ЗБОГУМ ЗА ЛЕГЕНДАРНИОТ „ХРВАТ“ ОД „ШОВИНИСТИЧКА ФАРСА“ : Почина актерот Предраг Ејдус
Познатиот Хрват од комедијата „Шовинистичка фарса“, актерот Предраг Ејдус, почина сношти во Белград, на 71 годишна возраст, по долго боледување. Тој беше еден од доајените на српското глумиште.
Во театрите низ цела поранешна Југославија, изиграл околу 200 драмски улоги и снимил повеќе од 50 филмови, ТВ драми и серии.
Ејдус со колегата Јосиф Татиќ, кој го глумеше Србинот во „Шовинистичка фарса“
Роден е на 24 јули во 1947 година во Белград, а по завршувањето на гимназијата и неколкуте години минати во аматерскиот театар Дадов, дипломирал глума во 1972 година на Акадамијата за театар, филм и телевизија во класата на професорот Миленко Маричиќ. Член на Драмата при Народниот театар во Белград станал во 1972 година и во националниот театар останал до 1993 година, кога преминал во Југословенскиот драмски театар. Од 1985 до 1989 година беше претседател на Здружението на драмските уметници на Србија, а потоа и редовен професор на Академијата за уметности.
Особен печат, тој им дадде на сите свои улоги, во „Монтевидео, Бог те видео“, „Мирис кише на Балкану“, „Хајде да се волимо“, „Повратак Отписаних“, „Јесен стиже дуњо моја“.
Од јавноста криеше дека здравствената состојба му е значително нарушена, но од љубов кон глумата не се откажуваше, наведуваат белградските медиуми по повод смртта на Ејдус. Кога оваа година му беше доделена наградата за животно дело, рече дека му е мило што се нашол „во друштвото на сите бардови на глумата во Србија кои ја добиле оваа награда“.
„ Сум во години кога треба да размислувам за престанување со работа, но тоа не ми паѓа на ум“, рече тогаш Ејдус.