Зорица Поп Панкова: Задоцнив за да сменам нешто на време, така требало да биде

Добивај вести на Viber

Секогаш е насмеана, па дури и кога ќе ѝ речат дека воопшто не се сменила, дека е истата од пред повеќе од половина век, како времето да застанало за неа.

Така било и така ќе биде, вели легендата на македонската забавна музика Зорица Поп Панкова (68) - секој со својата судбина, убавина, среќа, несреќа, радост и тага.

Тоа што воодушевува кај неа не е само насмевката, туку и внатрешната убавина, искреноста и елоквентноста.

„Што би зборувала јас?“ - беше нејзиниот одговор низ насмевка, кога ѝ понудив интервју.

Како една од трите дами на култната група „Македонија“, има многу да каже за минатото, мигот кој го живее и иднината. Нејзините одговори на прашањата се како учебник за животот, музиката, мудроста.


ЖМ: Убавите, стари луѓе се уметнички дела. Оваа флоскула важи за вас, не само поради физичкиот изглед, туку и поради харизмата, насмевката. Дали стекнатото искуство, многуте научени лекции за животот ги прават жените поубави со годините?

- Минатото и сегашноста во нaс секогаш се надмудруваат и натпреваруваат, кое од сето она во нас ќе биде кажано, а кое засекогаш ќе остане премолчено. Понекогаш мора да се држиме до она што го имаме, а помалку е важно дали и колку ќе бидеме поубави со годините. Во секој живот сè е однапред изиграно и наместено како фигурите на шаховска табла и тука не можеш ништо да смениш. Додека играш со животот пред тебе, секогаш има и некој друг кој е на потег и ја игра таа игра со тебе. Во таа игра само еден е вечен победник и од него никој не успеал да побегне. Најважно е каков играч ќе бидеш, да научиш да победуваш и да губиш, но крајот не можеш да го смениш, тој однапред е одигран... Велат потребно е време за некои нешта да си дојдат на своето место. А што е времето, времето е нашиот живот. Најважно од сè е некои нешта да ги смениш на време и да бидеш среќен за тоа што си го направил во вистинското време. Јас задоцнив за да сменам нешто на време, така требало да биде. Ништо не се враќа, а кога сакаш да се вратиш, веќе е доцна. Тоа се тие лекции кои ги учиме низ животот, а убавината ја носиме во душата, во нашите гени, како неизбришлив код од самото раѓање.

ЖМ: Жените имаат склоност да се смируваат со годините, но најдобро изгледаат оние кои остануваат диви во срцето. Токму една таква Зорица публиката имаше можност да види на концертот на Драган Мијалковски, каде како гостинка отпеавте неколку песни, со ист жар, енергија, подвижност. Како ви успева тоа?

- Никој никогаш не успеа да ме смени, само јас знаев како да го направам тоа, да застанам и да се смирам или да се разбранувам кога времето и моментот тоа го сакале. Не дозволувам никој да ме види без насмевка. Секогаш сум насмеана, па дури и кога ќе ми речат дека воопшто не сум се сменила, дека сум истата од пред повеќе од половина век, како времето да застанало за мене, повторно, насмевка... Така било и така ќе биде, секој со својата судбина, убавина, среќа, несреќа, радост и тага. Го сакам овој живот и научив да се сакам самата себеси, за да можам со ист жар да ги сакам сите оние кои толку многу ми значат. Кога животот ќе ти донесе нешто непредвидливо, да бидеш отфрлена или повредена, радувај се и сакај го сето она она што го имаш денес. Знам да си речам: ,,Тоа си ти, таква си родена, знаеш да преживееш и имаш храброст сè да направиш.” Секогаш како да сакав нешто што е посилно од мене. Нешто внатре во мене ми кажуваше да не потклекнам, затоа што животот е убав и не смеам да го испуштам од своите раце. Бев и останав иста како некогаш, само со малку повеќе брчки на лицето и сребро во косата. Својот живот го напишав на лицето и не се срамам од годините и минатото. Тоа сум јас, музиката е мојот живот, а поинаква и да сакам не можам и не знам да бидам.


