Со прес-конференција во Софија, денеска беше најавена големата македонско-бугарска турнеа One Love која започнува на 16 јуни во Градскиот парк во Скопје. Слаткаристика, „Некст Тајм“, „Љубојна“, „Фолтин“, Сашко Коцев, Деси Добрева, Графа, Апсурд, Ансабл Булгаре и хорот на „Златно Славејче“ ќе бидат дел од овој настан кој почнува во 10 наутро и ќе трае до доцна навечер.
Турнејата продолжува во Софија на 30 јуни, Банско на 21 јули, во Варна на 27 јули, Струмица на 11 август, Кавадарци на 7 септември, Русе на 8 септември и за крај во Стара Загора на 5 октомври. Во сите градови забавата е од отворен карактер. Во дел од нив ќе настапи и гитарската легенда Влатко Стефановски.
- Турнејата е поддржана од македонската и од бугарската влада, а како официјални гости се најавени премиерот Зоран Заев и бугарската министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Можно е да присуствува и бугарскиот премиер Бојко Борисов – информира Сања Николиќ од „Иноватива груп“.
Целта на турнејата е зближување на двата народа на културно поле.
- Ќе понудиме и кулинарски специјалитети и занаетчиски работилници - рекоа бугарските организатори.
Слаткаристика кој е еден од учесниците, изјави дека десетте милиони прегледи на спотот „Терориста“ се и од македонски и од бугарски фанови.
- Среќен сум што Оne Love станува традиција.- додаде тој.
Братското дуо „Некст тајм“ исто така гостуваше на пресот.
- Нашата основна музика е рок, но во последно време се свртевме кон преработка на етно теми. Дојдете и слушнете ги – апелираа близнаците Мартин и Стефан до бугарските новинари.
Турнејата е најавена како многу скап проект, а можно е еден од концертите да се одржи и во Охрид.
За Женски магазин од Софија, Милица Џаровска