Златица Поповска за 20 годишното искуство како маскер-шминкер во НОБ: Предизвикот на оваа професија е одговорноста за секој лик што излегува на сцена и соработката со врвни уметници
Шминката претставува неверојатна синтеза на уметност и креативност. Техниката на шминкање прави да има повеќе форми кои имаат различна примена.
Златица Поповска повеќе од 20 години работи во Националната опера и балет како маскер-шминкер. Љубовта кон оваа професија ја стекнала уште од најмала возраст, кога деновите од детството ги поминувала во театар заедно со нејзиниот татко.
Привилегијата да ѕирка што има зад сцената на една театарска претстава и ја овозможил нејзиниот татко кој бил вработен во МНТ. На почетокот била воодушевена од костимите на уметниците, па така костимографијата била нејзината прва љубов, но животот за неа имал поинаков план.
Да се биде зад кулисите и да биде маскер-шминкер изминатите 20 години на скоро сите претстави во продукција на Националната опера и балет, за неа е остварување на нејзината животна желба.
ЖМ: Како и кога Златица Поповска се најде во приказната маскер-шминкер во Националната Опера и Балет?
- Што се однесува до љубовта кон театарската уметност воопшто, таа е многу подолга, од моите детски денови имав привилегија да можам да присуствувам буквално на секоја претстава независно дали е опера, балет, драма од причина што мојот татко работеше во Македонскиот народен театар, а јас обожував да присуствувам на сите претстави и проби со надеж дека и јас еден ден ќе можам да работам таму. Со таа мисла и цел се запишав во училиштето за применета уметност на одделот облека и текстил за понатаму да можам да работам како костимограф. Кај нас формално образование во тоа време за костимографи немаше, а распадот на тогашната држава и условите не дозволија да одам надвор од земјата и да продолжам со образованието за костимограф. Се запишав на ликовната академија во Скопје и завршив како ликовен педагог по сликарство.
Првото работно искуство во театарот ми беше во сликарското ателје каде се спремаше сценографијата за претставата „Набуко“ на која работев како сликар, односно во процесот на сликање на сценографијата. Тогашната маскерка што работеше која секако дека ја познавав, за време на пауза прашана од директорот дали има замена за неа поради тоа што ќе си замине, таа ме предложи мене, а тој веднаш прифати и ме повика на разговор, ден по завршувањето на премиерата која ја спремавме. Поради заминувањето на колешката и неможноста да учам од неа, морав сама од сликите и видеозаписите што ги има нашата архива. За кратко време потоа, тогашниот директор ме прати на специјализација во Бугарија, во школа за сценски кадри на одделот маскирање и перикирање, каде побрзо и подетално навлегов во професијата маскер шминкер.
ЖМ: Што е најголемиот предизвик за
тебе во оваа професија?
-Предизвик …
предизвици има многу во оваа професија. Самото тоа што си дел од една
Национална и единствена куќа е огромен предизвик и одговорност. Предизвик е да
си одговорен за секој лик/карактер кој излегува на сцената, предизвик е да се
соработува со врвни уметници од балетската и оперска фела, предизвик е да се
биде дел од креативците кои работат на претставата и најголемиот предизвик
можеби е да се преобликуваат ликовите за целите на една претстава независно
дали е оперска или балетска претстава.
ЖМ: Го сакаш театарот и отсекогаш си
сакала да работиш во него. Денес го живееш сонот и дел си од мозаикот на секоја
една балетска и оперска претстава. Оставаш свој печат на лицата на уметниците,
колку е тоа напорно или лесно кога се работи со толку голема љубов?
-Кога ја
работиш професијата која ја сакаш и во која уживаш и тешкотиите ги пребродуваш
полесно. Тешко можеби не е правиот збор, би рекла напнато и под притисок.
Притисок во смисла да се стаса навреме, да се задоволат сите учесници, да се
постигне бараниот изглед и на крај да се задоволи многубројната публика.
Најголемите тешкотии за мене се генералните проби кога се поставува шминката,
кога самите уметници ги поставуваат ликовите, кога сите заедно секој со својот
дел, костим, фризура, сцена … треба да направиме едно цело, една комплетна
претстава.
ЖМ: Која е разликата или специфичноста на шминката за некоја пригода и шминката за претстава? Што треба да дојде до израз со твојата работа?
- Разликата помеѓу шминка за одредени прилики и театарска маска-шминка е огромна како во продуктите односно шминката која се користи така и во нејзината крајна цел. Основната цел на театарската шминка е да создаде одреден карактерен лик независно од ликот кој ја толкува улогата, потоа следната цел е тој лик да биде видлив за сите гледачи кои се присутни во салата која секако е голема и се разбира издржливоста на истата ако го земеме предвид напорот кој го имаат уметниците при своите изведби на сцена.
ЖМ: Кога имаш претстава, обично по колку ликови шминкаш и за колку време?
