Жените работат за пониски плати и малку ги има на раководни места

Добивај вести на Viber

Жената мора сама да се избори за својата позиција во економијата посебно, но државата треба да создаде услови таа да може да го покаже своите претприемачки способности. Тоа е потребно за да се промени состојбата, според која, жените и покрај декларативната еднаквост сѐ уште се пониско платени од мажот за иста работа, а раководните функции се главно машки. Ова е ставот на Сојузот на стопански комори кој денеска на прес-конференција го презентира Габриела Кулебанова, член на Управен одбор на оваа комора.

Само 12 отсто од вработените жени во приватниот сектор се на раководна позиција. Не дека жените не се добри претприемачи, туку затоа што тие имаат ограничени финансиски можности да отворат и раководат фирма и дополнително нема организираност на иституциите да го следат нејзиниот ангажман и постојат бариери кои ја следат. Жените често се во позиција на работна сила на пониско ниво, што значи и пониски примања, дури и за исти професии во одредени случаи жените се помалку платени од мажите, за 12 отсто – вели Кулебанова.

За еднакви можности во приватниот сектор, вели таа, стратешки треба да се постави систем, кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, како и на раководни позиции, што значи да се изнајде баланс и меѓу приватниот и професионалниот живот.

Податоците за земјава, пак, покажуваат дека 33 отсто од новоотворените фирми се на жени. Од вкупниот број вработни 282.000 се жени кои чинат 73 отсто од вработените во приватниот сектор.