Женската сила на Аутомакедонија!
Има улоги во автомобилската индустрија што сами по себе се покомпатибилни со машкиот род, но ако зборуваме за менаџерски позиции, родовиот јаз во оваа индустрија сè повеќе се намалува …
Гордица Штерјева, Заменик генерален директор
Кое е вашето мислење за тоа колку во нашата земјава се почитуваат правата на жената и од аспект на менаџер, но и колку се почитуваат во вашата компанија каде се вработени голем број жени?
-Сметам дека жената во нашата земја, модерната македонска жена е симбол за стабилност и истрајување. Модерната македонска жена никогаш не ја изгуби домаќинката, мајката, заштитничката, зошто сите епитети на успешната жена произлегуваат од примерот на нашите мајки-истрајни, вредни, храбри, пожртвувани и истите во професионалното опкружување се нарекуваат успешна, јасна, доминантна и професионално реализирана жена. Нашето традиционално општество се трансформира под изгазениот пат на успешните жени и нивните примери, а за среќа примери имаме многу.
Јас мојата кариера ја изградив во оваа компанија рамо до рамо со неверојатни жени и тоа е вистинска привилегија. Несомнено во Аутомакедонија ќе останат запаметени и етаблирани имињата на неверојатни, борбени жени кои растеа заедно со компанијата и сè уште растат со неа.
Ирина Мисаиловска, Менаџер за логистика
Што вие сметате дека може да направиме за да го затвориме родовиот јаз во автомобилската индустрија?
-Колку да ни е тешко да признаеме, сепак има улоги во автомобилската индустрија што сами по себе се покомпатибилни со машкиот род, но ако зборуваме за менаџерски позиции, родовиот јаз во нашата индустрија мислам дека сè повеќе се намалува и во одредени средини скоро па и да го нема. Добар менаџер во автомобилската индустрија е најмалку важно дали е маж или жена.
Во основа, менаџерот треба да го поседува соодветното образование, но и волја за постојано надградување на знаењата. Менаџерот треба да е професионалец со разумно расудување и способност за донесување стратешки одлуки.
За да бидете добар менаџер круцијално е поседување на високо ниво на комуникациски вештини, да умеете да формирате квалитетен тим со тоа што ќе ги препознаете соодветните квалификации и способности за распоред на задачите на учесниците во тимот, со цел постигнување успешни резултати. Менаџерот треба да е добар тим лидер, да се однесува етички, да мотивира, да инспирира и да биде пример за идните генерации на професионалци.
Жената, која ќе ги има овие квалификации и особености, може да биде добар менаџер, а заради женскиот сензибилитет, интуиција, упорност, пожртвуваност и емпатија, би рекла дека е чекор понапред од кој било маж.
Она што можеме како жени да правиме за да го затвориме родовиот јаз онаму каде постои, е да бидеме упорни да работиме на своите квалификации, знаење и карактер, но и заемно да се поддржуваме и да дадеме шанса на секоја прилика што ќе придонесе за рамноправна конкуренција со мажите во светот на бизнисот.
Која е пораката која Вие како жена – менаџер ќе ја испратите до сите жени по повод 8 Март?
-Празникот 8 Март е симбол за освоена слобода и права, како и освојување на еднакви можности и родова рамноправност. Но, пред сè, тоа е ден на почит и разбирање. Бидете храбри, упорни и свои. Почитувајте се себеси и почитувајте ги другите. Работете на себе, на својата личност, бидете сигурни дека можете да ја постигнете својата цел и не дозволувајте некој да ве убеди во спротивното. Само така заеднички ќе остваруваме, затоа што сигурно е дека имаме уште граници за поместување.
Елена Тодорова, Генерален директор на АМ Брокер, Комерцијален директор во Аутомакедонија АД Скопје
На висока менаџерска позиција сте повеќе од 10 години. Кои карактеристики треба да ги поседува еден менаџер за да биде успешен во успешна компанија?
На позицијата Генерален директор на брокерското друштво АМ Брокер сум од 01.01.2014-та година, а од 01.07.2022 и Комерцијален Директор на Групацијата Аутомакедонија.
Менаџерската позиција, сама по себе е доста комплексна позиција која бара посветеност, иницијативност и пред сè одлучност при носење клучни одлуки. Одлучноста секогаш треба да е базирана на знаење, добра информираност и остроумна проценка на ситуациите.
