Женски речник

Добивај вести на Viber

Вртејќи на инстаграм, наидов на едно нешто што вели вака: “Како тоа мислиш дека ќе ме оставиш на мир, кога ќе ти кажам да ме оставиш? Си имал ти некогаш девојка или не?!”.

Прво се изнасмеав, бидејќи како жена точно знаев што сака да каже пораката. Та нели ние жените многу пати кажуваме едно, а мислиме друго. Или како што одеше она дека кога даваме лев жмигавец, не значи дека ќе одиме десно...можеби едноставно ќе продолжиме право.

Женски речник! Исто како што тврдам дека треба да се измисли и тинејџерски речник, оти НЗМ може да биде и “не знам”, ама и “не замарај”. Женскиот речник, или ако повеќе милувате-упатство за читање на женските мисли, верувам дека би бил еден пообемен материјал, преведен на сите светски јазици со тираж како што е во најмала рака, Библијата.

Отсекогаш ме фасцинирала едноставноста на машкиот ум. Не го велам ова со потценување, туку со завист. Колку чисто и едноставно кога не-значи не, да-значи да, кога нема недоразбирања и потвесни калкулации со кажаното. Низ животот научив да присоберам некои работи кои ми се гледаат попрактични, за да си заштедам време и нерви. Не е дека сум имуна на она што си го носам согласно мојата женска природа, а кое излегува на виделина особено кога сум емотивно засегната. 

Затоа, денешниов муабет ми е еден вид себепреслушување, а и разјаснување на одредени состојби на женскиот ум. 

Да, комплицирани сме. Имаме хаос од хормони кои не’ прават да сме емотивни, пречувствителни, кучки, заводнички, потресени мајки, перверзни љубовници.

Да, комплицирани сме...некогаш и отповеќе од што и самите можеме да поднесеме. Избувнуваме кога не треба, премолчуваме кога не треба, знаеме да кажеме се’ и сешто кога сме лути и пак да бидеме кротки како јагниња.

Не сме лесни за разбирање, знаеме да направиме драма од ништо, исто како што знаеме со најтешките животни ситуации да се справиме како да станува збор за еден обичен маникир. Мистеријата зошто сакаме, или можеби е поточна формулацијата, зошто имаме потреба да ги зачиниме нештата со компликации, останува.

Еден мој пријател вели “најголем страв имам кога девојка ми ќе ја прашам што ти е, а ќе ми каже-ништо. После третиот пат, се опуштам и си велам дека ете стварно не и’ е ништо и само што ќе здивнам, има канонада од обвинувања дека не сум заинтересиран за неа, дека нејзе нешто и’ е а јас немам поим”.

Чиста вистина! Која од нас го нема ова направено барем еднаш во животот, нека крене рака. 

И што е најинтересно, најискрено сме повредени што не сме прашани барем за уште еден пат повеќе што тоа не’ мачи. А тоа што не’ мачи, веројатно и би било веднаш решено со муабет, да ја немаме потребата да го издигнеме проблемот на ниво-да се биде или не.

Во женскиот речник уште на почетокот би стоело со големи, задебелени букви:

НЕ ВЕРУВАЈ НА ЖЕНА КОЈА НА ПРАШАЊЕТО “ШТО ТИ Е”, ЌЕ ОДГОВОРИ СО “НИШТО”!

И не мора да значи дека проблемот е меѓу вас. Тоа “ништо” може да се однесува на:

Ме изнервира мајка ми по телефон

Нијансата на бојата на косата не ми се погоди (ова од искуство)

Една пред нос ми ги собра сандалите што беа на 50% попуст

Имам добиено

Немам добиено

Треба да добијам

Разно

И еве, како жена која иако го пишува сето ова, не значи дека не го прави истото, признавам дека од сите наши пренемагања и табиети, дури и мене ме вади од кожа “ако ТИ не знаеш што ми е, тогаш нема што јас да ти кажувам”!!!

Во ред. Ајде да одиме полека. Освен ако не се работи за директна навреда од видот-малку си пуштила меше или оплескување на ситуацијата во смисол-вртење по друг женски субјект, при што веќе постоечкиот тоа го регистрира веднаш со брзина на светлината, како може некој да знае повеќе од мене што ми е?!

И тоа така тера извесно време додека ситуацијата не ескалира и пукне тиквата, па се изнакаже сешто, со вадење работи од нафталин. 

Се научив да кажувам директно што ми пречи и зошто. Е знам понекогаш да се уќутам и да бидам “ништо”, ама кратко ми трае, оти табиетот ми е таков да си кажам се’ што ме мачи и не ми се допаѓа. Се обидувам да не мрчам многу, некогаш ми успева, некогаш ич. Не се вадам на ПМС, ниту на полната месечина, туку сакам реално да согледам зошто нешто ми оди на нерви и како да го решам. Како стареам, учам дека некогаш и на сета добра волја, едноставно треба нештата да ги оставам сами да си го фатат патот. Ама почнав да имам и повеќе разбирање за мажите, кои половина од животот го минуваат во страв од нашиот ПМС, а другата половина во страв од нашиот климактериум.

И да повториме...

“не ми е ништо”-значи дека треба да ја прашате уште барем 3 пати, да смислите романтично патување, да ја третирате како да е последна жена на планетата Земја, да ја обожувате земјата по која гази нејзиното стапало, да и’ кажете дека е совршена и дека без неа вашиот живот е бесцелен.....и да се надевате дека ќе има резултат. 

Се шегувам, се разбира 

Имајте само повеќе трпение. Не заборавајте дека колку и да мрчиме и ви го отежнуваме животот, сепак сме и незаменлив дел од истиот. Впрочем, жените и мажите се само по еден дел од сложувалката, која станува преубава слика само тогаш кога деловите ќе се вклопат заедно.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска