Златна камера 300 за филмот „Горење„ на „Браќа Манаки“
Со доделување на наградите „Златна Камера 300“, во Битола беше затворен 39. от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој од минатата сабота се одржуваше под мотото „Симнуваме капа“ и на публиката и понуди 95 филмови во 14 програми.
„ Живееме во ера на слики кои раскажуваат приказни“, истакна претседателката на жирито Олимпија Митилинау. Швајцарскиот кинематографер Рајнер Клаусман го соопшти добитникот на Малата златна камера 300 за краток филм: Адрик Ватсон. Единствениот македонски член во жирито за оваа година режисерот Ѓорче Ставревски ја додели бронзената камера 300 на кинематограферот Лукас Жал за филмот „Студена војна“.
Сребрената камера 300 отиде во рацете на Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“
„Наградата ја посветувам на пријателот на овој фестивал Роби Милер“, истакна Готје. Златната камера 300 отиде во рацете на Кјо Пјо Хонг за филмот „Горење“.
„ Најелегантна филмска приказна“, рече претседателката на жирито Митилинау која ја соопшти наградата. На сцена излезе директорката на фестивалот Евгенија Теодосиевска која рече: „Најмногу бев трогната од битолската публика која ги посетуваше филмските проекции. Благодарам за двете македонски премиери „Љубовникот“ и „Скаут“. Ние ја правиме историјата затоа што секој момент со сите вас овде е едно мало чудо“.
Бронзената камера 300 на кинематограферот Лукас Жал за филмот „Студена војна“.
Градоначалничката на Битола Наташа Петровска истакна : „Со широка прегатка во името на битолчани ве поканувам следната година на јубилејното издание на Браќа Манаки. За време на фестивалот почувствувавме синергија од дружењата со Клаудија Кардинале и Роџер Дикинс. Се создадода нови пријателства и соработки.“
Фестивалот се затвори со премиера на краткиот научно-фантастичен филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков
Во конкуренција за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер се натпреваруваа вкупно 12 филмови: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.
Фестивалот се затвора со премиера на краткиот научно-фантастичен филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој живее и работи во Словенија. Тема на филмот е опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето.
Неда Маретиќ