Жената мора да разбере дека треба да биде кралица, и дома, на работа и на улица, и да верува дека кога се сака сѐ се може: Интервју Билјана Петровска

Добивај вести на Viber

Билјана Петровска веќе неколку години успешно раководи со ЈЛБ Илинден во Делчево. Работата ја исполнува и сѐ што прави во животот, вели дека прави со љубов.

Секогаш дотерана, најчесто на високи потпетици, со широка насмевка и убав збор за секој. 

Вратите на локалната бибиблиотека со која менаџира Билјана, се ширум отворени за секој, и на предизвиците во тој дел им се препушта со полн здив. Сака да се натпреварува, но најмногу со самата себе. Уште на старт си зададе задача, и кого и да го прашате, само ќе ви потврди, за културната институција надалеку се слушаат само позитивни зборови и пофалби.

Искрена е, гласно и јасно кажува сѐ што мисли, се бунтува против неправди и лицомерие, не кажува ништо во затскриена форма, едноставно таква е.

„Мојата филозофија на живеење...направи прво на себе си да ти биде добро, оти ако тебе ти е добро и на тие околу тебе ќе им биде добро. Биди позитивен, среќен и смеј се. Убавите нешта лесно се пренесуваат на други. Почитувај се и сакај се, за да те почитуваат и сакаат и другите. Јас сето тоа одамна го применувам и верувајте ми „работи“ одлично“- ни раскажа меѓудругото оваа дама.

ЖМ: Билјана, веќе неколку години сте на чело на ЈЛБ Илинден во Делчево, и од она што го гледаме е дека одлично ви оди. Како почна вашата библиотекарска приказна?

-Мојата библиотекарка приказна започна набрзина и случајно. Се беше некако спонтано и кога влегов во библиотеката немав скоро никакво предзнаење иако бев редовен член и многу читав книги. Сакам предизвици и не се откажувам лесно од нив. Сакав да научам нешто ново, нешто што мислев дека ќе ми оди, да се натпреварувам самата со себе, и да си докажам на самата себе дека нема нешто што не можам да го направам ако сакам. А, од самиот почеток сакав да ме биде како прв човек на библиотеката, и сакав за неа да слушнат сите и да ја сакаат и почитуваат како културна институција. Мислам дека успеав во тоа. Библиотеката е мојот вистински избор, затоа што го работам тоа што го сакам.

ЖМ: Како се чувствувате Вие како менаџер со блиблиотеката која постои од далечната 1927г со она што го работите - исполнети насекаде околу вас со книги?

- Библиотеката постои уште од далечната 1927 година,под името „Светлина“. После војната во 1945 година библиотеката е во склоп на Домот на културата. Од 1963 година се оддвојува од киното и функционира како матична библиотека. Во 2005 година се трансформира во Јавна локална библиотека „Илинден“, а основач е општина Делчево. Како се чувствувам опколена со книги? Пријатно, опуштено, убаво е кога гледаш во полни полици книги особено ако ја сакаш книгата. За да бидеш менаџер во библитека потребни ти се комуникациски вештини, да знаеш да воспоставиш добар однос со возрасните членови, со учениците, со сите оние кои доаѓаат во библиотеката за користење информации, способност за тимска работа, добар маркетинг. И сето тоа континуирано да се усовршува и прилагодува на промените во општеството. Сите тие карактеристики јас ги имам , онаму каде што бев „слаба“ учев, нешто од книга, нешто со стекнато искуство.


ЖМ: Колку ве исполнува работата? Гледаме дека доста се вложувате како прв човек на библиотеката ...

Сѐ што правам во животот го правам со многу љубов, ако не е така не ни започнувам. Во мојата работа како директор на библиотеката се вложувам 100 % и не се штедам затоа што мене работата ме исполнува и ме прави среќна. Мило ми е кога некој читател ќе се израдува на нов наслов, затоа и набавуваме се што е ново. Среќна сум кога децата со насмевка на лице излегуваат од библиотеката, затоа и правам настани и работилници за деца.

