Желбите се живи и живеат во тебе се додека ги “храниш“- Ако ги заборавиш, умираат!
Повеќе од пола работи не можам да си ги остварам у животов. Така си мислам кога немам работа.
Страшно нешто, што сѐ ми паѓа на ум, кога си немам работа.
Главно ми паѓаат желби.
А не сум човек, кој е зависен од работата. Не сум воркохолик! Не!
Можам да си седам така и да си глеткам.
Не сум зависна нити пак од луѓе.
Можам и сама да си бидам добро друштво. Можам сама и у кафана да идам да седнам и да ручам, можам сама и на патување да идам. Не ми е проблем. И дома сама можам да си седам.
Имам другарка која три минути не може да е сама. Одма ја фаќаат с’ски.
Се плаши ли, досадно ли и е, не знам. Никогаш не сум ја прашала.
А, познавам и еден куп луѓе, кои се-везден кукаат како “глава не можат“ да дигнат од работа. Главно се во приватен сектор. Бизнисмени, адвокати и разно-разни други “дуќанџии“.
И стално кога ќе ги прашам, или кога ќе им речам “абе земај си толку клиенти, или толку работа, колку што нема да ти биде терет“, тие ми викаат “е не може така“.
Е зашто не може!? Може ако сакаш.
Еве ја како можам!?
Сто души ми рекоа да отворам уште една цвеќарница, те у центар, те у Карпош. Нејќам бе! Доста ми е оваа во Аеродром.
Си го сакам времето во кое можам така да си седам и да си глеткам. И да си мислам.
И тоа време “не го продавам“ за ниедни пари, бидејќи знам дека секое едно такво “глава не можам да дигнам од работа“, се прави за пари.
За пари да! За ништо друго.
Бидејќи човек ако сака да си се докаже себе дека може, тоа трае едно одредено време, се мечуеш со себе, се победуваш и задовлен си.
Глупо е цел живот да се бориш со себе и цел живот себе да си се докажуваш.
Еднаш кога ќе ја добиеш оваа битка, знаеш дека можеш и следниот пат. И секој следен пат. Ама зошто!? Нема потреба.
Многу е убаво да си ги “чарџаш“ батериите со разно-разни животни полначи.
И не само што е многу убаво, туку е и многу важно.
Ако не си оставиш време и за шеткање и за играње и за пеење и за читање и за филмчиња, ама не само за филмчиња и серии на „Нетфликс“… Не! За сите убави работи за кој и сам знаеш дека се убави, ама ги прескокнуваш, оти те мрзи.
И се убедуваш себе си, дека еден ден кога ќе заработиш доволно пари, тогаш ќе “фатиш“ да си ги остваруваш желбите.
Не оди тоа баш така.
И желбите како и сѐ останато има рок на траење.
На пример, ако твојте не ти купиле точак тогаш кога требало, после пет години и да ти го купат веќе не го сакаш. Или сладолед.. Не сега утре! Ама сега ми се јаде. Утре може нема да ми се јаде.
Такви се желбите, да!
И тие се живи и живеат во тебе се додека ги “храниш“.
Ако ги заборавиш, умираат.
Е затоа е многу убаво и многу важно да си имаш “време за глеткање“.
Ја така си го викам тоа време, кое си е само мое и кое не го давам никому.
Ви кажав дека во тоа време, разно-разни работи ми паѓаат на памет.
Главно желби. И тоа неостварени желби. Многу ми е јасно дека ако не си седнам така да си глеткам, дека многу од овие желби ќе ми киднат. Ќе ги заборавам, ќе одлетаат…ќе им помине рокот на траење и исполнување. И! Ќе умрат.
Имам една желба која сѐ уште живурка, ама којзнае дали ќе ја остварам.
Не знам дали сум ви ја кажала. Тоа е она мое монтажно комбе, со комплетна телевизиска опрема (додуша сега не треба многу-еден компјутер за монтажа, и камера), со кое би тргнала и секој ден по пет минути би правела кратки репортажи, кои би се емитувале исто така секој ден, на пример пред вести.
Значи би тргнала од дома и секој ден до таму да каде што ќе стасам, додека не стасам до крајот на светот.
Тој проект би се викал пат околу светот до 80 години.
Ми се чини дека ви имам спомнато.
Ова го смислив во едно од сите глеткања кога имав триесет години. Тогаш оваа желба се чинеше остварлива.
Денеска не сум баш сигурна дека маж ми ќе сака да седне и да ме вози со тоа комбе до крајот на светот.
Тешко!
Како и да е, пред некој ден така седејќи си и глеткајќи си, си помислив дека после толку репортажи од натаму-наваму, би сакала да направам една репортажа за мојата земја. За Македонија.
Стално ми играат дамарите така кога си седам и си мислам разно-разни желби. Некогаш и сама се плашам од нивното остварување.
Ама овој пат срцето ми потскокна. Си реков, Божеее колку само и го должам тоа на мојава земја.
Изудирана од сите страни, поделена, остарена, напуштена…а толку прекрасна.
Кралица, самовила, убавица…
Ќе се израдува ли, ќе се подмлади ли малку си мислам ако ѝ го направам тоа!?
Ако ѝ се поклонам и ако ги нанижам сите нејзини убавини во еден ѓердан од патеписни зборови…
Неколку дена подоцна се јавува Славе Сирачевски…
Тања, што мислиш да направиме една репортажа за Македонија и да ја преведеме на неколку јзици…
Солзи, сами капат прости ми…
Ах космосу, космосу… те гушкам целиот, толку колку што си голем…
Деновиве снимам во Бигорски, во Рајчица-ах колку прекрасен манастир е тоа. Тоа е манастирот каде сестринството ги изработува најубавите Митри на светот. Возвишено.
Потоа одам за Охрид, па Берово, па Кратово, Кокино, Крушево….
И во Тетово ќе појдеме, оти таму пак е најубавата Шарена Џамија…
Сета Македонија, ќе ја снимиме. Сосе шуми, полиња, ливади, водопади, цркви, манастири… Сѐ што ни е од убаво поубаво. И ќе ја стокмиме во патепис, кој ќе остане за навек. И ќе ја пратиме во цел свет. За да види светот, оти вакво убаво и древно парче земја нема никаде.
Ете така.
За три-четри недели, ќе ја гледате на телевизија.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: