Здравјето - клучен темел за достоинствен, среќен и исполнет живот
„Секој поединец има различни вредности на кои го темели својот живот.
Единствено, здравјето е „заедничката” вредност на секое човечко битие.
Единствено здравјето е еден од клучните темели за достоинствен, среќен и
исполнет живот. Секој сака и треба да биде здрав. Или како што велат здравиот
човек има многу желби а болниот само една – да оздрави”.
Ова беше потенцирано на официјалната промоција на книгата „50=100, 50 Здравствени совети за првите 100 години од животот!“, од авторот – мр. по фармација Филип Ачкоски, како круна на проектот за подигнување на здравствената свест - Топ едукатор.
Тргнувајќи од оваа премиса, авторот со сиот свој интелектуален габарит и многугодишна пракса во сферата на здравјето, спортот и едукацијата, го создава ова дело како едноставен практичен водич за подобрување или за зачувување на Вашето здравје. Топ едукатор како проект и идеја ја исполнува основната задача - да пренесе знаење до читателот, знаење кое е акумулирано преку теоретски и практични примери.
„50=100 (50 Здравствени совети за првите 100години од животот) има цел на едноставен начин да го подигне разбирањето на обичниот човек за фреквентните медицински проблеми, да му даде насоки за самопомош и да го „обучи“кога да се јави на лекар“, вели Ачкоски.
На промоцијата се почитуваа сите мерки за заштита согласно протоколите на Министерството за здравство, што подразбира носење заштитна маска и одржување дистанца.