Ана Бунтеска: Викни ме сосем нежно

Добивај вести на Viber

Викни по мене

Или ако сакаш само шепни ми го името

Ќе те чујам без оглед колку далеку си

Или колку далеку јас од тебе ќе бидам

И дури некојпат ми се чини

Дека и мислата по мене

Ќе можам да ти ја слушнам

Чудно, нели?

Или можеби и тебе како и мене

Веќе ништо не може да те зачуди

Како што и двајцата знаеме дека случајности нема

Ниту пак дека сме се сретнале туку-така

И два три погледи сме си размениле

Како да си сосем неважен

И како да сум било која

А особено една од многуте во толпата

Слеана во чад и лажна смеа

Викни по мене

Викни тогаш кога ќе сакаш да си поќутиме

И во тишината сето детство да си го прераскажеме

Од издрасканите коленца

Па до првите љубови кои на две не’ поделиле

Еве ќе се смешкаме

Небаре врска немаме еден од друг што сакаме

И ќе поглумиме дека е исто како и секогаш

До мигот кога зад сета таа фарса

Душите една со друга ќе ни се опулат

И во ист глас ќе завиваат за телата да ни се допрат

Еј

Викни ме

Викни по мене

На кој и да сакаш начин

Секој знак ќе го прочитам

И ќе знам

Како и ти што знаеш

Дека некои работи едноставно мора да се случат

Ти-мене

Јас-тебе

Па и нека не успее

И некаде попатно ако се изгубиме

Важно е дека во овој миг сме се намирисале

И дека од сите мириси ете твојот сум го издвоила

А мојот пак во тебе грч прави

Викни по мене

Викни ме сосем нежно

Викни ме со насмев

Со само еден поглед купи ме

Таксана за твоја да бидам

Или почекај уште малку

За јазиков да ми се разврзи

И да можам некако да ти кажам

Ишарет некој и јас да ти дадам

За времето залудно да не не’ изгази

Дур сакаме

Дур нашето не одминало

Како што се’ на овој свет изминува

Викни

Или дојди ми покането непоканет

Ќе знаеш и ќе знам кога време е

Викни за да можам и јас по тебе рака да пружам

Во тишина да си поседиме

И ко дечишта за раце да се држиме

На овој студ љубовта ко варено вино да ја испиеме

Викни ме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска