Животна училница // Приказни
Дороти Пачкова: Компанијата „Една прави“ е решение за проблемите на еднородителските семејства
Со доза на креативност, упорност, страст и посветеност може да се постигнат многу деловни успеси и да се надминат големи пречки. Можеби е полесно да се каже отколку да се реализира, па затоа ви пренесуваме дел од приказната за Дороти Пачкова, многу позната како уметница и граѓанска активистка за правата на самохраните родители во Македонија која сега води многу значаен проект од социјалното претприемништво со цел да им помогне на многу самохрани мајки да стекнат финансиска сигурност и можност за развивање на бизнис.
За нејзиното искуство и шансите кои некогаш и сами треба да ги создадеме ви го претставуваме примерот на Дороти Пачкова со нејзината организација Една може! И компанијата Една прави.
Што ве мотивираше да ја основате Една може и како го развивавте концептот, кој се беше вклучен?
Пачкова: Една може!, единствената грас рут, единствената активна граѓанска организација, за унапредување на правата на еднородителските семејства, се изроди од неприфаќањето на неподносливата неправда кон еднородителските семејства. Моето академско, создателско искуство, решив да го продлабочам со експертска надоградба во родовите студии, и така зајакната, со уште некоклу самохрани мајки, се заложив, и се заложувам да постои и опстои Една може!, волонтерската организација која постојано се дообмислува самата себе, благодарение на нашата константна посветеност кон неа.
Какви се услуги и производи нуди Една може и каков е процесот на зачленување за сите заинтересирани?
Пачкова: Една може! започна како решение за сите нерешливи проблеми на еднородителските семејства, за да со текот на времето увидиме колку е макотрпно да се бара правда, родова еднаквост, солидарност и еднакви можности, во земја каде владее едноумие, безумие, системска неуреденост и приоритети кои се поклонуваат пред неизбалансирани вредносни системи, а и пред секоја препрека. Во земја каде се бараат изговори за да не се задоволи правдата, каде емпатијата е на дното на мотивационото покренување, каде си нижеме сплетки, завист и егоизам, не е едноставно да се бориш за идеологијата за подобар свет за еднородителските семејни конструкции. Сепак, самото бидување во ураганот еднородителско семејство во Македонија, е она кое не ни дозволува да ја предадеме борбата, она кое не турка на бојното поле и ни влева љубов, за сета борба да ја хендламе да минува без страшни последици, по нас кои ја биеме. Затоа, ја создадовме Една прави.
Колку е тешко да се води ваков проект како самохрана мајка за вас лично?
Пачкова : Да се биде жена, мајка, уметница, експертка, да се биде на позиција на претседателка на Една може!, на управителка на Една прави, нашата иновативна социјална компанија за производство и продажба на органска, јадлива и сирова козметика, е голема одговорност но и слобода во овој непропорционален економски систем и угнетувачко, милитантно општество.
Фактор: Колку поттикнувањето на претприемништвото и креативноста може да допринесе за создавање услови за поголема финансиска стабилност на самохраните родители во Македонија?
Пачкова: Најомилени теми веројатно ни се темите кои ги владееме успешно и со љубов, па затоа љубам да говорам и работам за нашата иновативна социјална компанија Една прави. Една прави е компанија ќерка на Една може! и можеби воедно мојата посакувана а немана ќерка.
Една прави е компанија која е одраз на нашите вештини, способности, интелектуални капацитети, емотивна зрелост и експертиза. Ја крчкавме осмислено, со истражувања на пазарот, со анкетирања на потрошувачите и производителите на козметика, со деск анализи на светскиот пазар на природна козметика. Според сите собрани податоци, увидовме недостаток на природна, органска, јадлива козметика и направивме договор за промена, најпрво со самите себе, па променуваме во однос на свеноста за штетноста од индустриската козметика и неопходноста од природна, органска, јадлива и сурова козметика.
Бевме дел од повеќе тренинг рограми за производство на природна и јадлива козметика и постојано ги развиваме сопствените институционални капацитети. Нудејќи ја нашата козметика, го решаваме проблемот со многу малигни заболувања, кожни проблеми, иритации и внесување на токсични соединенија преку кожата директно во крвотокот на безброј деца, жени и мажи. Се грижиме за убавината и долготрајноста на здрава и негувана кожа. Нудиме можност за умна нега на своето тело, преку органски сертифицирани суровини како сирови путери од шеа, какао, манго, преку меки восоци, житарки, бобинки, органски јаткасти плодови, диви цвеќиња, билки од нашите недопрени планиниски полиња, мацерати со девствени масла, најлековитите зачини од различни континенти, семиња, хималајска розева сол, козјо млеко, пчелини деривати.
Нашата палета брои околу 30 производи: мелеми и за деца и за возрасни, креми-путери за лице, скрабови за лице и тело, јадливи кедни скрабови, пасти за заби од индиски јорговани или активен јаглен, маски, кондиционери со живи овошки, восоци за интимна нега, за нега на машка брада и коса, тврди шампони, сапунчиња за деца, за лице, за стопала, за интимна нега, за детокс, за слабеење, антиалергени, имуностимулатори, шумливи купки за бања, масла за сончање. Ја заштитуваме планетата земја со идејата за 0 отпад, па нашите амбалажи се стаклени, хартиени или од рециклирачка пластика која се користи за храна пред се.
Постои ли доволно свест во бизнис заедницата како и кај донаторите за помагање на ваков вид на проекти?
Пачкова: Едукацијата за општествена одговорност почнува од вклучувањето на нашите деца, тие беа иницијална каписла за создавање на брендот на Една прави, нивните цртежи ги искористивме за основа на дел од нашите опаковки, а стручите раце на Бреднер тимот ги усовршија дизајнерски. Поддршката која ја добиваме од ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact, за женско претприемништво, а која ја прошируваме и во сферата на органски производители, е една од најубавите работи кои можеа да и се случат на нашата компанија.
Недостатокот на програми за поддршка на иновативни, социјални компании, кои како нашата Една прави, се кохезија на наука, екологија, и социјална одговорност, се евидентни, за жал, но затоа и Една прави е десруптивна компанија која еве, го пробива макотрпниот пат угоре, за на сите следни вакви компании да им е поденоставно и да нудат светски квалитет и да решаваат социјални проблеми. Средствата од Една прави, се користат за да ја усовршуваме и прошируваме самата компанија, дел од средсвата одат директно кон организацијата Една може!, а сите вработени и хонорарно ангажирани се самохрани мајки, или дел од еднородителски семејства, па така ја зголемуваме вработливоста на оваа тешко вработлива таргет група.
Какви се активности досега реализираните и што планирате за следната година?
Пачкова: Производите на Една прави, може да ги најдете во Концепт центарот Една може!/Една прави, кои го имаме во соработка со Комерцијална Банка АД Скопје, на Ул. Народен фронт бр. 5/9,(карши жито лукс дирекции) или на тел: 02/5511892, 071/936497.
Оваа година ја затвараме со понуда кон компаниите и бизнис заедницата, за корпоративни гифт боксови, креирани според нивните потреби, за да ги задоволот префинетите вкусови на корпоративните партнери и соработниците, и за да покажат здраворазумна грижа кон своите вработени.
Отворени сме за соработка и ги покануваме и мрежите на дрогерии и аптеки, и продавниците за здрава храна и козметика, да соработуваме, за да можеме да ги задоволиме потребите на нашите побарувачи/чки, ширум земјава и секако да диктираме заеднички иновативност и свесност во грижата за кожата.
2018 година, нека ни биде продуктивна, успешна и понежна од изминатава.