Жени одржувајте го вашето здравје на завидно ниво, колку и да изгледа тешко и невозможно, и задржете го ставот ЖЕНА: Интервју со бодибилдерката Цеца

Добивај вести на Viber

Цветанка Огненовска Аврамовска е 37 годишна дама од Битола и моментално се занимава со бодибилдинг, фитнес, развивање на техники и методи за здрава исхрана и здрав начин на живот, а исто така изработува планови за исхрана. Држи персонални и онлајн тренинзи и е достапна во секое време, било да е за мотивирање или за стручни совети. По професија е дипломиран судски певедувач по албански јазик, па во слободно време држи и часови по албански. Магистер е по „Финансиски менаџмент“, а моментално и студент на Биотехнички факултет, на насока „Храна и Диететика“.

Таа испраќа силна порака до мајките за можноста да се задржи добра форма на телото и покрај домашните обврски, бременоста и грижата за децата. 

Повеќе за бодибилдингот, исхраната и советите од Цветанка читате во редовите подолу.

ЖМ: Како одлучи да се занимаваш токму со овој спорт – бодибилдинг? Не е баш вообичаен спорт за дами, како почна твојата приказна, од каде желбата?

- Со вежбање започнав активно уште на крајот на 2010 година. Но, во тоа време гледав на фитнесот како на хоби кое ме релаксира, опушта и воедно ми пружа задоволство. Со текот на времето, бидејќи живеев сама, си купив дури и одредени справи кои после долгите тренинзи во теретана продолжував да ги користам дома во домашна атмосфера. Сето ова поради мојата опседнатост и пасија кон фитнесот. Почнав да читам и литература поврзана со овој спорт, па така си изградив и мала библиотека. Професионално одлучив да се насочам кон овој спорт во 2015 година, после моето запознавање со сопругот кој е заслужен за она што сум денес. Во тоа време работев како менаџер во транспортна фирма, а секое утре пред работа, како и навечер, после работа бев во теретана и вежбав, во утринските часови кардио, а навечер тежински тренинзи.


ЖМ: Какви беа реакциите на луѓето, пријателите, семејството, на тоа што се занимаваш со овој спорт?

- Првично чудни и недоволна доверба поради целата окупираност и обврските кои лежеа на мој грб. Јас сум мајка на две деца (5 и 6 години), сопруга и директор на нашиот приватен бизнис „Биро за преведување Лексика – Битола“. Поради времето кое што навистина требаше добро да го органзирам за да продолжам активно да се движам кон мојата цел, семејството и пријателите беа скептични околу оваа тема и не доволно веруваа дека ќе престигнам да се соочам со сите предизици кои животот ми ги постави. Но, со текот на времето и тие ја увидоа мојата упорност и ми ја пружија целата поддршка на светот. Особено ги радуваше фактот што ќе им бидам добар пример на моите деца и ќе им ја вметнам идејата за борба и континуитет во работите кои ги прават со цел да си ги исполнат зацртаните цели.

ЖМ: Колку освен физички, бодибилдингот те изгради и психички?

- Физичкиот бодибилдинг ме подготви психички да сум силна, борбена, да си стојам цврсто до работите кои ги ветувам и правам во животот, како и ме направи трпелива и истрајна. Можеби трпеливоста и истрпливоста би ги издвоила и би ги ставила на посебно место, затоа што психичкиот процес е многу значаен за развивање издржливот и дисциплина во ова поле.

ЖМ: На што работиш во моментов, има ли некој натпревар кој ти претстои?

- Во моментот фокусирана сум на факултетот, а паралелно се подготвувам за натпревар кој следи во блиска иднина и се надевам дека ќе успеам да се доведам во замислената форма.


ЖМ: Кое е твоето најголемо достигнување во бодибилдингот, а која е твојата цел?

- Сениори во категорија фитнес бикини – прво место како и Мастерс (на натпревар Паљо класик – Битола) и второ место во категорија Фитнес Бики Сениори – државно првенство одржано во 2022 година. Целта ми е да го пренесам моето знаење и искуство на оние кои се движат по овој пат, како и да им пренесам силна порака на мајките за можноста да се задржи добра форма на телото и покрај домашните обрски, бременоста и грижата за децата. Инаку главна цел што се однесува на бодибилдингот е еден ден да застанам на бина со врвни атлети кои се дел од европските и светските сцени.