ЖМ: Пред тој настап долго време го немавте фатено микрофонот во рака. Тоа беше ваш избор или бевте приморани поради општата ситуација во земјава, на естрадата, во секојдневното битисување?

- Тоа беше желба на Ранко Петровиќ, кој ме покани и навистина бев воодушевена и изненадена. После толку години, некој се сетил дека сум тука и никаде не сум заминала. Најголем „виновник” за тоа мое појавување е мојот внук Марко, кој упорно ме убедуваше да прифатам, додека јас се двоумев. Нон-стоп ми повторуваше: „Баба те молам, знам дека можеш”, и не се покајав, му поверував дека можам и не погреши. Тоа го направив за негова љубов, но и од почит кон Драган, кој оставил толку длабока трага зад себе. Навистина од срце се израдував. Едно одбележување, прекрасни два концерти, кои сметам дека требаше да живеат многу подолго, барем низ Македонија. За жал, за некого има пари, за нас како македонски изведувачи-доајени - нема. Не знам, културата воопшто и вистинските вредности се маргинализирани, нема почит. Не сакам да навлегувам во сето она што се случува денес на македонската музичка сцена. Многу револт е насобран во мене и тажно е што некои млади мислат дека кариера се гради на перфиден начин. Ако, нека биде така... Сепак после многу години, летово, влегов во студио, решив да снимам нова песна. На предлог на мојата пријателка од Сокобања, Мирјана Миленковиќ да отпеам и искомпонирам музика на стиховите од песната која е напишана во нејзиниот роман, на кој работев како лектор, коректор и рецензент, не можев да одолеам. Стиховите се навистина фантастични и се надевам дека успеав да ја доловам таа емоција што ја носат во себе, да ја пренесам до слушателите на мој начин. За првпат се обидов, ете и јас да компонирам, но и да отпеам песна на мојот мајчин јазик - српски и морам да признаам дека не ми беше баш лесно. Без момците од Foolish Green, Ненад Стефаноски во чиешто студио е снимена песната, а кој воедно е и продуцент, Ади Имери, Петар Лукиќ и Драган Стојановски, можеби сè ќе останеше само како замисла. Беа воодушевени дека ете сепак сум одлучила да снимам нова песна. Ги прифатив сите нивни предлози и сугестии и ме трогна таа нивна неизмерна љубов и почит. Извонредни инструменталисти, а секој од нив го има својот момент и удел во реализацијата на песната. Некогаш пеев песни и соработував со Дамир Имери, таткото на Ади и Петар Лукиќ - дедото на Петар, кој го носи неговото име, а сега со нивните наследници. Уште еден доказ дека генот и традицијата продолжуваат да чекорат по патот на музиката, а јас ете на овие години пејам со нивните деца, внуци... Неизмерно сум им благодарна и среќна сум што соработував со тие млади луѓе кои го сакаат и почитуваат минатото и моето време. Фантастична соработка со врвни музичари, професионалци. Најмногу од сè ме воодушеви таа нивна човечност, едноставност и атмосферата која ја направија при самото снимање на песната, исполнета со многу љубов. Се работи на постпродукцијата, а песната ќе биде препеана и на македонски јазик и пуштена во етер. Ете и на овие години...


ЖМ: За прославата на 33 години независност на нашата земја, на вашиот профил нѐ потсетивте на една песна посветена за Македонија, создадена во време кога бевме само дел од една многу голема држава, со објаснување „Памети таа, оваа земја...песна за прастарата земја. Кога би ја промовирале сега, во ова време ќе наиде на воодушевување. Но, како беше прифатена тогаш?