Се радувам кога ќе ми кажат дека библиотеката им е убава затоа и постојано го менуваме нејзиниот изглед да биде средена, модерна и функционална. Јас на работа одам со мерак, а ако наутро со радост одиш на работа, а тоа значи дека работата те исполнува.

ЖМ: Раскажете ни какви сѐ настани организира библиотеката за промоција на убавиот пишан збор и промоција на културата за читање и пишување?

-От како јас сум директор на библиотеката, секоја година се трудам да организираме од 80 до 100 настани. Одбележуваме значајни настани, јубилеи, реализираме работилници за деца на најразлични теми во кои се вклучени деца од предшколска и школска возраст. Промовираме книги на роднокрајни автори, како и други автори од земјата. Во нашите активности се трудиме да најдат место и најмалите и пензионерите и невладиниот сектор, комисијата за еднакви можности при општина Делчево, средношколците и студентите. Да ги вклучиме и штитениците при Дневниот центар за лица со посебни потреби, а ги промовираме и сите наши сограѓани кои нешто прават, творат, создаваат а се малку промовирани или за нив воопшто и не се знае. Со училиштата во градот организираме и разни литературни конкурси, поттикнувајки ги децата да пишуваат и творат. Минатава година за прв пат организиравме ораторска вечер со средношколците и натпревар по краснопис и рецитација со основците. Прекрасни настани ,со голема заинтересираност и наптреварувачки дух. Летово имавме и 3 работилници за деца со натпреварувачки карактер што се покажаат како одлична забава и ни покажаа дека децата и не сакаат да гледаат по цел ден во мобилниот, доколку им се понуди нешто интересно и возбудливо.


ЖМ: Што е тоа што треба да се знае за оваа значајна гранка од просветниот и научниот сектор во секое општество?

- Библиотеката е тесно поврзана со просветниот и научниот сектор. Многу поврзана со образованието. Библиотеките обезбедуваат лидерство и експертиза со користење на информации. Тие се поврзани со технологијата, која игра важна улога во процесот на настава и учење. Обезбедуваат еднакви можности за сите читатели за добивање на информации и идеи кои се поврзани со сите обрзовни институции. Нашата библиотека  игра важна улога во постигнувањата на учениците, на нивното академско ниво во процесот на доживотно учење.Таа обезбедуваат процес на доживотно учење на граѓаните и подготвува поединци кои во иднина ќе можат да се докажат како одговорни граѓани во современото општество.

ЖМ: Ви носи ли професијата предизвици и какви? -Што претставува најголем предизвик за водење на една локална библиотека?

- Секој процес во библиотеката за мене претставува предизвик. Од набавка на книжен фонд, простор за сместување на истиот, промоција на роднокрајни и млади автори, издаваштвото. Потоа посета и дружење со децата од детската градинка, работа и настани со учениците и студентите, дигитализацијата како посебен предизвик.


ЖМ: Денес многу од литературата е достапна и преку интернет просторот, но литературата на македонски јазик генерално се наоѓа во книжарниците и библиотеките. Како располагаат библиотеките со новите наслови?

-Во ЈЛБ „Илинден“ ги има скоро сите нови наслови од сите издавачки куќи. Иако располагаме со малку финансии, сепак се трудиме да набавиме барем по еден примерок од се што е ново, актуелно, интересно и барано. Располагаме со многу наслови, белетристика, многу детска литература, многу стручна литература. Редовно се набавуваат дневни весници и сите лектири за средно и основно образование. Имаме се од класици до современи автори. Но, во времето во кое живееме кога е-книгите земаат се поголем замав и кога книгите се продаваат со големи попусти и ниски цени, за да се изнајми и прочита книга од библиотеката мора да и се направи добра  реклама. Од тие причини како директор се трудам да имаме добар маркетинг на секој наслов на нашата Фб и веб страница, да бидеме транспаренти и видливи. Моментално библиотеката располага со околу 80 000 книги. Над 50 000 за возрасни и над 13 000 детска литература. Плус книгите добиени како подарок и се што е сместено во роднокрајното одделение.


