со Тупак и филхармонија, сега како ќе ме разбуди. Ама се што е позитивно и ви дава енергија, на слушалки и започнете. Нека не ве мрзи да си подготвите оброк, нека не ви е тешко да си пронајдете намирници кои ви ги задоволуваат сетилата а ви помагаат да слабеете. За мене тоа е банана, мед, урма, ориз, наут, авокадо. Решавајте си ги кризите со тоа што ќе се почастите, не се казнувајте, научете да дегустирате, да вкусувате и да уживате без форсирање на желудникот. Читајте книги, не списанија, одете на изложби и во театар почесто, не дремете на нет, кренете ги главите од телефон и побарајте пар очи за директна комуникација без страв. Поканете го први на состанок, не одбивајте пијачки, не мора да значи дека сите мажи се исти, баш напротив, некој од нив може да е љубовта на вашиот живот. Да не се лажеме, сите живееме за тие пеперутки во стомакот што не тераат на најлуди работи во животот и заради кои сме спремни да се промениме од корен. Без страв, без колебање, без задршка, припаднете некому. И градете свет зависни од емоции, зависни од амбиции, заедно. 

Дека е полесно така. И најубаво на свет. 

Јас сум Ивана Кнез, секој пат со се повеќе Љубов.

Се читаме следната недела.