Животна училница // Приказни
Животот нема цена
Живееме во некое чудно време. Заглавени со материјалното, напнати од технолошката совршеност, демек сме постојано во контакт, а всушност сме како роботи на готовс. Обезвреднети, без почит, без моралност и етичност. Станавме кукли, пластика без душа.
Добредојдовте во 21 век. Некое чудно време во кое трката по задоволувањето на персоналните потреби ги уништи вистинските потреби, желби и вредности. Опкружени сме со работи кои имаат цена. Сите нешто продаваат или купуваат. Се стремиме да изгледаме совршено, а во таа совршеност, се губиме во највистинска смисла на зборот. Личиме на кукли управувани од некој таму, кој дури не ни ѕирка од заднина.
Во целиот тој интензивен хаос, како да ги подзаборавивме вистинските вредности, како да ја изгубивме почитта. Уште малку фали да си ги изгубиме младите, кои треба да се нашата визија и иднина.
Разголени млади, кои уште не се ни полнолетни, пијат, пушат, за моралот ниту слушнале, ниту пак имаат поим што тој значи. Повозрасни кои се обидуваат да изгледаат како тинејџери. Какви се овие времиња во кои вредноста се мери според големината на атрибути, наместо според вистински важни критериуми и вредност.
Живееме во некое време во кое не е тренд да бидеш искрен, да бидеш различен, да бидеш свој.
Важно е да имаш пари, скап автомобил, телефон и други парталчиња кои те дефинираат како некој. А всушност кој си ти? Некој роб кој пати за внимание, а тоа во суштина никако не успева да го добие.
Се намалува бројот на луѓето кои растеа во семејства каде не се исполнуваат сите желби по секоја цена, каде почитта беше врвот кој мора да се заслужи. Се намалува бројот на луѓето кои сметаат дека семејството е најважната алка. Дека за него вреди секоја битка. Дека не е сѐ прифатливо и добронамерно, дека мора да постојат граници. Се намалува бројот на луѓе кои мислат дека неисправното носи последици и штета, а тие не можат да се избришат со гума, така едноставно. Се намалува бројот на луѓе кои мислат дека малку е доволно. Се намалува бројот на луѓе кои сметаат дека човечноста е исправна. Се намалува бројот на луѓе кои сметаа дека визурата не е најважна. Важно е што има под неа. Апетитите денес растат. Важно е каква слика ќе се испорача. Таа мора да е совршена, па дури и да не е вистинска. Само нека сјае. Така може лесно да се продаде.
Колку заглавивме? Каде згрешивме? Можеби во трката да бидеме како другите, заборавивме на личниот идентитет, на вредноста, образот, моралот и чесноста. Но уште повеќе, заборавивме дека ние треба да бидеме пример за своите деца, еднакво како што тоа го правеа нашите родители за нас. Можеби не беа совршени како по некој прирачник за родителство, но сите ние се сеќаваме на смеата и љубовта кои ги имавме, на топлината на домот, на вредностите кои ги споделувавме, на безгрижноста со која растевме… Сликите можеби не беа совршени. Но беа убави, затоа што беа реални.
Денес и тоа малку, може да се изгуби. Зад екранот на мобилниот, додека типкате на тастатурата, наместо да читате заедно приказна за добра ноќ. Во погледите на голите тела кои се нудат како храна на тацна, додека љубовта се бори да го одржи жарот кој бледнее полека…
Кој знае. Можеби е оваа некоја фаза и ќе ни помине. Сепак, не ми сопира впечатокот дека ова се чудни времиња, сè се купува и продава. Но, не е сѐ за распродажба, па дури ни по секоја цена.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска