Збунета му дадов непостоечки број: Љубовната приказна на водителката Сања Савеска и неврохирургот Томи Камилоски

Добивај вести на Viber

Секоја година на 14.февруари покрај Свети Трифун, се празнува и Свети Валентин. Тоа е ден кога ѝ изразуваме љубов на саканата личност. 

Денот на Светиот Валентин денес е познат низ целиот свет како Ден на заљубените. Веројатно не можете да си замислите ситуација да сте во врска, а на тој ден на саканата личност да не и купите барем некој скромен подарок или пак да организирате заедничка вечера, кино, прошетка или нешто по ваш избор.

Секој љубовен пар, различно ја слави љубовта. А во име на љубовта, денеска ви ја раскажуваме приказната на најпознатата водителка кај нас Сања Савеска која ја гледаме во „Брза кујна“ и нејзиниот сакан, неврохирургот Томи Камилоски. Нивната љубовна приказна која трае веќе 7 години е посебна, впрочем како и секоја љубовна приказна .


*Сања, како се запознавте со Томи?

-Ништо не е случајно во животот па ниту нашата прва средба. Беше тоа една прослава на заеднички пријател каде што и двајцата бевме поканети. Искрено, тој ден бев многу уморна и не бев расположена да одам, но сепак одлучив на кратко да се појавам. Таму се појави и тој. Ми пријде и се запознавме. Не му го слушнав името и не знаев ни како се вика, пред да си одам ми побара број, од што бев збунета му го кажав мојот стар број од пред 10 години. Јас си тргнав дома додека другите продолжија со забавата, а на заминување ја прашав една заедничка пријателка како се вика. Кога стигнав дома сфатив дека сум му дала непостоечки број. Баш убаво си реков во тој момент “комплимент” сама на себе (се смее).  А тој, Томи, ни Фејсбук, ни Инстаграм немаше. Но, сепак тој успеа да ме пронајде и започнавме убава дружба која брзо прерасна во врска.

*Како те освои?

- Многу беше внимателен. Воопшто не беше нападен и имаше уште од самиот почеток некоја искреност во разговорот и трпеливост во себе. Забележуваше детали, а тоа ме фасцинираше. 


 * Како ја негувате љубовта? 

- Љубовта не е еден миг, таа пламнува во еден момент, но трае само доколку ја чуваш и негуваш. Внимание, почит и разбирање. Многу трпение и толеранција. Доверба која мора да биде цврста. Секоја врска има свои проблеми, никаде не цветале само рози и сето тоа е нормално. Се учиш така да растеш заедно. Важен е разговорот и разбирањето. Се додека има разговор и разбирање, сè се решава. Така и ние сме решиле доста работи и решаваме постојано, и се надевам ќе решаваме уште дооолго и дека ќе си го имаме муабетот. 

*А, колку го славите денешниот ден, 14 февруари или денот на вљубените?

Еден ден за да се прослави љубовта е многу малку. Љубовта треба да ја носиме и даваме секој ден. Но, не со подароци и материјални нешта. Не сум баш сигурна дали Купидон се залагал овој ден да биде вака искомерцијализиран и насекаде да гледаме каде се и колку треба да потрошиме пари за да изјавиме некому љубов. Ако не одиме на вечера баш денес, не се сакаме? Ако не ми купи скап подарок и не се пофалам на социјалните мрежи не сум го нашла вистинскиот? Премногу ја материјализираме љубовта, а таа треба да биде едноставна и чиста, во малите нешта кои секојдневно ќе ги правиме еден за друг.

Не му придаваме никакво значење на овој ден, затоа што има 365 дена во годината вредни да се изјави љубов.

Денес и двајцата сме на работа, јас снимам Брза Кујна а тој е дежурен во болница. И нема да го чекаме следниот 14ти Февруари за да си подариме внимание и љубов. Со вистинската личност, секој ден е ден на љубов.


 *Кој во врската прв се согласува на компромис во незгодни ситуации? -

 - Мислам дека јас повеќе попуштам и се прилагодувам. Томи е доста по крут и цврст кон некои свои ставови. Неговиот карактер е таков, цврст, точно знае што бара и што сака. Додека јас сум многу поприлагодлива по природа, па тука ќе одговорам дека јас правам компромис (се смее).


*Што ве исполнува најмногу кога сте заедно?

- И двајцата многу сакаме секој слободен момент да се движиме, воопшто не сме пар кој по цел ден може да седи по кафиња и ручеци. Ние повеќе сакаме активно да го користиме времето. Томи секојдневно вежба теретана или кеј, додека јас повеќе пешачам во друштво на нашата Маша. Сакаме да се возиме со мотор на некои нови дестинации. И двајцата уживаме во едноставни секојдневни прошетки во градскиот парк, секако заедно со Маша, која е нераскинлив дел од нас и бескрајно нѐ развеселува и опушта. И двајцата сакаме здрава храна па често ете експериментираме и во кујната, да си направиме нешто вкусно и здраво. 



*Песна/фраза или мото кое ја опишува вашата љубов? 

Нокаут - „Би се викал те сакам“ ... И не бев ни свесен се случи за миг, се појави ти, но се плашам јас вечно да не чекам знак ти да се одлучиш... Дај ми знак и свое име би сменил, и би се викал ТЕ САКАМ!


Ирена Ставрова