- Песната е безвременска. Многу песни во моето време беа наменски пишувани. Луѓето ги сакаа и ги слушаа. Некои останаа до ден денес, а некои како и да не биле испеани. Никому не му пречеше дека пееме за Македонија, но денес...Не знам, многу нешта се поставени на погрешен колосек. Најтажно од сè е тоа што се губиме и оддалечуваме од сето она што треба да нè води напред, за да бидеме и останеме она што сме. Народ со своја култура, традиција, идентитет, богато минато, кое почнуваме да го криеме, менуваме и да се срамиме од него. Зошто и до кога така? Забораваме кои сме и што сме, а јас многу добро знам која сум и што сум и дали сум направила нешто или само онака сум некој случаен минувач низ времето. Текстот кажува многу, ја кажува вистината за мојот народ, но... Нено и Ади ме убедуваат дека треба некои мои песни да ги препеам и да им се даде малку поинаков звук, кој содејствува со времето во кое живееме, но ете не сум решителна и се двоумам... можеби...


ЖМ: Македонската музика е неправедно запоставена во медиумите. Тоа значи дека и легендарните пејачки имиња веќе тонат во заборав. Како го прифаќате овој факт?

- За жал така е. Одамна сме потонати, запоставени и заборавени. Јас сепак се надевам дека еден ден некој ќе се сети дека некогаш во оваа земја живееле твореле и сè уште се тука врвните имиња на македонската забавна музика. Доајени, основоположници, кои со многу љубов и ентузијазам твореле, пееле и ја претставувале нашата татковина како Македонија насекаде низ некогашната заедничка држава Југославија и во светот. Секаде добредојдени, ценети и почитувани. А, сите оние кои мислат дека со нив почнува сè и околу нив светот се врти, се лажат. Најтажно е тоа што научивме да ги воспеваме маргиналците, а вистинските вредности да ги забораваме. Денеска не е ниту важно кој како пее. Акцентот се става на визуелноста, кој колку ќе се разголи или ќе игра на начин кој се граничи со вулгарност, па дури и перверзија, со премногу гадости, кои се вон секоја памет. Музиката е уметност, но секој има право да одбере што сака... Ние, сите од моето време бевме уметници, кои ете доживеаја да бидат на маргините. Најдобар пример за тоа како треба да се чува и негува традицијата и културното наследство на еден народ и едно време е светот кој нѐ опкружува. Сведоци сме што се случува денес со легендите пејачи, групи, композитори од моето време во другите држави од нашето соседство и во светот. Им се даваат признанија, прават концерти во нивна чест, се снимаат соодветни емисии со сведоштва за нивниот опус, прават компилации, ремикс на некогашните аудио записи, кои повторно ги реиздаваат  и сл. Ценети се и почитувани, а нивниот народ ги чува од забот на времето и заборавот. Кај нас и сето она што некој го направил како видео или аудио запис за да не се заборави, едноставно го нема. Се бришат аудио и видео снимки и врз нив се преснимува нешто друго, според нивните потреби, а тоа што е историја и сведоштво за едно време за некого и не е толку битно. Опстојуваме само кај некои млади луѓе, кои се уште знаат да ги почитуваат вистинските вредности од едно време - нашето време и не дозволуваат да нè снема. Им се поклонувам и се надевам дека и некои нови девојки и момчиња ќе продолжат да ја негуваат таа музика и култура, која има длабоки корени.


ЖМ: Музиката е дел од идентитетот, како и јазикот. Заминавте во пензија со 40 години работен стаж на возраст од 62 години. Бевте истакнат и наградуван просветен работник. Што добивте освен едно браво? Дали се сменија работите во образованието или сѐ повеќе тонеме?

