ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИЛИНА ВЕДРАН: Единственото нешто кое можеме да го промениме сме самите ние

Добивај вести на Viber

Бев дете на самохрана мајка. Татко ми никогаш не го запознав, а мојата мајка го напушти овој свет кога имав само 14 години. Во тие моменти се сруши сè, се соочував со големи стравови и наоѓав разни начини да се носам со таа болка. Подоцна во мојот живот сите работи некако се средија. Завршив факултет, имав семејство, изгледаше дека сè е готово кога одненадеж се случи крахот во мојот брак и на сите други полиња, отворено зборува Ведран, познат мотивациски говорник, авторка и тренер за личен развој

По професија е економист во областа на менаџментот. До 2009 година работи во Белград, а по враќањето во Скопје почнува нејзиниот пат на лична внатрешна трансформација. Инспирирана од промената одлучува за првпат во Македонија да ја донесе програмата на светски познатата Лујза Хеј. Илина Ведран работи како говорник и мотивациски тренер за личен и професионален развој. Има објавено две книги, „Јас сум љубов“ наменета за деца и „Заврти нова страница од својот живот“ која е инспиративен водич за лична промена. Проектот на кој е најмногу фокусирана е авторската програма „Креирај се себеси“ која е дел од нејзината академија каде се врши обука на мотивациски тренери и тренери за личен развој. Сепак, во нејзиниот живот постои една улога која и е најомилена, а тоа е улогата на мајка.

Следното мотивациско предавање на Илина Ведран е закажано на 19 март во „ТЦЦ Гранд Плаза“



Женски Магазин * Како обично им се претставувате на луѓето кои доаѓаат на Вашите предавања, на луѓето кои се подготвени да ги слушнат Вашите совети и кои се охрабруваат за вистинска трансформација на нивниот живот?

Илина - Во досегашната работа со луѓето научив нешто многу важно. За да оствариме позитивна комуникација која ќе придонесе создавање на доверба потребно е покрај својата стручност и знаење да ја покажеме и својата ранливост. Сите ние сме луѓе кои се соочуваме со разни предизвици, а мојата работа е да ги инспирирам луѓето да ја погледнат другата страна од проблемот каде најчесто се наоѓа решението. Тоа е многу полесно да го направиме кога ќе видиме дека некој кој се наоѓал во слична состојба го пронашол решението, а тоа значи ако може еден може секој.

Женски Магазин* Кога сфативте дека постои нешто подлабоко од класичното секојдневие? Што Ве инспирираше да почнете со оваа работа?

Илина- Големите промени во нашиот живот се случуваат кога сè почнува околу нас да се руши. Така, пред седум години и мојот живот почна да се руши на секое поле. Во најтешките моменти во кои изгледаше дека немам никаква моќ да направам нешто да се промени, длабоко во себе чувствував мир и знаев дека сè има некоја голема причина. За првпат почнав да си поставувам некои суштински прашањата, се прашував зошто сум тука и која е причината на моето постоење. Знаев дека животот е нешто повеќе од класичното секојдневие каде најчесто се фокусираме на тоа како полесно и побрзо да ни помине денот, неделата, месецот, па и животот. Она што ме инспирираше да ја почнам оваа работа беше мојот живот и сè што се случуваше дотогаш. Сфатив дека јас имам природен талент да држам говори кои длабоко допираат и трансформираат и целата своја енергија ја насочив кон тоа. Денеска верувам дека мојата работа не е случајна, туку е повик кој го препознав и на кој одговорив.

Сфатив дека имам природен талент да држам говори кои длабоко допираат и трансформираат и целата своја енергија ја насочив кон тоа


Женски Магазин* Мотивациските говорници најчесто зборуваат преку сопствените искуства. Која е Вашата приказна? Која е најлошата работа што Ви се случила, од кои животни премрежја сте ги извлекле најголемите поуки?

Илина- Уште како дете се соочив со тешки искуства. Бев дете на самохрана мајка, татко ми никогаш не го запознав, а мојата мајка го напушти овој свет кога имав само 14 години. Во тие моменти во мојот живот се сруши сè, се соочував со големи стравови што ќе биде понатаму со мене и наоѓав разни начини како знам и умеам да се носам со таа болка. Подоцна во мојот живот сите работи некако се средија. Завршив факултет, имав семејство, изгледаше дека сè е готово и одненадеж се случи крахот во мојот брак и на сите други полиња. Тоа искуство беше само резултат на сè што носев во себе од сите претходни искуства за кои мислев дека се останати некаде во минатото. Но, не беше така. Сè се случуваше и во мојата сегашност. Верувам дека во нашиот живот постојат само корисни искуства, во тешките времиња растеме, а во оние другите ги береме плодовите. Секој од нас има во себе карактеристики на Феникс од пепелта да се издигне доста високо. Кога ќе паднеме долу, единствениот правец во којшто можеме да се движиме е нагоре, а тешките искуства само го забрзуваат целиот процес.

Женски Магазин* Како луѓето во Македонија реагираат на Вашите работилници? Дали повеќето сè уште се скептични дека на еден таков начин може навистина да им се промени животот?

Илина- Се радувам што во Македонија постои сè поголем интерес за ваков тип на обуки. Особено ми е драго и тоа што обуките за тренери се доста посетени, а сето тоа придонесува за зголемување на колективната свест. Сепак секој се менува во вистинско време и кога ќе дојде тој ден луѓето најчесто се отворени и подготвени за промена.

Станувам во пет наутро за да медитирам. Тогаш умот е смирен и полесно е да допреме до својата внатрешна тишина

Женски Магазин* Како Вие ја дефинирате среќата?

Илина- Среќата е внатрешна состојба која може да се доживее кога ќе ја подигнеме својата свест на повисоко ниво. Работите кои се надвор од нас ни даваат само краткотрајно чувство на задоволство, додека среќата е наша природна состојба и се случува во оној момент кога ќе се свртиме кон себе и ќе ја пронајдеме својата единствена драгоценост преку која можеме да го перципираме и светот околу нас.

Женски Магазин* Што значи за Вас живот без ограничувања?

Илина- Живот без ограничувања е живот на свој идентитет, ослободен од сите наметнати работи кои почнуваат првенствено од нашите родители и потоа од околината. Работата на себе не значи да манифестираме нешто надвор од себе, туку да научиме како ние самите себеси да се креираме и на тој начин да бидеме сведоци на манифестациите околу нас. Затоа и името на мојата програма е „Креирај се себеси“, бидејќи единственото нешто кое можеме да го промениме сме самите ние.

Женски Магазин* Кои се Вашите секојдневни ритуали?

Илина- Она што најмногу сакам во текот на денот се утрата. Имам навика да станувам рано во пет наутро за да медитирам бидејќи тогаш умот е смирен и полесно е да допреме до својата внатрешна тишина која после тоа може да биде присутна во текот на целиот наш ден. Исто така сакам и да спортувам, обично практикувам утринско трчање.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов