Зошто секогаш жените се оставени: Моќен концерт на Амира Медуњанин во Охрид

Добивај вести на Viber

Малкумина се осмелија да ја запеат „Зајди зајди“ заедно со Амира Медуњанин, на волешебнниот концерт на босанската кралица на севдалинките, кој се одржа во Античкиот театар во Охрид. Додека ја пееше, атмосферата беше „да се смрзнеш“, едно чудо убавина и моќ има во грлото на оваа жена.

И не предизвикаа воодушевување само оваа изведба. „Јас, како да сум се родила во Македонија во претходниот живот“, рече сараевчанката пред да ги извезе „Ајде дали знаеш паметиш Милице“, „Јовано Јованке“, „Јовка Кумановка“. Просто да не знаеш дали повеќе да ѝ аплаудираш кога е на свој терен, во Босна, галејќи додека ги пее „Kad ja pođoh na Bembašu“, и „Moј Dilbere“ или „Учи ме мајко карај ме“.

Амира Медуњанин е еден од оние уметници кои ве ставаат во мисла: дали е подобра и посилна кога на дланка ви ја два својата рокерска душа, пеејќи ја безвременската „Poljubi me“ од „Азра“ или нежните „Stine“и „Dušo moja“. Џони Штулиќ сигурно би ѝ честитал, а и Кемал Монтено и Оливер Драгојевиќ ако беа меѓу нас. Останавме ускратени за песните од новиот албум, преработки на песни од Силвана Арменулиќ и Тома Здравковиќ, но Амира сигурно ги чува за во март, кога како што рече, сама си се кани да дојде на уште еден концерт.

Освен што е неспорно врвна пејачка, Медуњанин е неверојатно шарматна и суптилно ве води низ концертот и со нејзините приказни за љубовта. На духовит начин, таа ги коментираше текстовите во севдалинките каде што главно мажот ја остава жената. „Зошто само жените се оставени во песните? Јас сум среќно мажена, мојот маж е баш добар“, откри Амира.

Концертот кој долго ќе се раскажува и памети почна со нејзината изјава дека има голема трема и дека по Нов Зеланд, Охрид ѝ е прв концерт во живо по пет месеци. Заврши со нејзината порака, „Дај боже сето ова да заврши„ и да живееме како луѓе“.

Концертот го организираше „Авалон“ продукција по сите пропишани протокли за заштита од коронавирусот на кои публиката се придржуваше. Лесно е да пееш и со маска, кога пред тебе стои кралица како Амира Медуњанин.

Милица Џаровска