- Ништо не е сменето и не добив ништо освен заслужената пензија, за којашто се срамам и да кажам колку изнесува. Тонеме и не знам до кога и каде понатаму. Образованието е во колапс од кој тешко ќе може да се извлече. Несоодветни програми, преоптоварени наставници и преморени ученици, кои мораат да учат сè и сешто, без да бидат прашани што сакаат да учат. Текстови без никаква уметничка вредност или било каква наставна цел, заради која и треба да се изучуваат. Одговорот на сето тоа е - таков е наставниот план и програма. Несоодветни стручни соработници, оценувачи, рецензенти, кои ќе укажат на сето она што не е како што треба. Погрешни или непроверени факти, милион грешки, на кои никој не обрнал внимание. Ме загрижува неелоквентноста кај учениците - младите кои говорат на некој свој јазик, кој е многу далеку од нашиот стандарден и нормиран македонски јазик. Сето тоа се должи на недостаток на часови за говорни вежби, ораторство и креативно пишување и изразување. Без сето тоа полека но сигурно го губиме најскапоценото нешто, нашиот мајчин јазик, идентитетот, белегот на нашето постоење. И само се зборува за реформи во воспитно-образовниот систем, а децата и наставниците се жртви на тие таканаречени реформи. Хаос од кој не гледам дека наскоро ќе се извлечеме, а трае со децении. Мобинг од страна на директори, родители, ученици, невидено безредие... Наставникот е на маргините, онаму каде што најмалку му е местото и секогаш е најголемиот виновник. Тажно е сето тоа, наместо да воспитуваат и образуваат, се соочуваат со милост и немилост од сите страни...


ЖМ: Вашата постара ќерка Марина го наследи талентот за пеење, но го одбра актерството за своја професија. Беше навистина тажно да се чита нејзината објава во која пишува за голготата што ја минала 22 години и се уште чека вработување. Како успеавте да се носите со нејзината борба, што ја советувавте?

- Најмногу жалам што не ја воспитав поинаку. Сето она што ѝ се случува, го поминувам и јас заедно со неа. Тага, разочарување... Како кој се менува и се наметнува за да владее, така си ги става своите етикетирања врз интелигентни, воспитани, културни и најмногу од сè талентирани млади луѓе, со оформени семејства, но без работа на она место кадешто припаѓаат, останати со болка во душата. Не ја научив да биде дволична, лицемерна и подлизурка, туку чесна, искрена и добронамерна. Со свои ставови и убедувања, без можност некој нешто да ѝ наметне и да ја стави под свое. И што се случува во ова време-невреме? Останува на маргините во општеството, државата. Сепак да не ја губи надежта, да верува во себе и да истрае до крај. Не запира, ништо не може да ја сопре и со нејзината упорност, граби напред и неуморно работи, снима, создава нови претстави и не престанува да се јавува на секој нов конкурс за вработување со надеж и верба дека сепак, конечно ќе го најде својот театарски дом по цели 22 години од нејзиното дипломирање на ФДУ.


ЖМ: Уметничкиот ген го наследија и вашите внуци, особено постариот Марко, кој е талентиран за музика, а помалиот Давид за цртање. Колку улогата на баба Ви го промени животот?

- Многу, целиот свој живот посакував да имам деца и внучиња. Тоа е тој животен циклус кој го заокружуваме на најубав можен начин исполнети со љубов, радост и среќа. Живеам со времето и го разбирам сето она што го побудува нивниот интерес. Се радувам на секое нивно достигнување. Тоа се две прекрасни момченца, интелигентни, културни, воспитани и обдарени со повеќе таленти. Марко ме радува и исполнува со својата музикалност, дарбата за глума, со освоените први места на повеќе натпревари. Момченце од 10 гопдини, обдарено со апсолутен слух, кое веќе втора година е ученик во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј, од оваа година на ударни инструменти во класата на проф. Зоран Спасовски. Заедно си пееме вежби солфеж и ме враќа во времето кога и јас учев соло пеење кај проф.Благоја Николовски. Гените си го прават своето, тој продолжува по патот на музиката, трасиран од баба, неговиот дедо и татко. Ќе биде извонреден тапанар. Малиот Давид кој е прво одделение, е талентирано дете кое сака танц, пеење, но најмногу од сè сака да црта. Дарбата за цртање му е од мајка му, мојата помала ќерка Даниела, која исто така прекрасно пее и црта, но ете не е уметник или пејачка, туку лаборант. Уметноста е насекаде околу нас како составен дел од нашиот живот. Среќна сум и најбогата што ги имам, тие се најубавото нешто во мојот живот.


