Жена на жена ѝ е волчица
Го знаете она дека зад секој успешен маж стои жена
која го поддржува, нели? Го знаете и она дека зад секоја успешна жена стои
мајка и’ или свекрвата (ако имале среќа да се погодат) кои и’ ги чуваат децата, така? Е, денес малку ќе позборуваме
за еден друг феномен со кој се соочувам низ животот, а богами се’ почесто во последно време. Тоа е она дека зад секоја
успешна жена која згора на се’ ја има таа
(не)среќа да биде и згодна и убава, стои друга жена која ја омаловажува и
оговара. Феномен кој мене и ден денес ми е загатка и полн нејаснотии.
Историски гледано, жената отсекогаш била ставена на маргините на општеството. Нејзината главна улога била сопруга, мајка и домаќинка. Целосната нејзина посветеност на мажот и семејството било најголемото нејзино достигнување. За среќа, нештата почнаа да се менуваат. Првичната реакција на мажите била скепса и потиснување на нејзиниот прогрес во општеството. Го паметите она дека на жената местото и’ е во Домот, но и во Сенатот? Денешната жена веќе се има изборено за своите права и за место рамо до рамо со мажот во сите сфери. Мажите некако и успешно ја прифатија новата улога на довчерашната домаќинка, која станува деловна жена со актовка в рака и која финансиски рамноправно учествува во полнење на семејниот буџет.
Она што останува како голем проблем е тоа дека жените не простуваат успех на друга жена. Проклетството на убавите жени кои се успешни во својата сфера на работење е дека често пати нивниот успех е ставан под знак прашалник. Вицеви за секретарки кои се во скутот на директорот се прераскажувани надолго и нашироко. Аман! Отсекогаш ми биле не само невкусни, туку и полни злоба и дегутантност. А што правиме ако директорот е уствари директорка? Или по дифолт мора да е маж за да се потенцира поентата дека секретарките се бирани по изглед?!
Зошто првото прашање е секогаш “а каква ти е секретарката?”, а не дали ја бива или не?! Опкружена сум со жени кои изгледаат феноменално, кои се како излезени од моден часопис (или што би рекле старите “како од Бурда”), а кои имаат остар ум и знаење. Такви ми се другарките, колешките, познаничките. Такви гледам секојдневно и на социјалните мрежи. Жени кои држат до својот изглед, а кои сами се избориле во животот за позиција. Жени кои се професионалци во својата работа и од кои може многу да се научи. Жени кои се иницијативни, креативни и способни. На таквите не им се простува успешноста, туку способноста им се девалвира со невкусни коментари.
Живееме во време во кое жена на жена и’ станува волчица. Сите во околината едноставно “знаат” дека таа не би можела да успее доколку била грда и непривлечна. Јас пак велам дека не постои грда жена, туку грди луѓе. Луѓе кои се спремни во секој миг да стават сопка некому, кои ценат некого според физичкиот изглед и кои се погани во речникот кој го користат за да навредат. Убавината, драги мои алапачи, не се состои во изгледот. Успешноста не се состои во должината на сукњата која некоја жена ја носи. Знам дами кои и на свои 50+ можат да носат мини и да изгледаат феноменално, а истовремено да се деловни жени со знаење и моќ.
“Види ја бе! Згодна е, ама гарант ја наместиле на позиција ради тоа што има афера со директорот”! мислам...стварно?! Не ме зезајте. Опаските од овој вид не зборуваат за предметот на оговарање, туку за онаа која ги кажува.
И она што најмногу ме поразува е дека мажите не предничат во ваквите озборувања. Чуму?! Зошто да не се радувате на успехот на една дама/жена која сама се изборила за она што го живее.
Дали некогаш сте помислиле дека можеби и за вас истото го зборуваат...или еве, нека не е за вас, туку за вашата сестра, најдобра другарка или колешка која неизмерно ја почитувате? Не ве боли? Ич?! За вас е сосем нормално некој да ви се поплука на образованието, жртвата која сте ја дале за да се надградувате и да си го најдете своето место во деловниот свет? Епа мене ме боли. Ме боли и за вас и за сите жени за кои ќе прочитам, слушнам дека се сведени на живо месо кое е само предмет на посакување.
И реагирам. Секогаш реагирам и ќе реагирам. Затоа што ја учам и ќерка ми сама да се бори низ животот, да се потпира на себе и своите способности, да учи, да се усовршува. И можеби ќе израсне во вистинска убавица за која некоја како вас ќе одмавне со раката и сиот нејзин труд ќе го сведе на простотилак. Не ве разбирам и башка, не сакам да ви ја разберам злобата.
Секоја успешна и убава жена, а попатно и убав човек за мене претставува успех за женскиот род. И горда сум дека во море полно ајкули, успеала. Да не ги спомнувам и јавните личности за кои се плетат приказни која како успеала. Извинете вака што сум дрска, ама вие тоа знаете од прва рака? Или ве интересираат нивните животи до моментот кога треба сами да си платат сметките. Успехот или неуспехот на жената е наш успех или неуспех. Наш! Поддршката која ќе ја дадеме или ускратиме е поддршка на нашата борба во овој суров свет.
Сакам да сте успешни. Сакам да бидете сигурни во себе. Сакам да не се срамите од сопствена сексипилност и убавина. Сакам да не размислувате дека должите некому оправдување за тоа дека сте успешни. За мене сте пример за борба и истрајност. Без оглед во која сфера работите.
Сакам да сте горди на својот успех и да не ве погодуваат изјавите од типот “Ја влечка директорот со себе”, “Ќе ја видев дали ќе беше успешна да не беше плавуша”, “Со тоа тело нормално е да зема поголема плата”. Тие изјави се израз на немоќ од неуспехот на оној или онаа која ги изговорил. Првично, неуспех да се реализираат како здрави и солидни личности.
Сакам да одраснеме генерација ќерки кои ќе стојат рамо до рамо и ќе си бидат поткрепа за успехот на другата. Кои ќе наздравуваат со чаша вино за унапредувањето на онаа другата и која со чист и искрен поглед и глас ќе кажат “Гордост си ми, го заслужи ова”. Кои нема да си ги трујат умовите со простотилак. Од нас зависи драги мои дами. Од нас зависи колку жената ќе оди уште понапред, горда на тоа што е...ЖЕНА.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Таа е силна
токму онолку колку што треба
за да не заплаче
кога во душата и’ е потоп
за да стои простум
кога коските однатре и’ се кршат
за да стави насмев
кога во устата стакло соџвакала
за да те гледа право во очи
кога пред неа се’ се руши
за да замавне гордо со косата
кога детето во неа цвили
за да кажува шеги
кога џигерот си го јаде (со одмерени залаци, како дама!)
за да ја карминисува устата
кога усните помодрени од касање и’ се
за да чекори небаре светот нејзин е
со нозе кои крварат во високите потпетици
за да со мирна рака пали цигара
кога срцето и’ трепери ко преплашен зајак
за да ти испее песна
кога гласот во неа умира
за да биде покрај тебе
кога сама себе се напуштила
за да се разбуди
кога веќе ниту денот смисол нема
за да дише
кога срцето повеќе не го чувствува
за да го исчисти домот
кога без тебе ниту дом има
таа е силна
токму онолку колку што треба за да биде
мајка
љубовница
сопруга
сестра
пријателка
љубов
поддршка
столб
бршлен
камен
свила
таа е силна
толку многу силна
доволно силна
токму онолку колку што треба
за да биде се’
за да биде
жена