Жените во А1 Македонија [Интервју]: Теодора Мирческа, експерт за бизнис анализи - Жените се повеќе ја освојуваат професијата бизнис аналитичар
Во време на интезивен дигитален развој,
професијата бизнис аналитичар станува се поклучна професија. Ова се луѓето кои
работат во проектни тимови со различни структури и професии, со цел реализација
на сите потребни бизнис барања. Работат истовремено на повеќе бизнис барања и нивна имплементација според компаниските
приоритети и зададените рокови.
Нивното знаење треба да има што е можно повеќе длабочина и контекст за бизнисот на компанијата, со што имплементацијата на технолошките решенија треба да биде ефикасна и прецизна.
Ако во минатото ова беше препознаена како машка професија, Теодора Мирческа од Канцеларијата за управување со проекти на А1 Македонија, вели дека родов јаз речиси веќе и да нема и ги побива стереотипите градејќи ја својата кариера токму во оваа област.
Ја претставуваме Теодора, експерт за бизнис анализа која е дел од компанијата цели 19 години. Комуникативна, дружељубива, тимски играч, секогаш отворена и подготвена за соработка и посветена на своите работни обврски.
Каде се образуваше?
- Високото образование го завршив на Педагошкиот факултет во Скопје. Иако моето образование не е поврзано со позицијата на која што сум во А1, љубопитноста и желбата за повеќе знаење во областа на телекомуникации придонесе да се најдам на ова место.
Единствен начин да бидеш успешен е да го работиш и правиш тоа што го сакаш.
Што работи експерт за бизнис анализи?
- Моите работни обврски се многу динамични. Секој ден е различен од предходниот, секој ден носи нешто ново, нови искуства, нови знаења и нови предизвици.
Мојата позиција е “мост” помеѓу Бизнис и ИТ секторот. Одговорна сум за процесот на управување со бизнис барањата и портфолиото на,нивна анализа, евалуација и приоритизација; координација на цел животен циклус на бизнис барањата од планирање до нивно поставување на продукција.
Сето тоа може да се постигне со секојдневна комуникација со многу колеги и со тимска работа.
Кое беше твоето прво вработување и позиција?
- Тоа беше во 2003 година во тогашен Космофон на позиција Агент за претплата. Мои обврски беа процесирање на корисничките барањата кои пристигнуваа од продажните салони, од активација до промена на тарифен модели промена на кориснички податоци.
Кој е најинтересниот дел од твојата работа?
- Се е интересно бидејќи е многу динамично. Посебно би ја издвоила секојневната комуникација со многу колеги се со цел навремено да се заврши се што е предвидено во зададениот рок.
Кои се предностите или предизвиците за жена во твојата професија?
- Живеејќи во се подинамичен технолошки свет и како сведоци на револуционерни откритија, улогата на жената има се поголемо влијание. Мислам дека сме толку храбри и со својата решителност и одлучност можеме “планини” да поместиме.
Традиционалните животни навики и традиционалната улога на жената денес е сменета така што жена во мојата професија не е реткост, родов јаз речиси и да нема. За да се биде бизнис аналитичар меѓу другото потребни се љубопитност и комуникација, а со поврзување на сите потребни точки кога на тоа ќе се додаде женскиот сенс, помага да се стигне до посакуваната дестинација.
Што те мотивира?
- Мое мото е: Не може да не може. Кога и да наидам на некоја пречка, ова мото секогаш ме води кон решението.
Работата во тим, поставување и достигнување на роковите, совладување на секој предизвик ми дава чувство на остварување. Знаејќи дека мојата работа, одговорност и упорност ќе помогнат не само за личен и професионален успех, туку и успех и напредок на компанијата, ме охрабрува да се залагам уште повеќе.
Што правиш во слободно време?
- Мојот издувен вентил е сликарството. После работните обврски кои немаат допирна точка со уметност, навлегувам во мој уметнички свет каде што со творењето на нешто ново, сликањето и создавањето на уметнички дела, се опуштам, црпам нова и различна енергија и имам духовно исполнување со безвременска преокупација.
Ако можеш да дадеш совет на 18 годишни девојки, што би им препорачала?
- Секој момент да го користат да се стекнуваат со нови знаења од било која област. Да го следат својот сон и никогаш да не се откажуваат од целта. За да се стигне до таму има многу издигнувања и падови, но никогаш не треба да подклекнуваат на пречките на кои ќе наидат. Напротив, тие се тука да ги зајакнат и мотивираат за да продолжат понатаму. И кога ќе се стигне до зацртана цел, да си постават нова, бидејќи тоа е клучот за напредок.
А што би препорачала на колегите и колешките кои се на почетокот на своите кариери?
- Да не се плашат од предизвици, да излезат од својата комфорна зона, да се впуштаат во нови искуства, зашто само така ќе постигнат личен и професионален развој. Секој момент да даваат се од себе, бидејќи правењето најдобро во овој момент те носи на најдоброто место во следниот момент.
И тимот, никогаш да не се заборави тимскиот дух, само заедно може да се постигне повеќе.
Замисли, верувај и оствари!