ЖМ: Се вели дека со годините си доаѓаат мудроста, добрината, самодовербата и слободата. Плод на овие особини е вашата книгата „Ние“. Што содржи таа и дали планирате ново дело испишано со спомени на едно време?

- Книгата е напишана пред 18 години. Ја промовирав после три години пишување во 2009 година. Во посветата напишав: „Оваа книга им ја посветувам на сите мои драги луѓе, кои својот скок кон ѕвездите го оставија назад, а тоа нешто реалноста не може да го врати. Сите тајни од времето се скриени во времето и ако не сте биле таму нема да знаете што се случило и што сè било. НИЕ сите бевме таму на едно место во исто време. Ми беше чест да бидам со Вас и Ви благодарам што ми помогнавте преку ова мое скромно писание да ја искажам мојата љубов кон сите Вас. Неизмерно Ве сакам, затоа што ми подаривте само скапоцености кои јас засекогаш ги наредив во мозаикот на мојот живот. НИЕ знаеме и не забораваме сè додека нè има!“ Опфатен е период од 30 години. Моите почетоци од 1970 година до 2000 година, и работата со многу групи и композитори, аранжери, текстописци од тоа време, фактографски поткрепени. Некои од нив заборавени, а важат за пионери на македонската рок сцена и поп-забавната музика. Сакав да ги овековечам на мој начин и да им се заблагодарам за довербата, ете баш јас да бидам дел од нивното творештво. Голема чест и привилегија да се работи со најдобрите. Споменати се преку дваесет имиња на најголемите композитори, доајени на македонската забавна музика и околу 10 рок групи и имиња со кои сум соработувала. Со книгата е промовирана и песнарка со нотен запис на рефрени од песните кои сум ги испејала, а за тоа е најзаслужен мојот другар и композитор Хусо Еминовиќ. ЦД-то немаше да го има да не беа Драган Б. Костиќ и Тоше Поп-Симонов, кој работеше на ремиксот на песните. Драган не успеа да ми ги најде сите песни, едноставно ги нема. Од преку 60 солистички и околу 150 со група Македонија, постојат само триесетина мои песни, останатите ги нема. Благодарна сум им на сите, без нив ништо од ова немаше да биде. Напишав уште две книги, кои се уште стојат во мојот комјутер, повеќе години. Во едната се интересни сознанија, спомени и приказни во прво лице раскажани од членовите на една легендарна група на овие наши простори, а во другата се кратки раскази напишани на македонски и српски јазик. Не знам кога ќе бидат издадени, се надевам дека ќе изнајдам начин да бидат отпечатени. Едната од нив навистина премногу ми значи и сакам да остане како сведоштво за едно убаво време кога музиката беше на пиедесталот. 


ЖМ: Дали сте во контакт со останатите две дами од групата Македонија, Верица и ДаниелаШто најчесто зборувате?

- Нашето другарување трае скоро 50 години. Колку време и да помине без да се видиме јас Даниела и Верче, сè е исто. Кога си во мислите со оние што ги сакаш, ниту далечината ниту времето не можат да сменат ништо. Од секогаш сме биле блиски, искрени. Никогаш не сме дозволиле никаква сенка да падне врз нашето другарување, се сакаме и почитуваме. На нашите разговори им нема крај, а тука се и спомените за едно време кога бевме со денови и месеци сплотени со нашето пеење. Со тага ги спомнуваме сите оние кои не се повеќе со нас, но и се радуваме што биле дел од нашата младост. Среќни сме и му благодариме на животот што сите три имаме прекрасни деца и внучиња кои ни го разубавија животот. Тие се нашата најголема награда и успех. Нашите песни се уште колку-толку траат, а ги пеат и други пејачи и тоа ни е сатисфакција дека сепак сме оставиле нешто зад нас. Можеби еден концерт, на кој трите би ги отпеале нашите песни и песните од група ,,Македонија”, тоа би било едно убаво одбележување на 50 годишниот јубилеј.

Соња Алексоска Неделковска