Ана Бунтеска: По што ми ти копнее душата

Добивај вести на Viber

По што ми ти копнее душата

Та ти натежнале краевите од усните

И двете бразди меѓу веѓите

Ко со длето некој да ги издлабил

По што тажиш душо моја

Што пилето ти замолкнало

Та со рацете на гради стиснати

Се обидуваш да го стоплиш

За да оживее и повторно се распее

По што срцето ти крвари

Та врзуваш и преврзуваш

Иако знаеш дека џабе е

Дека дур не искрвари не ќе престане

Оти веќе нема кај да го зашиеш

Што е тоа на овој свет што душата ми ти го сака

А знаеш дека никогаш нема да го имаш

Та сама крвта си ја пиеш

И под ноктите земја збираш

Од што гроб си копаш со умот

Место да го спастриш и огламник да му ставиш

Што е она за што спремна си од солзи

Лицето ко солен гребен да ти се стори

И така скаменето за навек да ти стои

Пиле мое

Душо моја

Што е она на овој свет за што вреди

Истовремено и да се живее и да се умре

И за двете без да му ја мислиш

И без отпор да даваш

Да се препуштиш на судбата да те води

Без еден збор за прекор или клетва

Што ли ќе е тоа проклето нешто

Што утробата ти ја јаде

И мозокот ко жито на припек ти го суши

Што од телото радоста ти ја цеди

И од очите сјајот со земја ти го покрива

Душо моја

Пиле, пиле мое

Што е она за што спремна си

Прстите да ти се вкочанат

И никојпат песна од тебе да не излези

Пиле мое

Кутро пиле мое

Има луѓе кои со к’смет низ животот се

И љубовта ја живеат низ векот

А има и такви

Такви кои за неа можат само да пишуваат

Пиле мое, кутро мое пиле

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска