Жена/и на годината
Годинава ми мина дури и пребрзо за мој вкус. Како уште непочната да е, иако скоро сме на прагот на новата година за која сите верувам дека ќе посакаме да не биде ич како претходните две и конечно да можеме ова поглавјето со “новото нормално” да го оставиме зад нас. И кога веќе навлегуваме во ноември, или познатиот мовембер-месец кој е посветен на машкото здравје (не е дел од денешниот муабет, ама сакам месецов и за тоа да си промуабетиме оти е многу важна тема, заедно со она што се случуваше во октомври од аспект на женското здравје), некако ми станува јасно дека зачекоруваме во оној период од годината кога ја финализираме старата година. Финализирањето за секој од нас е она што го правиме дома и сами со себе, кога седнуваме на маса и си велиме “ок, дај да видам годинава до кај стасав со сето она што го планирав, каде кикснав и зошто”. Па тука се оние дрдорења со сам себе кога се караме што сме дозволиле ова или она (најчесто неважни работи) да не’ деконцентрира или да не’ натера да скршнеме од она што сме си го зацртале, па ќе си бараме оправдувања, ќе си ветиме дека во следната ќе сме попаметни/поразумни/поистрајни и се’ на се’, ќе го затвориме бележникот за 2021 и ќе отвориме сосем нов, со надеж дека ќе испишеме убави страници.
Финализирањето на годината надвор од индивидуалниот дел на секој од нас, ќе е секако проследено со еден осврт на политичката сцена кој ќе е најексплоатиран по сите медиуми и се’ друго ќе е некако во сенка (оти со што друго би се бавеле толку ревносно, ако тоа не е политика...ко да имаме сите амнезија, па не се сеќаваме како било со овие или со оние, иако генерално со сите е исто, освен за оние исклучоци кои имаат директен ќар од овие/оние), па ќе имаме песна на годината, филм на годината (да се кладиме дека ќе е Тома во сите бивши Ју-републики), па албум на годината, па ова на годината, она на годината и ќе дојдеме до легендарното ЖЕНА/И НА ГОДИНАТА.
Го знаете оној феномен кога извесно време ќе повторувате еден збор или реченица, додека не ја изгуби смислата? Е, мене ми е така кога ќе се спомне избор на жена/и на годината, затоа што да се биде жена воопшто е доволно само по себе за да се закитите со блескавата титула да бидете ем жена, ем на годината. И еве, ако се тргнам малку понастрана од моите лични гледишта за тоа што претставува жена или жени на годината, ме интересира критериумот по кој се бараат.
Најуспешни? Што значи да си успешна жена...дали мора да значи дека е директорка/менаџерка/раководителка? Како се мери успешноста на една жена, по кои параметри и зошто токму по тие.
Да не се разбереме погрешно, не ја спорам умешноста и успешноста на жените кои се наоѓаат на раководни функции (нели за тоа се боревме низ годиниве, за да гледаме што е можно повеќе жени на места кои си ги заслужиле според образованието и знаењето), но зарем не се бара истото и од жените кои не се на позиции, а секој ден одат на работа! Впрочем, тоа е еден синџир кој не би функционирал доколку има добри работници а лоши менаџери и обратно. Резултатите се секако тимска работа, во која работите функционираат беспрекорно кога има соработка меѓу работниците и претпоставените.
Всушност, она што сакам да кажам е дека никогаш не сме се обиделе да ја побараме жената на годината меѓу жените кои не се експонирани во јавноста, или имаат титула. И жената која работи на нивата во село е исто толку квалификувана за да биде прогласена за жена на годината, нели? Нејзе можеби и најмногу треба да и’ симнеме капа, оти ем работи физичка работа при секакви временски услови, ем се грижи за семејството, готви, спрема низ куќа и не ги ужива благодетите на современиот живот проследен со маникири, педикири, масажи и салони за убавина.
Жена на годината е и жената која секој ден од утро до вечер вози такси возило за да може да си го прехрани семејството и се соочува со секакви луѓе кои ќе и’продефилираат низ денот. Жена на годината може да биде и мојата пријателка Весна од Охрид, која самоиницијативно им готви на сиромашните семејства без да крева помпа околу тоа. Што се однесува до мене, имам уште една Весна која може да си ја земе титулата жена на годината, а која е медицинска сестра и која за време на пандемијава не отсуствуваше ниту еден ден од работа, а меѓу другото, работата и’ беше и на вакциналните пунктови. Тука спаѓаат еден куп жени кои делумно ги знаете или не, кои сте ги гледале по телевизии или се сосем анонимни за вас, но секоја од нив е жена која заслужува по една статуетка, или Оскар за жена на годината. Тука спаѓаат и жените кои не ги знам или познавам, но кои се околу мене и ги среќавам на улица, во автомобилот кој стои до мене додека чекаме да се вклучи зелено светло, во редицата која ја има по маркетите, жените зад шалтерите, пултот во аптеката зад кој со трпение објаснуваат околу витамините, жените кои на касата љубезно ќе ви кажат “убав ден”, откако ќе ви помогнат да ги спакувате купените производи.