Кога станува збор за жените менаџери, би напомнала дека жените поседуваат одреден сензибилитет и интуитивност, поразличен од мажите, кој им дава една додадена вредност во целокупниот работен процес на менаџирање и управување. Но, она што секако е значајно, и е во суштина основа на функционалноста и успешноста во работењето, е поседувањето на посебен сет способности за тимско лидерство, комуникациски вештини, способност за брзо решавање проблеми и стратешко размислување, како и континуирано надградување на знаењето.
Самиот пристап на еден успешен менаџер, (без оглед дали е маж или жена) треба да биде адаптивен, иновативен и да применува етичко менаџерско однесување. Тој треба да се заснова на трите клучни компоненти: луѓе, цел и влијание. Да се инспирираат луѓето да работат подобро и поефикасно, преку поставување на јасни цели, инспирирајќи ги со вашето присуство, но и отсуство.
Која е пораката која Вие како жена – менаџер ќе ја испратите до сите жени по повод 8 Март?
-Пораката не би сакала да ја испратам само до жените, туку ја испраќам до сите оние кои сакаат да бидат успешни менаџери. Секој од нас треба да верува во себе, во своите способности и истите континуирано да ги надградува. Вложувањето во себе е најдобрата инвестиција. Да учиме еден од друг, да подаваме рака, да препознаваме потенцијали, да негуваме добри релации со вработените, да инспирираме, да водиме, да постигнуваме резултати, да се радуваме на малите, но сигурни чекори, да не се колебаме при носење одлуки, да го слушаме и срцето и разумот, бидејќи балансот во животот, подразбира и баланс во работата, преку воспоставување на хармонија помеѓу разумните емоции и носењето цврсти одлуки, како фундаментални карактеристики на секој добар менаџер, а пред сè на секој добар човек. Само така успехот е неминовен, за сите нас.
Билјана Јанчевска – Маркетинг менаџер
Што би ги советувале сите жени кои се на почетокот и сакаат да изградат успешна кариера во текот на животот?
Кај нас сè уште жените потешко се одлучуваат за кариера и прифаќање на одговорни функции затоа што се често ограничувани од финансиите, околината или семејните обврски. Нашата средина е сè уште конзервативна по тоа прашање, но работите покажуваат тенденција на менување и гледаме сè повеќе примери на жени на високи менаџерски позиции, кои успешно го одржуваат балансот помеѓу приватниот живот и кариерата.
Оттаму наша е и одговорноста континуирано да работиме на промена на оваа перцепција, преку отворена комуникација и подигање на свеста на кај младите жени за ова прашање.
Живееме во време на многу можности, сè поголем избор на опции за кариера и поместување на границите и надвор од нашата земја, па мојата порака до сите млади жени, на почетокот на својот кариерен пат е следната:
Бидете храбри, верувајте во себе, не плашете се од промени на работните позиции и во секоја промена наоѓајте предизвик. Покажете го својот талент, насочете го умот кон раст и постојано учете и надоградувајте се. Формалното образование е само појдовна точка во личниот раст и развој, но денес постојат бесконечно многу можности за неформално образување и надоградување, така што личниот развој и напредок станува единствено прашање на сопствениот избор. Учете од менторите, учете од грешките, фокусирајте се на унапредување на вашите вештини и знаење, радувајте се на секој успех, верувајте во себе и своите цели и следете го патот на нивното остварување.
Данијела Доневска, Директор на АМ ЦЕРТ
Кој е патот до успехот?
Не постои формула за постигнување на успех или некоја пишано упатство. Потребно е постојано да се работи на своето усовршување во работата што се работи. Мислам дека мојот успех се должи на фактот што во мојата работа ги имам поминато сите фази од процесот на работа, така што полесно можам денес како менаџер да ја раководам работата, полесно да ги лоцирам евентуалните проблеми и да давам добри совети на вработените во мојот тим.
За да се постигне успех, не треба да се плашиме од предизвиците, секогаш треба да настојуваме да се соочиме со непознатото, да научиме, да бидеме упорни во тоа што го работиме и секако позитивната енергија да настојуваме да ја пренесеме на соработниците.
Совет: Никогаш не се откажувајте од своите соништа. Упорно работете, учете, дружете се, почитувајте ги колегите и соработниците.
ПР објава