ЖМ: Раскажи ни ја твојата дневна рутина?

- Станувам околу 6 часот наутро за да имам доволно време да си го подготвам појадокот, ги исполнувам обрските на родител и продолжувам во теретана. Тренирам два пати на дневно ниво, наутро правам кардио или пешачам, а навечер обично го правам тренингот со тежини. Во текот на денот се грижам и околу работни обврски поврзани со приватен бизнис, читам и се едуцирам, а внимавам да сум посветена и на клиентите и да поделам по некој совет на социјалните мрежи. Денот ми е целосно исполнет, а во тоа ми помага стратешкото менаџирање на времето и дисциплината, како и упорноста да ги постигнам зацртаните цели. Денот не ми почнува без план за тоа што ќе се случува понатаму.

ЖМ: Што најчесто појадуваш, како изгледа едно твое дневно мени?

- Најчесто појадувам јајца, овесни снегулки во комбинација со банана, додека за ручек пилешки стек и ориз, а некогаш компири и телешко/мисиркино месо. За вечера туна со салата и оризови галети.


ЖМ: Дали работиш со клиенти? Ако е да, каков тип на луѓе најчесто побараале помош од тебе и за што?

- Да, работам. Моментално повеќе онлајн и тоа претежно со жени над 30 години.

ЖМ: Сигурно постојано добиваш коментари за твоето згодно тело. Има ли коментар што можеби за секунда те извадил од такт?

-Се сеќавам на еден настан кога бев во период пред натпревар и кога бев во калориски дефицит, а истовремено внимаваш да имаш помалку масти, баш во тој период добив еден коментар дека изгледам како прегладнета, исушена и не сум била доволно „секси“ (женствена). Сепак не ме извади од такт, поради тоа што не дозволив да ме допрат таквите коментари. Затоа секогаш е битно да веруваме во себе и да ги игнорираме негативните коментари од околината кои умеат да те дефокусираат и оттргнат од патот кон постигнување на зацртаната цел.

ЖМ: Во каква облека најдобро се чувствуваш, дали си љубител на штикли и високи потпетици?

- Најдобро ми е во широки пантолони, кратка маичка и патики. За штикли и високи потпетици би рекла зависи од настанот на кој присуствувам, но имајќи ги предвид сите обврски околу децата се одвикнав од претерано носење на штикли.

ЖМ: Колку време посветуваш за нега на телото?

- Масажи правам два пати месечно, како и мадео масажи кои мислам дека се многу добри за циркулација на телото и добро делуваат на мене. Поради напорните тренинзи секоја масажа е добредојдена и убаво влијае на телото.

ЖМ: На кој начин пак ја негуваш внатрешната убавина?

- Најпрвин со љубов кон себеси, а потоа и љубов кон сопругот, децата и моето семејство.


ЖМ: Сопруга си и мајка. Колку најблиските те поддржуваат ? Што најчесто правите заедно со семејството, колку сакате да патувате или да поминувате време едни со други?

- Патуваме многу. Би рекла дека имаме премногу прошетано и сите четворица сме авантуристи, па затоа викендите ги поминуваме секогаш заедно на некоја интересна и возбудлива дестинација. Со сопругот имаме заеднички ритуал со тоа што скоро секој викенд одвојуваме време за пешачење и тоа рано наутро, па потоа се враќаме и заедно со децата продолжуваме кон нови авантури.

ЖМ: Како би ги мотивирала жените, да почнат да се занимаваат првично со вежбање, како би ги советувала да внимаваат на сопственото тело ?

- Жени одржувајте го вашето здравје на завидно ниво, колку и да изгледа навидум тешко и невозможно, не застанувајте, останете мотивирани и задржете го ставот ЖЕНА. Внимавајте што внесувате во телото, не само поради тоа да изгледате фит, туку и за да ја задржите благосостојбата и свежината како во внатрешноста, така и надворешно. Време има за сѐ. Престанете да си давате оправдувања за неможноста да се случи нешто, наместо тоа барајте начини и методи како да ги исполните целите. Жената не е само понежниот пол, жената е поим за нежност, витавост, еластичност, убавина, свежина и емоција. Бидете храбри, трпеливи и зададете си предизвик кој ќе се стремите да го исполните. Само така ќе останете мотивирани и инспирирани да ги смените навиките и да започнете со нови, многу подобри.


Ирена Ставрова