ЖМ: Човекот денес стои помеѓу хартијата и таблетот. Парадоксот можеби се крие во тоа што дигиталните книги брзо се листаат, но хартиените подобро се читаат. Какви совети можете да им дадете на тие кои имаат некаква желба, но сè уште не се решиле да почнат да читаат?

-Веќе имаме неколку наши членови кои во библиотеката дошле да изнајмат книга за своето дете и не сакале да читаат, а подоцна сме ги наградиле како наши редовни и големи читатели. Книгата има посебна магија. Мирисот на книгата е привлечен. Книгата нема само книжевна, научна и естетска вредност туку има и предметна вредност. Таа не е една балетска претстава, еден концерт или една театарска представа. Ќе се одржи еднаш или неколку пати и толку. Книгата останува. Засекогаш. Кога еднаш ќе почнеш да читаш, нема престанување. А во времето во кое живееме кога сме бомбадирани со секакви потребни и непотребни информации, притисоци, стресно време и премногу злоба и љубомора, книгата е таа која може да не релаксира, оддалечи од се она што не опкружува и ни пречи, да не однесе на прекрасни патувања, настани и авантури опишани во неа. Да читаме се повеќе и почесто, затоа што книгата навистина е нашиот најверен пријател.

ЖМ: Кажете ни нешто повеќе за себе: Што е тоа што Ве карактеризира како личност, ваша филозофија на живеење, афинитети во Вашиот приватен живот, можеби неостварени пасии?…

- Јас сум жена која од секогаш знаела што сака и се борела за тоа. Искрена сум, гласно и јасно кажувам сѐ што мислам, се бунтувам против неправди и лицомерие, не кажувам ништо во затскриена форма , разговарам гледајки во очи што и не е баш некоја „придобивка“ ако живееш во мала средина, каде сите се знаеме и за сите сѐ знаме. Сакам да пишувам кратки статии, коментари и критики за настани и случки од нашето секојдневие. А мојата филозофија на живеење...направи прво на себе си да ти биде добро, оти ако тебе ти е добро и на тие околу тебе ќе им биде добро. Биди позитивен, среќен и смеј се. Убавите нешта лесно се пренесуваат на други. Почитувај се и сакај се, за да те почитуваат и сакаат и другите. Јас сето тоа одамна го применувам и верувајте ми „работи“ одлично.


ЖМ: На социјалните мрежи се забележителни Вашите чести пораки за правата на жената. Каков е статусот на жената во јавниот живот и генерален дискурс во вашиот град Делчево?

-Многу ме лути непочитувањето на жената. И секогаш сум се борела, зборувала и пишувала за жената и женските права. Ниедна жена не треба да трпи понижување, насилство, навреди...Срам, осуда од околината, страв и несигурност е она што жените и во нашиот град ги тера да премолчуваат кога се жртви на насилство, кога се психички или физички напаѓани. Сепак во последно време се работи на тој проблем, невладини и женски организации, предавања и работилници организирани од релевантни фактори во општината и жените стануваат се „погласни“ и се похрабро ги изнесуваат и решаваат своите приблеми. Секоја жена треба и мора прво да се сака и почитува самата себе. Без разлика што и да ѝ се случува, нема откажување, изговори. Ќе се сопнеш. Ќе паднеш, па ќе станеш. Ќе ја поднаместиш круната и продолжуваш низ животот. Секоја жена мора да разбере дека треба да биде кралица, и дома и на работното место и на улица, и да верува дека кога се сака сѐ се може. Секоја жена мора да разбере дека не треба никој и ништо да трпи. Силните жени не трпат, не простуваат, „удираат“ и заминуваат без да се вртат назад. Јас би сакала сите жени да го разберат и применуваат сето тоа.

ЖМ: Што за Вас значи силна жена?

