Ана Бунтеска: Да бев глина во твоите раце

Добивај вести на Viber

Да сум глина во твоите раце

што од мене би сторил

каков облик би ми дал?

или...

или само низ раце би ме вртел

нежно низ прстите би ме галел

и сите облини би ми ги љубел

еве замисли

замисли глина да сум

дали би сменил нешто на мене

би ми ги направил ли очите покрупни

или усните пополни

дали вратот би го издолжил

и клучните коски истакнал

дали кај градите би се задржал

и би ги сторил барем два броја поголеми

или раната од царскиот рез би ја измазнил

кажи ми

дали ако сум глина во твоите раце

би ме оставил онаква каква што сум

совршено несовршена во својата форма

со брчките околу очи

и нос кој е поголем од што му личи на лицево

со мали гради и лузна на долниот дел од стомакот

дали целулитот би ми го испеглал

или можеби, само можеби

би можел да ме љубиш ваква ко што сум

и знаеш нели?

знаеш дека и глина да сум можеш обликот да ми го смениш

и да ме направиш по свој терк

ама умот во главата не се обликува

ниту се издолжува

а ниту пак да го скратиш можеш

не можеш да му одземеш мисли

или од себе зависен да го направиш

мислите да ми ги земеш не можеш

ниту да ги однесеш во продавница

и да ги замениш со доплата

за нови

за некои кои поарни за тебе би биле

тие се и такви се...мои

и од глина не се

имаат моќ и сила да издржат се’

и убост имаат за да ме натераат да преживеам...се’

полни шаренила ко џамлии детски расфрлани

ко ѕвезди

ко дланки полни бисери фрлени угоре, кон небото

знаеш, нели?

знаеш дека и од глина да сум

со телово можеш да си играш

дури и невоспитан да бидеш

та да сториш од мене и карикатура

на која обајцата ќе се смееме до немајкаде

ама умот...

еј

од глина да бев

дали ќе ме обликуваше по себе

вешто и искусно за да можам

да налегнам на твојот врат

како местото таму да ми е

како да се подразбира дека за во таа длапка сум создадена

ах, љубов моја

од глина да бев бардак ќе се сторев

за од мене жед да гасиш

и чинија шарена

за од мене да се најадиш

и сит да ми останиш

само во мислите

во нив не чепкај ми

оти и од глина да бев

секаква за тебе ќе се сторев

освен мислите

трепетливи, воздушести

и мои...само мои

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска