„Жена ми на прв поглед ми се допадна, но јас неа не толку“: Интервју со Петар Горко, оваа година слави јубилеј од 35 години актерска кариера

Добивај вести на Viber

Елоквентен во она што го работи - професијата актер, за која треба да си исклучително дисциплиниран, професионален и едноставно што би се рекло „да те бидува“ тоа да го работиш.

Роден е во градот на клавирите и градот кој е центар на филмските случувања во нашата земја. Кафе на Широк сокак е неизбежен ритуал на патот до Народниот театар во Битола, а тој тоа го практикува, но најслатко е кога првото утринско кафе го пие со колегите во бифе.

Со улогите во претставите на Народниот театар во Битола растеше и созреваше. Со улогите на Хенри Шести и Вујко Вања, битолскиот актер Петар Горко се запиша со златни букви во историјата македонската актерска ризница, а аплаузот од публиката како сè уште да одекнува.

Оваа година Петар Горко одбележува јубилеј од 35 години актерска кариера. Кога го прашавме да направи споредба со Петар од пред 35 години и овој Петар сега, она што им останува заедничко, вели е „детето во мене кое никогаш не порасна“.

- Има огромна разлика, младоста си го носи своето, полет, нетрпение, очекувања, желба за огромен успех, љубопитност, фантазии … Но има неколку работи кои до ден денес останаа непроменети. Професионалноста, системот на работа, желбата за успех, потрага по старото – како би можело да се создаде нешто ново – нешто свое, љубопитноста, почитта кон постарите колеги, добрината која и тогаш и сега несебично ја делам во секој момент, а најважното од сè е тоа што детето во мене никогаш не порасна, тоа е силата што ме води сите овие 35 години, се надевам и понатаму. Инаку театарот покрај системот кој си го спроведов – научив на академија, направи значајни промени со многу претстави во мојата личност, некогаш на добро, некогаш на лошо, но од сè се извлекува поука, а тоа носи на овие години до некаква мудрост, трпеливост, стаменост, сигурност.

ЖМ: Почетоците се можеби оние најдрагите спомени, може ли да се сетите која беше вашата прва улога во која претстава?

- Како дете статирав многу време во битолскиот театар, околу двесте претстави одиграв на сцената. Но сепак како моја прва професионална претстава е „Мизантроп“ во МНТ во режија на Владимир Милчин, тогаш мој професор. Фантастично искуство со големите актери од МНТ. 1989 година.

ЖМ: Која е улогата која остави значителен белег во вашата досегашна кариера?

- Спомнав претходно дека имаше различни улоги во периоди кои направија промена и во актерскиот проистап, па дури и во мојот личен живот. Секогаш сакав да сум поинаков и физички и во животниот стил на облекување, каква било промена на сцената и во животот, така да некако по 5-6 години одеше сетоа тоа, од Сирано де Берѓерак, каде го играв Кристијан де Невиет, долгите коси, ентузијазмот, желбата да ме запознае македонската публика, потоа „Македонска крвава“ свадба, Осман – промена тотална во секој поглед, Тито – со Брезовец – бришење на сите младешки комплекси и приватно, но и на сцената, потоа „Хенри Шести“ со Џон Блондел, зрелоста си дојде, светот не виде, актер на годината од „Дневник“, до „Кралски игри“ каде го играв Хенри Осми, најголемиот гад што некогаш сум го играл, Љупчо Горгиевски, генијални промени кои ме донесоа до мудроста, за годинава Вујко Вања да се занимавам со проблемите општочовечки, од гледна точка на човек во мои години, иако никогаш не се доживувам стар, но неверојатно искуство кое публиката го препознава.

ЖМ: Лик од претстава кој не сте имале можност досега да го играте, и дали има таков лик?

- Некако ме пратеше среќа со ликовите, многу изиграв од оние омилените, да речам, така што, оставам на времето, на театарската репертоарна политика, сигурно (знам) има прекрасни ликови за мене за во иднина.

ЖМ: Во овие 35 години кариера дали ви се случило некогаш да заборавите текст од претстава, па да се препуштите на импровизација и колку таа импровизација и спонтаност на сцена прави некогаш одлична претстава?

- Да се случувало, како не, живи луѓе на сцена. Но знаете најважно во една улога е актерот да ја пронајде смислата на секоја реплика, да има поттекст што да каже, тоа е мојот важен сегмент од системот. Не учам текст на памет, затоа и да се случи заборавање на текст смислата ја знам и ќе ја кажам со мои зборови и ништо значајно нема да се промени. Кај стиховните реплики пример Шекспир е потешко, но таму се учи смислата со сè текстот заедно, бара поголема работа, но тоа го правам со љубов и не ми е тешко.

ЖМ: Колку битолската публика го сака театарот и знае да го награди трудот на театарската екипа која работела на една претстава?

- Со оглед на тоа што годинава славиме 80 години од првата претстава на македонски јазик, како Народен театар Битола, публиката е доволно изградена, од генерација во генерација. Искрено воопшто не е лесно на премиера посебно, додека ја освоиш, требаат добри 15 – 20 минути, но тогаш сте едно до крајот на претставата. Наградата е огромна. Ако не е добра претставата исто така казната е огромна.