 - Да бидеш силна жена значи да се сакаш себе си и да си ги прифатиш сите маани и слабости. Да донесеш правилна одлука во тешки ситуации и да се откажеш на време. Да ги сокриеш емоциите зад широка насмевка и да ја пакуваш силата и борбениот дух во женствен и нежен изглед. Силната жена се труди секој ден да биде најдобрата верзија од себе. Силната жена ги остварува своите соништа, бестрашна е , различна и смела. Силната жена го учи својот син дека е најсилен кога е нежен и ја учи својата ќерка дека е најсилна кога е своја, самоуверена и кога бега од се што ја прави тажна.

ЖМ: Жената е клучна во развојот на сите пори во општеството. Според Вашето мислење, кои се круцијалните елементи за жената да напредува? Дали тоа се личните карактеристики, образованието, едукацијата, поддршката од тимот и семејството или, пак, нешто друго?

- Се она што го наброивте во прашањето е важно за жената да напредува. Образование и едукација пред сѐ. Вложување и инвестирање во себе со секојдневно едуцирање, читање, курсеви, школи, предавања на различни теми од различни области. Секако безрезервна поддршка од семејството. Мотивација и разбирање од тимот со кој жената работи. Жената треба да биде пред се добар родител, добар партенер, успешен работник, да има своја кариера. А сето тоа бара голем притисок, големи одрекувања со кои треба да се носи за да го издржи секојдневието кое е премногу долго , а понекогаш и премногу кратко за да се се постигне сето тоа.


ЖМ: Што Ве исполнува, релаксира и што Ви дава „ветер во грб“? Кое е Вашето животно мото?

- Ме исполнуваат мали нешта ама за мене многу вредни. Насмевката на мојот син, семејниот ручек кога сме дома сите, попладневното кафе со татко ми,  разговорот со сестра ми. Ме релаксира добра книга, следење на фудбалските натпревари на градскиот стадион, пешачењто, убавите муабети со пријателите, негувањето на моите цвеќиња кои многу ги сакам. А моето животно мото... од секогаш се придржувам на тоа „Кога се сака, се сѐ може“.

ЖМ: Како ведра жена полна со оптимизам, кажете ни од каде доаѓаат Вашата позитивна мисла и ентузијазам?

- Не вреди за ништо да се нервираш и да трошиш време и енергија на неважни нешта и работи кои не можеш да ги смениш. Колку и да ми било тешко, јас не ги кријам емоциите. Зборувам гласно, плачам гласно и се смеам гласно. И сѐ што ми тежи на душа го истерувам надвор од мене, викам, плачам, се расправам , кажам што  сакам ...и помине. Потоа насмевката и позитивната енегрија брзо повторно ми се враќаат. Како што веќе реков мојата позитиван мисла доаѓа од навидум мали и не важни нешта кои мене ми значат. Да помогнам, да се насмеам, да разговарам, да поздравам, се тоа ми дава позитивна енергија. Верувам дека ако имаш позитивна мисла , ти се случуваат убави нешта.


ЖМ: Која е Вашата порака до младите, како да ги канализираат својата креативност и енергија и да бидат успешни на домашна територија?

- Труд, работа, многу работа, многу едукација, да бидат образовани, да учат. Јас верувам дека трудот, посветеноста, способноста која доаѓа од образованието кога -тогаш ќе дојдат до израз и ќе се исплатат. Младите мора да разберат дека таму некаде далеку можеби има повеќе пари, ама дома си е дома. Да останат тука да работат и создаваат тука и да ја направат нашата земја место каде ќе има многу пари и убав живот. Некој мора да направи промени кај нас, некој мора да се бори за посветла иднина тука, а тој некој треба да се младите.

Со нетрапение го чекам денот кога во мода ќе се врати срамот, почитта, моралот, вистинските животни вредности. А ќе се вратат, ми се чини дека младите почнуваат да ги прифаќаат.


Ирена Ставрова