Животот е борба, колку е потешка борбата толку се послатки плодовите на крајот: Новогодишно интервју со Бомбакис
Сите го познаваат како момчето со картоните, кој преку цитати шири позитива енергија и мотивира на социјалните мрежи.
Кристијан Станковски – Бомбакис приватно е сопруг на Вики и горд татко на малата Бисера.
2024 година за него и сопругата е година во која научија многу нови работи со растењето на Бисера и исправено одговорија на сите предизвици како тазе родители.
-2024 беше турбулентна година, со многу предизвици, многу нови работи со кои прв пат се сретнуваме и приспособувавме, но сепак беше одлична година во која и многу научивме и ни донесе дополнително искуство.
Годината која полека изминува приватно за Бомбакис имала и подеми и падови, но она што ја одбележа дефинитивно се моментите поминати со ќерката.
-Ухх … лично да почнам да кажувам нема да биде баш убав одговорот, но заедно ќе ја паметиме по првите заби на Бисера, првите чекорчиња, прв одмор со Бисера, прв снег и тие моменти преовладуваат за разлика од моето лично видување на оваа 2024 година.
Ретро фотографијата која Бомбакис ја објави кога бил многу мал пред извесен период на социјалните мрежи, многу потсетува на Бисера. Бомбакис има објаснување за тоа:
-Па ако ја прашате Вики, ќе ви каже дека и физичкиот изглед и карактерно е на мене. Јас сум бик, таа е јарец. Тука сме некаде, тенка линија не дели од карактерот што го покажува уште од мала, но јас сепак би сакал физичкиот изглед во иднина да преовладува на мајка и, а карактерот може да го задржи од мене. (се смее)
Децата често знаат да бидат и добри учители за своите родители. Неколку карактеристики кои многу му се потребни на еден човек во животот, Бомбакис ги стекнал откако станал татко.
-Дека животот е борба, колку е потешка борбата толку се послатки плодовите на крајот. Ова го зборувам за трпеливоста, истрајноста, храброст која не направи да бидеме како семејство повеќе сплотени заедно и дека заедно растеме на тој начин и нормално без почит нема љубов.
Љубовта помеѓу таткото и ќерката е посебна, однос кој е поинаков, исполнет со многу емоции и обожување. Но кога ќерката ќе порасне, таткото знае заштитнички да биде настроен кон неа, но најважното е да се научи на вистинските вредности во живото.
-Во принцип сакам да бидам најдобар пријател, не строг и не премногу попустлив, се во граници на нормалата. Сакам да ја научам за вистинските вредности дека треба да ги почитува во животот, да биде своја, да се бори но и да има емпатија во неа, што тешко е да се најде денес во луѓето …
Поголем дел околу домашните и обврските со Бисера се на мама Вики, но тато Кристијан помага кога не е на работа.
-Мама нормално. Јас сум тука цело време ама работам, правам се за да може нормално да се живее и да ги обезбедам сите основни услови за живот без ништо да не им фали на двете.
Плановите за празничните денови е да бидат дома и заедно семејно да уживаат. Семејните прослави на овие празници за Бомбакис се асоцијација за едно убаво детство, кога сите фамилијарно биле заедно.
-Дома, нема нешто поубаво од дома, со нашите најблиски, баби дедовци, бидејќи за мене фамилијата е нешто најважно. Во кругот на семејството дома, затоа и така сакам да продолжи таа традиција и да си ја негуваме, тоа се најубави денови.
Носталгичен е за детството кога ќе се сеќава на новогодишните и божиќните празници.
-Искрено да ви кажам, ми фали, радоста, безгрижноста, другарите, искреноста што ја имаше, ми фали да одам на Коледе со другарите, па да се фалиме кој колку собрал поклони, ми фали таа дружба …
Бомбакис не верува во Дедо Мраз, но верува во Господ. Си посака она што сите го сакаме да го имаме во изобилство.
-Дедо Мраз не постои. Се што сакам материјално можам да си го дозволам и ништо не ми фали, но од Господ сакам само здравје, тоа е најбитно и секогаш ми е таа една и единствена желба, сè друго можеме сами.
Мама Вики и тато Кристијан во улога на Дедо Мраз на Бисера оваа Нова година и секоја наредна ќе и подарат многу љубов.
Габриела Додевска Глигоровска