ЖМ: На кој проект работите во моментов со Битолскиот театар?

- Покрај постоечките репертоарни претстави за 14 ноември, прославата 80 години Народниот Театар во Битола, тројцата вработени режисери ја работат едночинката на Владо Малевски – Ѓоре Магаревски, првата претстава изиграна 1944, веднаш по 10 дена од ослободувањето на Битола. Поделени сме сите актери во трите режиски постановки на истиот текст кои ќе бидат споени во една претстава. Огромен багаж и предизвик. Јас работам со режисерот Благој Мицевски.

ЖМ: Поезијата е вашата втора љубов, сакате да читате, но да ја говорите гласно пред публика. Што е она што го научивте од неа?

- Тоа е мојата интима соголена до крај, некако се пронајдов во тоа и неизмерно многу го сакам, а го сака и публиката. Зад себе имам три големи концерти, два албуми издадени, многу настапи, а по повод 35 годишнината годинава од Министерство за култура и туризам, добивме со Камерниот оркестар на Битола заеднички проект, концерт кој ќе се одржи последниот викенд на ноември во Битола и во Скопје. Тоа исто ми е голем предизвик, затоа што Камерниот оркестар неизмерно го почитувам, го сакам, многу од нив ми се блиски пријатели и верувам дека она што и за нив ќе биде прв пат публиката заедно со нас ќе ужива. Знаете, секој актер на различни начини се бара во театарот, на сцената, но овде си сам, како стендапот, како монодрамата, како еден куп начини нешто сам да направиш, надвор од театар. Поезијата со музиката е мојот спокој, тоа сум ЈАС.

ЖМ: Кој е Петар Горко кога ќе се спушти театарската завеса, кога не е на театарската сцена, зад кулисите, во гремиорната помеѓу колегите?

- Реков дека имам дете во мене, прашајте ги колегите колку години имам, ќе Ви речат некои 3 години, некои 13 (се смее). Сакам да се смеам, знам дека сум духовит, обожувам да ги насмеам другите, друштвото, касиерките по продавници, продавачите на пазар, секој момент сакам да насмеам некој, да им го направам денот поубав. Таков сум.

ЖМ: Како ви поминува еден работен ден во театарот во Битола?

- Се почнува со кафе (се смее), да, потоа малку смеа со колегите, а потоа работа. Студиозност, професионалност до крај, со огромна почит кон тоа што се работи. Е сега не секогаш е така весело, има секакви режисери, лоши текстови, тука се бунам, за што подобро да се извлече од сето тоа, може и да се скарам. Следи пауза, по дома итн. Вечер претстава, публика, уживање … потоа в бифе …

ЖМ: Кога последен пат сте гледале претстава од колегите од другите театри низ нашата земја, со исклучок на Битолскиот театар?

- Последната претстава што ја гледав беше на прилепскиот театар „Бура“, ова лето. Порано повеќе се посетувавме, сега се помалку, што не е добро. Ги гледавме најдобрите на Војдан Чернодрински, сега не се носат ни најдобрите, туку оние за кои има услови да се одиграат во нереновираниот центар за култура во Прилеп и нивниот театар. Ужасни услови за еден грандиозен фестивал, каде не може секоја претстава да се изигра онаква каква што е, туку мора да се приспособи или да не дојде.

ЖМ: Приватно сте сопруг и татко. Оваа година со вашата сопруга Жанета прославивте 28 години брак. Како започна вашата љубовна приказна, како се запознавте?

- Битола е мала, ги запознаваш сите на некој начин. Жена ми на прв поглед ми се допадна, но јас неа не толку (се смее), беше една од малкуте тогаш во младоста, голем број девојчиња сакаа да се запознаат со актерот. Тоа ме возбуди и бев настојчив и успев. Многу сум среќен веќе 28 години. Имаме прекрасно семејство, разбирање еден за друг. Син ми Филип и ќерка ми Јована се најголемиот дел од таа среќа. Благодарен на Бога сум за тоа.

ЖМ: Дали вашите деца покажуваат афинитети за театарската уметност?

- Филип сосема друго работи има 27 години, Јована сега ќе прави 17, трета година е во средно, има огромна желба да стане актерка. Дали ќе се случи не знам, но и посакувам најголема среќа да ѝ се исполни сонот, како што се исполни мојот. Ништо поважно нема да си ги видиш децата среќни.

ЖМ: Семејството е секогаш ја дава најголемата поддршка, а таа е најважната за мотивација и напредок. Колку често вашето семејство има резервирано столче во театар?

- На секоја премиера, не се пропушта ништо, тие се моите критичари, моите навивачи, моите инспирации …

ЖМ: Знаат ли сопругата и вашите деца да бидат објективни во однос на вашата професија, па да кажат искрен коментар по некоја изгледана претстава да ви дадат критика позитивна/негативна?

- Мразам лажење, ги научив да бидат искрени со мене и кон себе, така што секогаш ја зборуваат вистината добра или лоша.

ЖМ: Што е повредно за вас аплаузот од публиката или пак награда од фестивал?

- Наградата е сатисфакција, фактографија, историја, но јас се трудам да го живеам мигот, сега и овде, прекратко сме на овој свет, затоа велам дека за мене најважен е аплаузот на публиката.

Габриела Додевска Глигоровска