-Практикувам да сум на работа четири часа пред претставата. За да се подготвам за работа ми се потребни дваесетина минути и тие подготовки секогаш ги правам пиејќи го попладневното кафе. Изведувачите почнуваат да доаѓаат три часа пред претставата и процесот на подготовка почнува. Моја задача е да ги подготвам солистичките улоги во претставата и се разбира доколку дозволува времето работам и со сите изведувачи. Нашите претстави секогаш се многу обемни во однос на изведувачи, па немаме многу време да се задржуваме на еден лик. Во просек солисти и ансамбл и времето кое го имаме за подготовка е дваесетина минути, а понекогаш потребни е и повеќе време за да успее да спреми еден лик. Солистичките улоги се поспецифични и за нив е потребно повеќе време. Меѓутоа не повеќе од 15 максимум 20 минути. Се разбира со почнување на претставата не завршува нашата работа, затоа што многу често улогите трпат промени во текот на дејството, па така и во шминката. Има ликови кои учествуваат и подоцна во претставата, па тие се подготвуваат кога ќе се намали метежот.
ЖМ: Во последно време многу често на социјалните мрежи се појавуваат видеа на мејкап артисти кои покажуваат дека шминката прави чуда. На лицето може да ги доловат сите црти од некој познат актер, актерка, пејачка и тоа да изгледа многу реално. Колку во твојата професија се служиш со трикови со кои ќе го постигнеш тоа што го сакаш?
-Секако дека шминката прави чуда во однос на промената на ликот само што во театарот ликовите треба да личат на ликовите кои ги толкуваат, ликови кои во голем дел се историски карактери, ликови кои се опишани во класиците и во делата кои ги изведуваат на нашата сцена. Доколку се работи за класична претстава од железниот репертоар тогаш точно се знае како треба да изгледа секој лик. Во комуникација со режисер, костимограф секогаш ги дефинираме спецификите околу тоа каде сакаат измени или што треба да се потенцира во карактерот. Доколку се работи за модерни верзии или новопоставени претстави тогаш во истиот состав договараме, скицираме и ги дефинираме ликовите односно шминката за секој лик поединечно. Можноста да ја изразам креативноста е присутна се разбира во секој лик меѓутоа повторно во рамките на концептот на целото дело и естетиката со која се карактеризира истото.
ЖМ: Шминката во балетската претстава
„Госпоѓиците од Авињон“ е твоја лична креација. Ќе ни кажеш малку повеќе за
ова?
-Можноста и довербата која ми беше дадена од страна на директорката на балетот, Олга Панго во целосното креирање на шминката за претставата „Госпоѓиците од Авињон“, за мене беше голем предизвик, иако повторно требаше да се водам од некои зацртани канони во однос на изразувањето каде мораше да биде застапен кубизмот како правец во уметноста во која е самата истоимена слика на Пикасо која е водилка за целото балетско дело како и колоритот со кој таа се карактеризира. Сепак не смее да ги заборавиме и солистите кои се носители на ликовите и со нивни забелешки и понекогаш мали желби за тоа да се чувствуваат поубаво. Од скица доаѓаме до финални шминкерски креации, процес кој е исклучително креативен, интересен и бара многу труд, внимание и посветеност.
ЖМ: Што правиш во случај кога на сцената ќе случи непредвидлива работа, како интервенираш во тој случај?
-Претставите се жива материја и секогаш може да се случи нешто непредвидливо. Меѓутоа тоа што може да се направи и интервенира е кога изведувачот ќе ја напушти сцената. Ситуации кои се за нив повеќе стресни, а на нас останува да бидеме подготвени во секој момент за брза реакција.
ЖМ: Дали си самокритична? Знаеш ли да си кажеш, „ова можев и подобро да го направам“ иако си долги години во оваа професија? Дали примаш критики и забелешки?
-Секогаш може подобро е нешто кон кое се стремам. Сум самокритична, и секако дека примам сугестии, дури и кога сум задоволна од сработеното. Не сум единствената која треба да е задоволна затоа што сепак се работи за нешто што некој друг го носи на своето лице. Тој што ја носи шминкаат треба да биде задоволен, режисерот, костимографот, кореографот, а секој од нив има по некоја сугестија. Меѓутоа фактот дека секогаш сакам да учам нови работи и не пропуштам можност за нови искуства, можност за размена на искуства со колегите ми е од исклучително значење од принцип што од секого може да се научи по нешто. И секако несебично го споделувам своето знаење како со колегите така и со младите курсисти на кои се надевам дека успевам да им го пренесам знаењето и љубовта кон оваа професија.
ЖМ: Секојдневно си зад кулисите, но колку често знаеш да бидеш во публика и да погледнеш опера или балет?
-Немам можност да бидам дел од публиката од причина што работам буквално на секоја опера, на секој балет во театарот, меѓутоа задолжително ги гледам генералните проби од гледалиштето. Првично за да видам што сум направила и да коригирам таму каде треба или да направам одредени промени и секако да ја погледнам претставата целосно. Главните изведби, премиерите колку дозволува времето сепак ги следам зад кулисите.
Габриела Додевска Глигоровска