Да се биде жена не е воопшто лесно, а особено не е лесно да се биде жена која жонглира на сите полиња. Мене ако ме прашате, успешноста на една современа или помалку современа жена која има семејство и работа, сеедно дали е сама или има партнер, сеедно дали работи на позиција или има надреден, е во нејзината железна волја да биде секаде каде што е тоа потребно. Мајка која ќе работи домашно откако ќе се врати претепана од работа, домаќинка која ќе го држи домот спастрен и која наместо да излезе на кафе, ќе засука ракави и ќе направи палачинки оти детето спомнало сабајле дека му се јаде, партнерка која ќе има време и желба да ги сослуша проблемите на нејзиниот сопруг, љубовница која нема да се запостави себе и своите сексуални желби и потреби, колешка која ќе е тука да помогне кога треба, без да се плашите дека ќе подметне нога за да се сопнете, ќерка која и покрај другите улоги за кои се нафатила секогаш ќе најде време за своите родители (да помогне, испазари, помине време со нив). Умешноста и успешноста на жената е најмалку врзана со нејзината кариера или дали и’ е името звучно или не. Секоја една жена помалку или повеќе е растргната на сите страни и има работа на претек. Секоја жена во себе си носи товар кој се нарекува да-се-биде-секаде-во-исто-време со 100%-на концентрација во било кој сегмент од животот.
Не ми зборувајте за жена или жени на годината, оти признанието никогаш не покрива ниту еден процент од жените кои ја заслужуваат таа титула, ниту покриваат еден процент од тоа што значи да се биде жена на годината/неделата/месецот. Не ми зборувајте за заслужни жени во ова општество оти голем дел од нив не ни сакаат да бидат под окото на јавноста, или сакаат анонимно да ги уживаат своите достигнувања. Ако веќе сакате да делите титули тогаш застанете на улица и давајте плакети или признанија на рандом одбрани жени, што би се рекло одбрани од ѓутуре. Секако нема да згрешите кому и да дадете, оти секоја од нив е претставник на секоја од нас.
Јас сум Ана Бунтеска, жена-мајка-колешка-партнерка-љубовница-ќерка-поетеса и сум само една од сите вас, жени кои се слеани во секојдневието, а без кои ниту еден ден не би функционирал добро.
Денес е 8-ми ноември, ден како и секој друг, но сосем совршен ден во кој ќе наздравам за сите жени...за сите вас, за сите нас-ЖИВЕЛИ! Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Биди своја
Кажи НЕ без страв
Дека некој ќе те осуди
И ДА ако срцето така ти вели
Без оглед другите што мислат
Одмини ја кујната ако така ти иди
И не биди роб на домот
Ниту на оние кои во него живеат
Уживај во својот успех
И тогаш кога ти го негираат
Тресни со рака на маса
Тогаш кога има неправда
И крени го гласот до небо
Кога твојот збор е за потсмев
Исправи ги плеќите
Не мора светот на нив да ти лежи
И не се труди да си совршена
Онаму каде што тоа значи покорност
Биди своја
Биди жена која сакаш да ја видиш
Во своето женски чедо ко ќе пркне
Бестрашна и со гордо крената глава
Со образ чист и мирна совест
Оти ниту една битка не ќе ја добиеш
Ако себе се заборавиш попатно
И ако станеш она што не си
Или она што сите очекуваат од тебе
Биди своја
Колку и да боли
Колку и да паѓаш попатно
Колку и колениците да ти крварат
И во устата пцости да ти се прпелкаат
Оти ниту една жена среќна не е
Ако стане сенка од она што навистина е
И ниту една жена не цвета
Ако цврсто по земја не гази
Боса или на високи потпетици
Биди своја
Оти ништо на светот поголема цена нема
Од онаа која ќе ја платиш
Ако си сенка од која ќе бегаш
Ако си буква која глас ќе нема
И ако си лик кој свој одраз нема
Оти во овој свет
Во кој уште молк има
Кога женско дете ќе се роди
Како клетва фрлена од наречници да е
И кој на женското име
Туѓо презиме клава
Единствената борба која треба да ја освоиш
Е да си храбра
Да си своја
Да си жена