Животна училница // Приказни
ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Новогодишна“ (Оливера Лазаровска и Џокси)
https://www.youtube.com/watch?v=lGfHuXcywZQ
И после толку години, овој рефрен е составен дел од новогодишните претстави на децата од предучилишна и училишна возраст. Автор на песната е Џина Папас-Џокси кој со задоволство ни раскажа како настанала.
- Добрите, убавите песни секогаш се создаваат случајно. Едноставно, нели. Имав музичка линија на која Ристо Самарџиев и јас напишавмe текст, а Александар Чекреџи аранжман. Тој период работев во МРТВ во „Ѕвон“ со една рубрика наречена „Распеано телефонче“. Така и дојдов на идеја песната да ја пеам во дует со дете-пејач. Во тој период Оливера Лазаровска беше многу популарна со „Никола Никола“. По разговорот со нејзините родители и по преслушувањето на композицијата, идејата им се допадна и почнавме со подготовки. Ја снимивме со продуцентот Братислав Зафировски, издадовме 10.000 копии, од кои 3.000 откупи „Краш“ за надополнување на нивните новогодишни пакетчиња. Промоцијата ја направивме во нивната продавница на улица „Македонија“ каде што секое дете доби мини-постер со изведувачите и автограм – се сеќава Џокси.